Гласот на жените сè уште не се слуша во разговорите за климатските промени

Студија на случај во Бразил укажува на длабок родов јаз кој сè уште треба да се премости во дебатата за креирање политики.

Ефектите од климатските промени немаат исто влијание врз сите: Ранливите групи секогаш поминуваат полошо. Оваа разлика е очигледна дури и кога овие групи не се малцинства, што е случај со жените – половина од светската популација. Една нова студија на случај од Бразил покажува дека дури и кога во процесите на креирање политики се вклучени голем број учеснички, како и различни сектори на локалното население, тие сепак го ограничуваат учеството на жените.

Тим истражувачи кои беа вклучени во партиципативен процес во планирањето на ублажувањето на климатските промени во Пирачикаба, град во државата Сао Паоло, издадоа публикација посветена на родовиот јаз и климатските промени. Коавторката Нара Перобели, консултантка на проектот „Pira no Clima“ во непрофитната организација Имафлора и работната група за родов идентитет во Бразилската опсерваторија за клима, учествуваше на состаноците одговорни за Партиципативниот план за прилагодување и ублажување на климатските промени во Пирачикаба.

Од април до септември 2020 година, Перобели следеше 30 настани, вклучително и дијалози, специфични тематски состаноци, собири на работни групи и работилници. Овие настани вклучија стотици учесници и се одржаа на Интернет поради постојаната пандемија на Ковид-19.

Студијата открива дека и покрај тоа што жените и ЛГБТИ сочинувале повеќе од 80% од јавноста во партиципативните дијалози – дефинирани како дискусии за политики со цел да се слушне гласот на жените, ЛГБТИ заедницата и другите маргинализирани групи биле поканети како говорници или медијатори само во половина од овие настани. Главните резултати од студијата се предмет на истражување што авторите ќе го презентираат на есенскиот состанок на AGU на 8 декември.

Непропорционални ефекти предизвикани од климатските промени

Проблемот, според Перобели, не е во тоа што жените не зборуваат. Тие го прават тоа, но мажите не секогаш ги слушаат. Таа виде дека овој модел се појавува повторно и повторно на настаните на кои учествувала. „Имаше случаи на манипулација и малтретирање во овие процеси. Пред да биде простор за зборување, партиципативниот процес е, пред сè, простор за слушање “, рече таа.
Перобели констатираше дека ЛГБТИ заедницата поминува низ слична ситуација.

Недостатокот на застапеност на овие дијалози, како што тоа го гледа коавторот на Перобели, Изабел Гарсија-Дриго, започнува пред самиот процес на планирање. Методологиите што обично се користат за проценка и мапирање на ризик се недоволни за да се справи со широкото и сложено прашање на застапеност.

„Проценките на ризиците за климатските промени не се расчленети според родот и заслужуваат некое преиспитување. И ние зборуваме за региони во Сао Паоло, најбогатиот град во Бразил, кадешто има интересно институционално напредување во однос на учеството на јавноста во креирањето политики“, рече Гарсија-Дриго, координатор на проектот за клима, снабдување со земјоделски производи и шуми во Имафлора.

„Жените се секогаш во првите редови во однос на ранливоста, но не и во донесувањето одлуки.“

Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени го потенцираше родовиот јаз, односно родовиот идентитет како една од нејзините теми за дискусија. Во извештајот за 2019 година, групата ги идентификуваше податоците разделени според род и пол за да бидат „најефикасните и најкритичните алатки за идентификување на различните влијанија“ UNFCCC, исто така, препорачува земјите да работат за да ги препознаат различните ефекти на климатските промени врз идентитетите, покрај родот, при собирање податоци и спојување на проценки на ранливост.

Родот не е најчесто пристапена димензија во дебатата за политиката за климатски промени, но треба да биде, потенцираа Перобели и Гарсија-Дриго. „Во руралните области, жените имаат важни улоги во користењето на водата како и во семејното земјоделство. Во градовите, на нив повеќе влијаат прашања како што се урбаната мобилност, на пример“, објасни Гарсија-Дриго. „Тие секогаш се во првите редови во однос на ранливоста, но не и во донесувањето одлуки“.

Податоците од Обединетите нации ги потврдуваат набудувањата на Гарсија-Дриго. Според Обединетите Нации (ООН), 70% од повеќе од една милијарда сиромашни во светот се жени. Во посиромашните заедници, жените се одговорни за снабдување со вода и дрво за да обезбедат енергија за готвење и греење, а освен тоа, тие исто така се занимаваат и со земјоделство за да преживеат. Земајќи предвид дека природните катастрофи имаат тенденција повеќе да ги погодуваат сиромашните, жените најверојатно ќе бидат меѓу популациите кои се најмногу погодени од ефектите на климатските промени.

Според Миријан Дел Векио де Лима, професор по комуникација на Федералниот универзитет во Парана, Бразил, кој работел со управување со климатските промени, еден интересен аспект што го нагласува новата студија е тоа како се одржуваат традиционалните родови улоги дури и во партиципативните процеси во креирањето политики.

„Мажите беа многу поприсутни во дискусиите околу адаптацијата и ублажувањето на климатските промени отколку во оние за родовата или социјалната нееднаквост во кои доминираа жените“, рече таа.

Source Eos