Интервју со Глигор Кондовски: На уметникот му е потребно бунтовничко будење и заедничко делување против партизацијата на политичката сцена

Глигор Кондовски е интердисциплинарен уметник кој професионално се занимава со композиција, фотографија и филм, а работи и како професор по виолина. Во интервјуто за Платформ, разговаравме за македонската културна сцена и нејзиниот развој изминативе години, влијанието кое транзициониот период го имаше и врз развојот на музичката сцена, но и врз развојот на културната продукција, и за инклузивноста на жените музичaрки во практичното работење, како и во академијата - разоткривање на степените на сегрегираност на жените во музичкиот свет и во литературните дела кои се достапни во нашите академски институции.

Неодамна, кон крајот на 2020 го издаде албумот „Беседа“ за издавачката куќа „Шарла“. Што најмногу те инспирираше при создавањето на композициите? 

Некаде во 2019 година, продуцентот на Шарла, Давид Ангелевски, ми пиша дека сака да ми издаде албум. Одамна сакав да ми се издаде албум од страна на македонска независна дискографска куќа бидејќи зад предходните три албуми стојат странски издавачки куќи. Прво, беше издаден албумот “Here” во вид на амбиентален звук и саундскејп комбинација, а при крајот на 2020 година, Давид одлучи да го издаде и албумот “Беседа” кој е различен во тоа што е за соло виолина од импровизациски карактер.

Беседа е албум со приказни од нашето секојдневие и носи свои активистички пораки во себе. Има шест композиции кои самите по себе носат звучни илустрации од импровизаторски карактер инспирирани од општеството и културата во која живееме денес. Самиот збор беседа го одразува раскажувањето, наспроти импровизацијата на еден софистициран, сензитивен инструмент каде и културата која ја поседувавме, е фрлена во ровови од каде нема враќање назад. Импровизацијата е слободниот пристап на современата музика која во високите културни друштва во ЕУ егзистира веќе подолг период. Од друга страна, мислам дека кај нас луѓето не се спремни за овој стил на “live improvisation” затоа што восприемањето е поврзано со свеста, увото, како и мислата, се уште немаат зрелост на новите уметнички правци кои не се експериментални, туку се надополнување во музичката уметност.

До која мера влијаеше (и се уште влијае) пандемијата врз твоето музичко и фотографско творештво? 

Пандемијата до некаде е лоша, до некаде е и добра. Преку неа сме сите ставени на тест за културата во една земја од каде нема прикриеност. Ние и пред Пандемијата бевме зачинети со медиокритети, а пандемијата не е проблем за аудиториумот кој сака да следи културни настани. Многу луѓе на социјалните мрежи полесно следат настани во светот бидејќи секој од нас не е во можност да оди и да присуствува, а од друга страна, тестот е во тоа дали аудиториумот во оваа земја ќе го искористи тој момент на културно битисување и созревање. Сепак, жално е за сите оние културни работници што останаа без работа, но многу од нив се снајдоа добро да се презентираат себеси на социјалните мрежи, каде светот беше највеќе сконцентриран. Јас лично го искористив времето за музичка творба.

Според тебе, како би можела да се подобри независната уметничка сцена во Македонија? Што најмногу ни фали? 

Се плашам да кажам дека ние талкаме и сме во некоја заспана варијанта со независната уметничка сцена и дека нема отвореност за разговори, подобрување во критериумите и создавање подобри услови. Денес кога светот ни е на дланка, и кога можеме да се издигнуваме полесно како индивидуалци, ние немаме капацитети да создаваме ниту заедница, а далеку сме од индивидуалност која ќе вроди оригинален плод. Се бараат луѓе кои ќе бидат поставени на вистинските места. Институциите кои треба гласно да зборуваат преку уметноста, на вистински и квалитетен начин, се запоседнати со истите луѓе и ја водат скоро истата политика која води кон затворени кругови и сокриена хегемонија со образложение дека сепак редот мора да е воспотавен, а дали има критериуми е неважно! Во институциите постои латентна експлоатација, преку бирократијата, а и во организираноста нема заедништво, па и затоа нема ниту индивидуалност, туку само кланови и шеми кои седат удобно во својата зона, не пуштајќи квалитет внатре за да не им се загрози просторот кој го имаат запоседнато. Секогаш зборувам за тие критериуми кои можеме да ги создадеме за кратко време, а ние не сакаме, затоа што така ни одговара, и затоа ги немаме.

Системите ни се измешани во нашите глави, талкаме и лутаме и веруваме дека секој од нас може преку ноќ да стане уметник затоа што може да ја стави во состав на “алатки” преку која може да испере пари на проекти, но не е така. Да се занимаваш со некаква уметност е исто така професија и занает и бара жртва и долго време работа за да се стигне потребното искуство. Луѓето посветуваат часови и часови вежбање на инструменти, компонирање, години и години цртање, пишување сценарија, книги, години созревање во филмот. Мислам дека независната сцена бара рефреш на нови луѓе и бара обновување на посветени луѓе кои ќе работат кон тоа да се прекрши тој мраз на некаква “елитна авангардна заблуда” која заспано фаќа простор и време, живее во минати дејствија од кои не учи, туку само ги копира и фантазира како некогаш чекорела културата на овие простори која не е ниту во еден сегмент зачувана во нашето општество.

Desonanz Фестивал, 2012; приватна архива.

Уметникот на овие простори мора научи дека не треба да работи како индивидуалец сам за себе, или никој со никого и на крајот да остане уметник за себе. Секаде има проблеми, но кај нас веќе не е проблем, туку е најлошото, а тоа е: игнорантност и заспаност во стереотипна магла на предрасуди. Ова е одговор на предходното непотистичко движење кое уништи генерации, за да сега како “ехо” го гледаме одговорот и да се чудиме зошто младите талентирани луѓе не сакаат да се занимаваат со уметничките професии, а тие што се занимаваат да бегаат оттука. Се оправдуваме дека секаде во светот е така, но свесно гледаме дека не е така. Мора да се раскине “ткивото” на пост-непотистички синдроми на оние фамилијарни врвки кои не носат во пропаст, прават опструкција на уметноста, паралелно, култура која државата треба да ја финансира како што тоа е случајот во голем број европски земји, или низ светот, и најважно – да не си ги “приватизираат” државните културни институции од одредена група на ксенофобични и користољубиви луѓе, за да може и независната сцена да си продолжи по патот и заслужено да го носи името “независна”.

Фото: Глигор Кондовски; приватна архива.

Најпростата формула на уметникот е на луѓето да им го направи животот поубав и поблагороден, ако “убавината го спасува светот”. По, се изгледа, толку се работите измиксани, што како и сите други професии кои се поврзани со политичкиот свет, така и уметноста ја поставија на листата на политичкиот билборд. Но, кога уметникот гласно зборува во оваа земја и преку неа пробува да освестува и подобрува, тоа на хегемонските политички партизирани друштва, не им одговара. А, ние не сме излезени од тоа, за жал. Исплашени и повлечени, секој за себе, сите сме во коматизирано бунило, затворени.

Фото: Глигор Кондовски; приватна архива.

Мислам дека на уметникот му е потребно бунтовничко будење и заедничко делување против партизацијата на политичката сцена. Ни недоставува критичка маса на луѓе кои нема да зависат од ниту една политичка партија во оваа земја, уметници кои ќе знаат како отворено да дејствуваат во заедница, за да може да се изгради индивидуа која со свои ставови ќе зборува гласно. Можеби ни е потребна нова авангардна линија на млади уметници од сите области на уметноста која ќе поткрене иницијатива за подобрување на културниот живот во оваа земја, за да се нормализира и академската уметничка сцена, која и пред Пандемијата си трпеше поразителност и непочит.

Според вас, на кој начин би можело да се постигне поголемо ниво на инклузивност на жените композиторки, особено во Северна Македонија и на Балканот?

Мислам дека ние имаме недостатоци во академскиот музички живот, како и во контекст на интелектуалното ниво, така и во квалитетот. Веќе не се работи за мажи и жени, туку за тоа што сме и кои сме во уметничкиот свет, и како тоа го апсорбира нашата земја. Прво треба да имаме соодветна музичка, академска содржина на луѓе, па потоа да зборуваме дали се интегрирани мажи и жени. Ние немаме соодветни критериуми за тоа како треба да звучи еден класичен изведувач, еден композитор од различни видови жанрови, па да не зборуваме за современите академски содржини кои за нас останаа “научна фантастика”.

Во класичната музика, се уште кај нас не може да се забележат жени кои свират на одредени инструменти за кои се уште се верува дека се само машки инструменти. Се уште постојат домашни влијанија дека жената кај нас треба да свири пијано, виолина, харфа, но не и хармоника, хорна, труба, тромбон, а со тоа не се отвора ниту простор на вистинските уметници да дојдат до институциите, за и тие да имаат корист од нив и академскиот класичен свет да стане посериозен и поквалитетен.

Дали имате сознанија за образовните материјали кои се користат Македонија? Според вас,  дали е потребно да постои поголема застапеност на научни трудови посветени и на жените музичарки, како и релевантни факти поврзани со родовиот идентитет и нееднаквоста на музичката сцена на глобално ниво?

Низ историјата многу жени композиторки биле игнорирани и воопшто не им се давала шанса изедначено да се образуваат како и мажите. Но, иако делумно мал процент, некаде низ историјата на останатите европски држави, се појавува и по некоја жена композиторка. Да, се согласувам дека треба да се повеќе интегрирани жените и исто така и тие да можат да бидат како композиторки, така и диригентки.

Жените треба да имаат подеднакви права и да им се дозволи слободно да го работат овој уметнички занает како што тоа го прават и мажите. Кај нас, потребно е многу да се работи за и самите жени се охрабрат додека се млади да им се овозможи образование. Ние имаме проблем со тоа што квалитетните млади талентирани луѓе во оваа земја пропаѓаат, без разлика дали се мажи или жени. Потребно е да се работи на нив, а не да се создаваат проекти со кои само повеќе се дискриминира.