ОЈО Велес продолжува со виктимизација на жртвите кои пријавуваат насилство и силување

ОЈО Велес продолжува со својот нестручен, неодговорен, и на штета на жртвите третман на пријавите на деликатни и тешки кривични дела како што се делата насилство и „силување“.

ОЈО Велес продолжува со својот нестручен, неодговорен, и на штета на жртвите третман на пријавите на деликатни и тешки кривични дела како што се делата насилство и „силување“.

По погрешната класификација на делото „нужна одбрана“ во „убиство во миг“ во случајот со Пале кој ја вознемири јавноста (погрешната класификација беше потврдена и преку ослободителната пресуда) овој пат јавноста е вознемирена од одбивањето воопшто да се отвори истрага по кривичната пријава за физичко насилство и силување од страна на Моника Јованова од Велес, со образложение дека немало докази.

 

И покрај евидентните физички повреди на фотографиите нема обвинение за пријавениот ни за нанесување телесни повреди, односно обвинителството ја упатило девојката ако сака и ако смета, сторителот да го гони со приватна тужба што би ја поднела до обвинителството.

Моника до обвинителството доставила и мислење од гинеколог кој ноќта кога пријавила ја упатил на судска медицина.

Еден генерален поглед на образложението на оваа одлука[1] укажува на нестручно постапување во следните аспекти:

Двојна или тројна, односно повеќекратна виктимизација на жртвата при испитувањето – принудување во неколку наврати да го прераскажува чинот на насилство пред различни лица, што е форма на испитување која се третира како застарена и дополнително трауматизирачка за жртвата.

Како дополнително вознемирувачки елемент е тоа што во март минатата година обвинителка од Велес побарала и направила направила реконструкција на силувањето во кола, во присуство на жртвата и пријавениот насилник, изложувајќи ја жртвата на повторна виктимизација и психички трауми.

Реконструкцијата била побарана, затоа што (очекувано м.з.) верзиите на жртвата и на пријавениот биле различни. Реконструкцијата за вакво чувствително дело е редок случај во судската пракса и во конкретниот случај претставува двојна виктимизација и трауматизирање на жртвата поради што Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи поднел претставка против обвинителката.

Реконструкцијата е овозможено со Законот за кривична постапка, но истиот тој закон забранува натамошно изложување на опасност на психичкото и физичкото здравје, во случајов на девојката која пријавила силување.

Таа за медиумите раскажа дека при реконструкцијата на настанот морала да стои до насилникот и да го гледа како ѝ се смее во лице

Вознемирена од отфрлањето на нејзината пријава Јованова за Либертас изјави дека е шокирана од одлуката но дека нема да се откаже, ќе ја обжали и ќе продолжи да се бори:

-Во шок сум, вознемирена сум. Не ми се верува каква одлука донесоа. Но нема да се откажам од борбата. Ако ова ми го прават мене, која веднаш ги следев сите чекори и ја собрав цела документација, не сакам ни да замислам со што се соочуваат другите жртви. Институциите треба да не заштитат од насилниците, а не дополнително да не виктимизираат и вознемируваат – изјави Јованова.

Нејзината мајка пак рече дека илјадниците кампањи за борба против насилство инсистираат на пријавување, но нејзината ќерка која пријавила, е сега во депресија и затворена дома додека насилникот е на слобода.

Инаку, случајот во јавноста беше обелоденет преку медиумите кога ОЈО Велес беше прозвано бидејки цели шест месеци после пријавувањето случајот беше заглавен во обвинителстовото.

Јованова тогаш  за ТВ 24 раскажа и со документи и фотографии го поткрепи случајот во кој вели дека била брутално претепана и силувана од поранешното момче ноќта на 2 август мината година. Грозоморниот чин се случил во неговото возило на автопатот Скопје-Велес, на враќање од кафе ресторант каде биле да разговараат, а Моника одбила да ја продолжи врската со него.

Генералниот однос на ОЈО велес кон овој случај, одолговлекувањето на постапката, виктимизирањето на жртвата, кое кулминира со непрофесионално и вознемирувачки направена реконструкција го дава одговорот на душегрижничкото прашање „Ама зошто не пријавила?“

[1] Образложение долго 13 страници за кое Хелсиншкиот комитет за човекови права најави детално соопштение.