Од „пионерски“ спорт за жени, до засенет спорт поради културата на злоупотреба. Што се случи со женската гимнастика?

Злоупотреба на деца, сексуално вознемирување и нарушена исхрана: ова е застрашувачката приказна откриена во неодамнешниот извештај на Комисијата за човекови права за гимнастика за жени во Австралија.

Како дојде до ова?

Поранешната меѓународна гимнастичарка и историчарка на спортот, Џорџа Цервин, вели дека навлегувањето до корените на гимнастиката ги открива почетоците на темниот облак што го следел спортот. Во 1933 година, Меѓународната гимнастичка федерација воспостави гимнастика за жени. Првиот меѓународен натпревар следеше следната година, во Будимпешта. Д-р Цервин вели дека ова било време кога, во земјите ширум светот, луѓето биле загрижени дека жените кои се занимаваат со спорт може да изгледаат „неженствени“ или премногу мускулести или ризикуваат да и наштетат на нивната репродуктивна способност.

Гимнастиката беше создадена како спорт „соодветен за жените.“ Тој беше „креиран за да ја прикаже женственоста.“ изјави д-р Цервин за ABC RN’s Sporty. Но, исто така беше „пионерски спорт“ по тоа што во голема мерка беше контролирана од жени. “Имаше женски комитет кој одлучи како ќе изгледа овој спорт, како ќе се управува. Тренерите мораа да бидат жени. Судиите мораа да бидат жени,” вели д-р Цервин.

“Тоа им ја отвори вратата на жените во спортот воопшто, да кажат,” еј, жените можат да учествуваат. И не само што не е штетно за жените, тоа е всушност навистина добро за нив и тие уживаат во тоа .”

 

Влијанието на рускиот балет и циркус

Гимнастиката стана олимписки спорт во 1952 година, во истата година кога Советскиот Сојуз беше примен на игрите. Тоа беше и времето на студената војна. Студената војна не влијаеше само на гимнастиката, туку „навистина ги зголеми влоговите на игрите, од еден вид пријателски меѓународен турнир, до оваа платформа за докажување на идеолошката национална надмоќ,“ вели д-р Цервин.

До 1970-тите, Советскиот Сојуз значително влијаеше врз женската гимнастика, внесувајќи две големи влијанија врз спортот: балет и циркус. Спорт кој во голема мера ја промовираше префинетоста и флексибилноста, започна да се развива во спорт кој беше многу поакробатски, како што е и денес. За Русите, балетот имаше голем културен престиж, а циркусот беше важна културна забава; тие сакаа да ги покажат и двете во гимнастиката, вели д-р Цервин.

„Значи, тие започнаа да внесуваат многу повеќе трикови од оние кои имате можност да ги видите денес“ вели таа.  Ова придонесе до културата на претерано тренирање – од младите тела се бараше да го постигнат навидум невозможното.

Во прегледот на гимнастиката во Австралија, извештајот на Комисијата за човекови права откри дека вежбите за зголемување на силата и кондицијата често се користат како казни за гимнастичарите. Спортот беше пред своето време во поттикнување на вклучување на жените во спортот, но сепак во голема мера беше изразена родовата нееднаквост. Правилата на спортот остануваа „специфични за родот,“ вели д-р Цервин, утврдувајќи дека жените „треба да се однесуваат многу пасивно и флуидно, додека мажите треба да покажат бавност и сила.“

Гимнастичарите стануваат помлади

Другата голема промена што се случи околу 70-тите години на минатиот век беше прилив на машки тренери во спортот, бидејќи спортските тренери во целиот свет се професионализираа, преминувајќи од доброволна во платена професија.

„Мажите почнаа да стануваат тренери во женска гимнастика околу тоа време, бидејќи гимнастиката стана навистина популарен спорт со огромни можности за станување славен/славна ако сте спортски тренер во некоја од дисциплините во гимнастиката“ вели д-р Цервин.

Таа вели дека ова „ја сменило динамиката“ на спортот, „меѓу тоа кој тренира гимнастика, а кој е тренер“.

Додека на Олимписките игри во 1952 година повеќето гимнастичарки беа жени во нивните 20-ти и 30-ти, до 70-тите години на минатиот век таа возраст драматично опаѓаше, со појавата на „идејата дека телата на младите девојчиња се понеутрални од телата на жените,“ изјави д-р Цервин. “Нема гради, нема колкови. Девојките се навистина силни.“

„Така, всушност, девојчињата стануваа се повеќе слични на момчињата и мажите со кои машките тренери претходно работеа.“ Д-р Цервин тврди дека работењето со возрасни жени барало „сосема поинаков вид експертиза“ за тренерите и различни режими на обука за различната биомеханика: „различниот облик на телото, различниот сооднос на силата и тежината.“ Наместо да прифатат поинаков режим на обука за жени, тренерите бараа поинаков пристап.

„Решението на многу тренери беше специјално да работат со млади гимнастичарки, бидејќи е полесно и тие имаат сличен физички изглед како момчињата“ вели д-р Цервин. Помладите гимнастичарки, особено тинејџерките, станаа поистакнати, а сликата за помладото женско тело стана дел од естетиката на спортот.

„Луѓето во спортот кои се постари, кои се способни да продолжат, беа под овој притисок да го одржат изгледот на своето тело како што изгледало пред да влезат во пубертет за да се вклопат,“ вели д-р Цервин.

Таа тврди дека во тоа време се формирала опасна култура меѓу младите гимнастичарки, во која девојчињата биле „социјализирани за да бидат послушни, да не поставуваат прашања, да не бидат тешки за справување, да бидат навистина пријатни.“

Од друга страна, беше целосно нормализирано и прифатено дека тренерите треба да бидат „цврсти, силни и упорни.“ “Како тренер, тоа многу ви ја олеснува работата, бидејќи никој не ве предизвикува. Тие го прават она што ќе им биде кажано. И така младите гимнастичарки се подложни на злоупотреба, заради начинот на кој биле условени да се однесуваат, ” вели д-р Цервин.

Укинување на „застарени родови идеали“

Извештајот на Комисијата за човекови права во австралиската гимнастика даде серија препораки, главно околу управувањето со спортот и образованието и отчетноста за тренерите. Но, д-р Цервин би сакала реформите во спортот да одат чекор понапред.

„Би сакала минимална возраст за натпреварувачката гимнастика да биде 18 години,“ вели таа. Таа исто така би сакала „застарените родови идеали“ на спортот да бидат разрешени. „Она што би сакала да го видам е повторно врамување на родот во гимнастиката.

„Во моментов е многу бинарно: жените се бават со женска гимнастика, мажите со машка гимнастика. Но, наместо тоа, би можеле да ги имаме истите справи или настани без разлика на родот на спортистите, за тие да можат самостојно да изберат со каква дисциплина би сакале да се бават.

“Ако постои само една родова улога конкретно за секоја справа за вежбање, доаѓаме до еден вид на униформно разбирање за тоа како всушност изгледа добрата гимнастика, а ние сакаме да се ослободиме од некои од овие проблеми што ги гледаме, особено во женската гимнастика.“

 

 

Source ABC