Фемицидот и државата

Годините минуваат брзо, бројот на жртвите расте, а институциите упорно одбиваат соодветно да го препознаат фемицидот како кривично дело.

Освен што значително ги разниша столбовите на економијата и меѓународните односи, пандемијата КОВИД-19 успешно продре до најранливите општествени категории и повторно отвори безброј дебати за суровото македонско секојдневие, потсетувајќи нѐ дека безбедноста на жените е само привидна. Само во мај, 2020 година, за време на вонредната состојба во Македонија, беа регистрирани 2 фемициди во рок од две недели. Во периодот по објавувањето на двете убиства, забележани се реакции од страна на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Хелсиншкиот Комитет за човекови права и други организации. Сепак, релевантните институции како и по обичај ги премолчеа настаните.

Навременото, адекватно и ефектно транспонирање на легислативата на Европската Унија, како и ратификувањето на меѓународните правни акти и правилната имплементација на истите е обврска на секоја држава која се стреми на подобрување и зајакнување на систематизираните правни норми, но и на целокупниот квалитет на животот на граѓаните. Очигледно, забележан е позитивен напредок во транспарентното усогласување на домашните правни акти со меѓународните, но само во конкретни сфери. Кога се работи за родовите прашања, односно еднаквиот пристап и дискриминацијата врз основ на родовиот идентитет, наеднаш државните тела снемуваат капацитет и експертиза. Веќе со години бесрамно се пролонгира унапредувањето на домашната легислатива во поглед на горенаведените прашања, особено земајќи ја предвид веќе ратификуваната Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска Конвенција) , како и Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.

Со самото ратификување на Истанбулската конвенција, државата за момент покажа знаци на освестување од долгогодишниот сон во којшто мизогините политики беа нашето секојдневие. Притоа, беше очекувано дека следниот потег би бил почитување на законските обврски за соодветно имплементирање на конвенцијата во целост, а со тоа и овозможување на ефикасни начини на спречување на стапката на психичко и физичко насилство врз жените. За жал, до ден денес, напредокот е скоро невидлив, а родово заснованото насилство сѐ подлабоко се вкоренува во секоја општествена сфера. Годините минуваат брзо, бројот на жртвите расте, а институциите упорно одбиваат соодветно да го препознаат фемицидот како кривично дело.

Институционалниот отпор и изборот на одлучувачките тела да го игнорираат овој проблем и конечно да го препознаат фемицидот како кривично дело ни дозволува да констатираме дека убиствата на жените само врз основ на тоа што се жени, очигледно не претставуваат приоритет во оваа држава. И покрај сериозноста на самото дело, кое всушност ја претставува најтешката форма на насилство на којашто една жена може да биде изложена, истото ниту е сфатено сериозно, ниту пак претставува приоритет. Оттаму, лесно е да констатираме дека ако безгласните државни тела веќе меѓусебно си решиле дека фемицидот не заслужува да биде ставен на нивната приоритетна листа, ниедно од останатите родови прашања нема нешто особено да ги заинтригира. Ако убиството не се сфати сериозно, дали воопшто ќе се обрне внимание на психичкото насилство или пак на секојдневното вознемирување од страна на партнерот? Нормализирањето на овие чинови ја продлабочува структурната дискриминација, ги одобрува и прифаќа традициите и стереотипите и не дозволува да продолжи природниот развој на државата којашто никако не успева да избега од трулите стеги на патријархатот. Не е нималку чудно што ратификувањето на конвенциите и имплементирањето на меѓународните правни акти немаат некое особено значење за нашата правна рамка – тие постојат само да ни ја покажат привидната слика на суровата реалност којашто ни ја сервираат лица кои имаат моќ, но немаат ниту грам елан и желба за подобрување на животот на безброј жени – жртви на долгогодишно психичко и физичко насилство.

Според Анализата на случаи на фемициди на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство од 2018 година:

“Кај повеќе од 60 проценти од анализираните случаи на убиства на жени во Македонија кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого живееле во заедница. Иако во голем дел од случаите насилството не било пријавувано во соодветните институции, сепак постоело и се случувало зад затворени врати. Сведоци на претходно насилство најчесто биле децата, како и поблиското семејство на жртвата. Дури и во ситуациите каде сторителот бил со нарушено психичко здравје и имал поставена дијагноза од стручно лице – психијатар, промената на однесувањето не била никаде пријавена или регистрирана.

Во повеќе од 80 проценти од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата. Овој факт нè носи кон заклучок дека жените во Македонија се најнебезбедни во својот дом.

Најчесто користено оружје за извршување на убиството е огнено оружје – пиштол. Само во мал процент сторителите поседувале дозвола за оружје.
Изразен и силен гнев е присутен во голем дел од случаите на фемициди. Користените комбинирани методи/оружја за да се лиши од живот жртвата, укажуваат на решителноста на сторителот да го заврши започнатото.”

Иако постојат детални анализи кои во последниве неколку години јасно и концизно укажуваат дека итно треба да се одговорат прашањата во однос на криминализацијата на физичкото насилство и начините на намалување на стапката на прекршување на човековите права, не се забележуваат значително позитивни промени. Уште колку вакви приказни со фатален крај треба да излезат на виделина за да почне да се согледува сериозноста на проблемот? Кривичните дела и самата структурна природа на истите не треба да се разгледувани низ призма на статистика, само кога има потреба од адекватно известување, самопромоција и фалење со позитивниот државен прогрес пред органите на ЕУ. Намалување на стапката на физичко насилство е државна обврска, а не избор.

Превземено од www.meduza.mk