Поради пандемијата на КОВИД-19, се соочуваме со рестриктивни мерки кои досега ни беа комплетно непознати. Какво е чувството да се застане на театарската сцена и зад неа во новата нормалност?
Драгана Гунин: Денеска на проба разговаравме за чувството на безбедност и до каде може да нè однесе потребата од него. Значи јас во процес се водам од потребата да ги заштитам актерите и соработниците а во исто време да постигнам автентичност, отвореност и искреност во актерската игра и покрај отсуството на допир и задолжителната дистанца. Тој начин на работа ја отсликува и естетиката на театарската претстава а тоа подразбира поголема свесност, чувствителност и грижа едни за други, како човечки суштества а потоа и како партнери. Така да, точниот опис за мене е постојана состојба на будност, свесност и солидарност односно тоа што секогаш би требало да се одлики на театарот.
Ангела Стојановска: Почнавме пред КОВИД-19 и едвај чекав да излеземе на сцена, излеговме, ја пречекавме пандемијата и си заминавме по дома. Пред недела дена се вративме назад и од денешна перспектива како да не се случило ништо, бар кај мене, на емотивно ниво, ама на секое останато се гледа разликата. Работиме во мали групи, нема никакви допири, држиме дистанца и тоа се реални пречки кои мора да ги надминеме и да ги натераме да ни станат од корист во претставата. Глупаво е да ја лажеме публиката дека се е во ред, ништо не е во ред, ама тоа не значи дека треба да престанеме да живееме и работиме.
Жарко Јовановиќ: Непосредно по читањево на самото прашање, си потикнав дилема дали именуваната нова нормалност да ја став со или без наводници, па, решив тоа директно да го нагласам, без да украсам со интерпукциски знаци. Нормално, индивидуализмот треба да е примарна работа на една персона и ја не би во истава да навлегувам и генерализирам, па, поради тоа за право ке си земам да напрам паралела од некои други времиња. Од Византија, преку карактерните спецификации кои ги носеле Месопатамците… ах, да, иронично ке е да ги изоставам и Индијанците, но, веќе наговестувате што ми е суштина. Низ историјата симибозата панта реј се применувала и сосема разбирливо е дотичнава теза да е застапена како во сегашноста, така и во иднината или во превод секое време си носи свое бреме.
Драгана, се решивте да поставите текст на Молиер којшто датира од 17-от век. Што ве поттикна да ја поставите оваа драма денес и дали тој подлежи на трансформации соодветни на сегашниот развој на театарот и перформативните уметности?
Драгана Гунин: Овој текст требаше да биде поставен 2016/17 ама сега гледам дека и драмите си го бараат и наоѓаат времето во кое ќе заживеат на сцена. Сакав да работам комедија и во однос на карактери, типови и ситуации, текстовите на Молиер се најотвореното место за критика и исмевање првин со себе самите и околината а потоа и целото општество. Интересен податок е дека Молиер пишува во време на пандемија исто така, па според некои наративи се поклопува со нашиот живот моментално. Ние како екипа во самиот текст додаваме и наши искуства од неколку месечниот карантин и се надоврзуваме на сцените од “Вообразен болен”.
За мене се многу драги тие моменти и позиции од кои се поврзуваме со екипата, па потоа со Молиер и на крај со публиката.
Како да е сè во право време и на право место.
Ангела и Жарко, дали сте возбудени за вашето прво појавување на театарските штици по неколкумесечната пауза? Дали мислите дека ќе биде поинаков односот со публиката земајќи ги предвид новите рестриктивни мерки поради пандемијата?
Ангела Стојановска: За мене, „Вообразен болен“ е првиот проект на театарската сцена во мојот роден град, откако се запишав на ФДУ, а тоа ме прави неизмерно среќна. Дур студирав првата испитна претстава во која заиграв беше „Стаклена менажерија“ на Драгана и веројатно сега дојде време да го затвориме тој круг. Инаку годинава за мене беше полна со работни планови и пред да продолжиме со овој процес јас само што завршив со „Иднината е приватна“, независен проект на Пресврт во режија на Милош Андоновски. Таа претстава доживеа премиера онлајн, имавме само еден човек во публика за да ја запазиме дефиницијата за театар, а ова е сосема поразлично. Сигурна сум дека односот ќе биде поразличен, да играш во сала со 30% пополнет капаците, со публика на која 2/3 од лицето и е покриено со маска…не може да биде исто. Од друга страна, јас сметам дека публиката донекаде е срамежлива во своите реакции, па можеби маските ќе им ја намалат тремата и ќе дозволат да се опуштат и уживаат повеќе.
Жарко Јовановиќ: Возбудени? Нерамнотежноста во светот која е потикната од страна на пандемијава ни носи простор за многу неодговорени прашања, па, врз основ на овој колоритен приказ би си земал за право да помислам што е конкретно возбуденост. Самата терминологија опишува емотивно чувствуа, ни Фројд истава не можел да ја дефинира, па, не би ни јас, но, само сакав да ја потенцирам со цел да скренам внимание бидејќи е често користена, но, не и разјаснета, што е парадоксално.
Инаку, занемарувајќи го горепишаново, ќе се обидам да одговарам конкретно и концизно како што мнозинство се навикнати кога е во прашање дотичнава терминологија и ке се одважам дека многу повозбуден бев кога го правев мојот прв станд ап настап или подобро би рекол моето one person show бидејќи тоа беше нешто што досега го немав искусено како искуство. За разлика од тоа, театарските проби ми се познат дел, па после неколку месечна пауза мислев дека ќе биде рутиниран процес на спремање, но се се спознав себеси на друг начин бидејќи за прв пат претстојнава претстава што ја подготвувам ми понуди атипично позитивно чувство и исрекно многу се радувам. [sic]
Во контекст на современиот театар, дали сметате дека поставувањето на „Вообразениот болен“ ќе биде во реципроцитет со новите општествени и културолошки промени кои континуирано се случуваат во денешницата, осврнувајќи се и на родовата застапеност и (не)еднаквост во драмските уметности?
Ангела Стојановска: „Вообразен болен“ ги содржи сите карактери со кои се запознавме подобро претходниве неколку месеци, драмата во својата основа се смета за сатира на медицината. Јас, денес, ја гледам како сатира на медицината која се предава и учи на социјалните мрежи. Во однос на родовата застапеност, Драгана има интересен пристап, каде што на сите актери им се дава подеднаква можност и простор да бидат дел од претставата. Тоа е реткост, и за човек како мене кој прв пат се впушта во работа во таа институција, огромен поттик.
Драгана Гунин: Сакам да верувам дека ќе биде така, затоа што на крајот на денот тоа е нашиот повик како работници во културата. Бар мојата позиција не ми дозволува да биде поинаку.
За мене лично театарот е место за радост, промени, бунт, слобода, вистина, поставување прашања, соголување, пркос, соочување, љубов а и осаменост. Бес, лутина, отуѓување па повторно зближување, надминување, почит, еднаквост, присуство кое смирува и отсуство кое боли. Некогаш и отсуство кое бара дејство. А театарот е простор за дејство, движење, емоција, другиот, себе, почетна точка и неограничување.
Ако таму се раѓа, обмислува и менува правецот и формата на мојата болка и таа добива поинаква смисла, тогаш одговорот е да.
Жарко Јовановиќ: И тоа како сметам! Дека поставувањето на Вообразениот Болен ќе биде во реципроцитет со новите општествени културолошки промени кои континуирано се случуваат во денешницата.
Сметате ли дека постои доволна институционална поддршка за културните проекти кои се случуваат во нашата држава, особено за време на овој кризен период?
Драгана Гунин: Што се однесува до Министерство за култура, претходните неколку месеци беа една долга неисполнета драмска пауза. Третманот спрема независните работници, хонорарци е проблем со кој треба да се позанимаваат институциите.
Хонорарците учествуваат во правење претстави кои потоа играат на репертоар во државни театри, а останаа запоставени и игнорирани, без примања, во време на пандемија. Јас се соочив со апсурдот дека никој не наоѓа за сходно да се бави со позицијата на таа група културни работници, на кој исто така припаѓам.
Знам дека многу луѓе се соочија со губење на своите работни места и сочувствувам со нив, меѓутоа сметам дека секој треба да проговори за себе, а ова е нешто кое најдобро го познавам. Исто така, театрите скоро добија протоколи, а цело лето имаше простор да се работи на отворено и веќе да има нови претстави. Според мене, долго траеше периодот на шок и прилагодување на новонастанатата ситуација.
Жарко Јовановиќ: Не сметам дека постои доволна подршка за културните проекти. Постојат и нови форми кои се јавуваат од изведувачки карактер како моето гореспоменато шоу кое што е иронија, бидејќи е повеќе подржано од локални газди на меани, отколку од институциите.
Ангела Стојановска: Институционалната поддршка е нешто што често го дискутирам последниве неколку години, но од позиција на независен уметник. Ако ги видиме одобрените проекти за 2019 година, државата има истурено сума од над 66 000 000 денари за програмите за драмска дејност на националните установи. Програмите за драмска дејност за 2020 година, никогаш не беа јавно објавени, ама претпоставувам дека сумата е слична. Да, поради пандемијата, голем дел од проектите не се изреализираа, ама ова е инцидентно. Зборуваме за огромна сума на пари, притоа овде никој не ги зема предвид средствата за подмирување на платите на административните работници, ансамблите и преостанатите тековни трошоци. Судејќи по реакциите на колегите ми изгледа дека нема ниту еден театар кој во целост ги поседува сите елементарни услови за работа. А ако сме искрени со себе и сите останати, институциите немаа решение за продолжување на работата на театрите до пред 2-3 недели. Веројатно зависи од нас како ќе ја дефинираме и ќе гледаме на поддршката, а јас како човек кој се провлекува низ институционалниот систем повремено, можам само да коментирам од страна. Во однос на независните уметници – дотолку нема ништо, што не ни се знае ни бројката.
Откако ги посведочивме можностите кои ги нуди современата технологија, мислењата за тоа како би требало да се развиваат перформативните уметности во иднина се поделени. Што мислите, дали луѓето ќе преферираат да гледаат претстави онлајн, или пак „стариот“ начин на изведување на сцена е сѐ уште првиот избор на гледачите?
Драгана Гунин: Мислам дека луѓето имаат потреба да излезат надвор, па дури и да значи тоа излегување од комфорна зона. Не знам дали можам и знам да дадам мислење за онлајн театар, затоа што за мене тоа е друга форма, а театарот значи овде и сега со публика во сала. Тоа му е природата. (Иако ги поздравувам сите обиди и начини да се создава и да се одржи контактот со публиката во вакво време.)
Наша задача е да им понудиме протокол кој ќе ги заштити и со кој ќе се чувствуваат безбедно (се враќам на одговорот од првото прашање). Пред неколку дена гледав претстава внатре, во сала, според сите мерки и сè помина во најдобар ред. Самата дистанца и носење маска наметнуваат поинаква комуникација па дури и тишина, за која порано немавме простор ниту идеја дека може да постои во оваа мера.
Одлично би било кога би можело да се тестира екипа која работи на одреден проект/претстава па оттука да се промислува понатаму. Кога нема простор за тоа, самите услови ти налагаат создавање на театар со поинаква суштина и форма.
Ангела Стојановска: Пандемијата ги тестираше сите наши сетила. Употребата на современата технологија во уметноста е нешто на кое треба да се поработи во нашата земја. Сметам, дека ретко и со страв ја користиме, особено во театарски претстави, а може да има толку многу позитивни аспекти. Независната сцена се обидува да го смени тоа, ама колку претстави може да продуцира истата годишно? Не мислам дека луѓе преферираат да гледаат театар онлајн, ама сум сигурна дека оние кои ги „мрзи“ да излезат во театар, можеби бар ќе си пуштат лајв стрим или снимка. Не е лошо да се обидеме да ги практикуваме и двете опции, дури и без пандемија.
Жарко Јовановиќ: Стариот начин.
За крај, би ви поставиле едно поопшто прашање во однос на културата. Како дејци во сферата на културата, дали сметате дека постојат работи коишто би можеле да се подобрат во тоа како се реализираат театарските проекти во Македонија?
Драгана Гунин: Уф, многу.
Првин, грижа и комуникација за/со културните работници. Мислам дека ова прашање толку многу го промислувам и одговарам во последните неколку месеци да самото зборување на темава ми снемува смисла кога нема или кога има доцен одговор од другата страна. Јас ќе кажам дека треба да се има слух за потребите и барањата на луѓето кои работат во театрите а и за независните работници, а кои беа заборавени уште во првиот момент. Одлично и болно е што овој цел процес ги открива и пукнатините во општеството, што функционира а што не и што треба да се поправи.
Значи, да одговорам прецизно, белите дробови на културата во Република Северна Македонија се оштетени многу подолго само што сега добивме сликовит приказ за вирусот преку вирус.
Жарко Јовановиќ: Секако дека сметам дека можат да се подобрат.
Ангела Стојановска: Не само што има работи кои може да се подобрат, туку во целост треба да се искоренат некои практики. И ова е тема на која може да зборуваме на долго и на широко, но секогаш се враќам на истото, ако на никој не му одговара како стојат работите, зошто не се обиде да ги смени. И веројатно одговорот би бил дека се обиделе многумина, ама не успеале затоа што тоа е борба со ветерници. Институционалниот театар е таков каков што е. Независниот пак, климав, го гледаме во форма на повремени зраци низ урнатините. Мора да се најде начин да се врати публиката назад, КОВИД-19 е супер изговор за полу-празни сали, ама што потоа? Немам одговор, ама вреди искрено да се запрашаме колку и зошто младите следат театар?