Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ објави отворен повик за учество во филмска работилница за развој на идеи со данскиот филмски критичар, Туе Стен Милер. Повикот е наменет за за режисери и продуценти со кратки кои се инволвирани во долгометражни документарни проекти во развој што се продуцирани или копродуцирани во Грција, Албанија, Бугарија, Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција.
Работилницата е бесплатна за сите учесници и ќе трае три дена, од 20 до 22 август, а ќе содржи групна сесија и мастер класа (20 август), индивидуални сесии (21 август) и групна сесија и презентација на проектите (22 август). Сесиите предвидени во работилницата ќе се одржат во живо во Скопје и ќе се одвиваат на англиски јазик. Учесниците сами ги покриваат трошоците за пат и сместување.
Со пополнување на формуларoт објавен на веб-сајтот на „МакеДокс“ можете да се пријавите на работилницата, најдоцна до 15 јули. По завршувањето на работилницата, ќе се изберат шест проекти на учесниците.
„Задоволство ми е да се запознам со режисерите на проектите во развој. Можеби сте ја напишале вашата идеја, можеби имате тритмент, можеби (сметам дека ова е најважно) имате некаков снимен материјал што ќе го покажете. Клучно е да бидете отворени за фидбек од мене и од колегите. Се надевам дека по работилницата ќе си заминете со она што јас го велам „креативна конфузија и сомнеж“ – изјави Туе Стен Милер за работилницата во рамките на овогодинешното издание на „МакеДокс“.