Табу

Живееме во општество во кое што на слободата и ставаме окови. Општество во кое што туѓото мислење ни е поважно од сопствената среќа. И во моментот кога сакаме искрено да се насмееме, ние застануваме, ја потиснуваме насмевката затоа што околу нас има луѓе кои што не гледаат. Изложени сме на нивните погледи, душата како да ни е соголена пред нив, и само чекаат да згрешиме и веднаш со камшикот да удрат по нас. Тука немаме право на грешки!

Честопати знаеме да кажеме дека ова е модерен свет, дека живееме во модерно општество. Искрено да ви кажам, јас со години тоа модерното не можам да го видам. Имам чувство како сѐ уште да нѐ прогонуваат сенките, како сѐ уште цврсто да нѐ држат стегите на минатото. Тоа минато во кое што девојчињата ги воспитувале дека треба да премолчуваат, да не се прават паметни, “да си ја наведнат главата”, да го слушаат мажот.

Од мали нозе на девојчињата им покажуваат каде им е местото… А каде е местото на една девојка, жена? Во кујната, најверојатно, па така велат постарите а нели тие се секогаш во право? Растеме во едно општество каде што емоциите и искреноста се заменуваат со дволичноста и лагата. Лага е кога ќе му кажат на еден маж дека е “слабич” само затоа што покажал емоции. Но, нели така останало од времето, мажите не треба да плачат, треба секогаш да се силни, да знаат што прават, тие се столбот на семејството. И ако некој види солза на образот на маж, целото општество со прст ќе покажува кон него. Овие лаги станаа наша горка вистина, наше секојдневие.

Фотo: Лидија Ѓорѓевиќ

Дали знаете колку момчиња и мажи дневно трпат навреди, потсмевања, живеат со злобните етикети, душата им е камшикувана затоа што еднаш се осмелиле гласно да заплачат и потоа цел живот го носат товарот на неискажаните емоции? Го гледате ли мажот на сликата? Епа јас пишувам за сите мажи кои го трпат теророт на оваа “така наречено модерно општество”. Пишувам за сите мажи кои на крајот од денот се затвораат во својата соба и скришно, со страв некој да не ги види пуштаат солза.

Тешко е, премногу тешко да живееш во свет кој што ти забранува да плачеш, само слабите плачат, не смееш ни премногу често да се смееш, само будалите се смејат постојано, а ако си намрштен, намќор си. Дали знаете колку мажи ставиле точка, кобен крај баш во моментот кога нивниот живот требало да биде исполнет со волшебна радост?

Јас пишувам за сите тие мажи кои од мали ги учат да веруваат во “табуа”.  Табу е дека си слаб ако плачеш! Слободно плачи, храброст е да ги покажеш своите емоции!  Табу е дека мажите треба секогаш да се силни! Имаш право и ти да покажеш слабост, тоа не те прави помалку маж!  Табу е дека си изфеминизиран или геј ако се грижиш за својот физички изглед! И ако си, тоа е твој избор, никој нема право да ти суди! Пишувам за да ги охрабрам сите и заедно да ставиме крај на секое табу!

Насмеј се гласно за да ја разбиеш монотонијата, за да ги скршиш оковите кои што не држат во заробеништво! Заплачи, може твоите солзи ќе омекнат нечија душа! Кога ќе видиш девојка, жена со наведната глава потсети ја дека во неа се крие огромен потенцијал, охрабри ја цврсто да чекори во сегашноста за да може да создаде историска иднина! Кога ќе видиш момче, маж како плаче наместо да му судиш, застани, подај му марамче и искрено прашај го како е. Биди човек, исполни го светов со добрина, тоа не е табу, тоа од денеска стапува во мода!

Авторка: Лидија Ѓорѓевиќ, Хера Млади 

 

Македонски Новостимладински активизамродов идентитетродоваеднаквосттабу темиХЕРАхера млади