Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави јавен повик „Предизвик за млади истражувачи 5 – Зелени проекти” кој е наменет за ученици од целата држава. Целта на проектот е поттикнување на креативното размислување кај младите и давање поддршка за истражувачки проекти кои се темелат на научен метод.
Повикот е наменет за сите основни и средни училишта кои можат да аплицираат со истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки, организирани во тимови од пет до десет ученици предводени од еден до двајца ментори.
Истражувачкиот процес треба да биде базирн на „научен метод”, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/ модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.
„Преку овој повик, сакаме да потенцираме дека секој ученик има способности да се вклучи во процесот на истражувачки активности. Сметам дека е потребна шанса да им се даде на младите за да се поттикне креативното размислување, нивниот потенцијал кој го поседуваат но и поддршка во развој на иновативни решенија за одредени проблеми со кои се соочуваме. Особено ми е задоволство што ФИТР веќе петти пат по ред го спроведува „Предизвикот за млади истражувачи”
, преку кој досега имаме поддржано над 100 училишни проекти и преку 700 ученици и ментори”
, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Фондот за отворениот повик изнесува 3 милиони денари, а наградите ќе бидат поделени во две категории, истражувачки проекти од основни и средни училишта. Максималниот буџет за поединечен предлог проект би изнесувал до 200.000 денари. За наставниците кои ќе водат ученички тимови ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари, кои ќе бидат наменети за набавка на дигитална опрема која ќе биде применлива во наставниот процес.
Предност имаат проекти со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивност во тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби. како и проекти кои се поднесени од училишта од рурални средини низ државата.
Предлог проектите треба да бидат доставени до 02.11.2022 година, најдоцна до 14.00 часот. Со цел да се поддржат тимовите во процесот на подготовка на предлог проектите, ФИТР ќе организира повеќе инфо сесии. Дополнителни информации за повикот можат да се добијат на овој
линк.