Загадувањето на воздухот ги зачести настинките и го зголеми бројот на вирусните инфекции кај здравите луѓе, но не е утврдено дали може да ја влоши состојбата кај заболените од Ковид -19.
Аерозагадувањето го зголемува бројот на вирусни инфекции кои дополнително го нарушуваат здравјето на граѓаните, но директна корелација меѓу аерозагадавањето и Ковид 19 сè уште не е утврдена, вели проф. др. Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алегологија. Тој објаснува дека на Пулмологија се уште немаат регистрирано случај на грип и вели- маските уште долго ќе останат да нè штитат од аерозагадување, од вирусни инфекции и од коронавирусот.
Поради енормното загадување и оваа зима дишеме опасен воздух. Сензорите за мерење на квалитетот на воздухот деновиве во повеќе градови алармираат со виолетова боја – знак дека нивото на ПМ10 честичките во воздухот е опасно.
Од Министерството за животна средина велат дека и покрај ваквата состојба, годинава забележале мало опаѓање на загадувањето.
Супстанците кои ги вдишуваме влијаат и на здравите и на хронично болните луѓе. Цената од постојаната изложеност на загаден воздух ја плаќаме сите.
Во Инспекторатот за животна средина велат дека сега наместо во рутински контроли одат таму кадешто има проблеми, а инспектори ротираат по градови.
Сепак, Извештајот на ЕК во поглавјето 27 вели дека напредокот за намалување на загадувањето на воздухот е бавен.
„Националната мрежа за следење на квалитетот на воздухот е обновена со замена на неколку анализатори, но потребно е значително зајакнување. Надминувањата на загадувачките супстанции останува далеку над границите на ЕУ, а загадувањето на воздухот е големо во поголемите градови во текот на зимата.
Неколку градови имаат подготвено план за квалитет на воздухот, но темпото на нивно спроведување треба да се зголеми. Постои зголемено барање од јавноста за итни и построги мерки против загадувањето на воздухот“, се вели во Извештајот на ЕК од октомври годинава.
Ваквите услови наметнаа и поинаков начин на живот. Граѓаните со маски се штитат од загадувањето и од опасниот коронавирус.
Проблемот со загадувањето на водухот бара вклучување на повеќе институции како на државно така и на локално ниво, а граѓаните треба со свој пример да допринесат во намалување на загадувањето, вели Анета Стефановска, раководител на одделот за мониторинг на воздухот. Таа како пример го посочи намалувањето на загадувањето од возилата за време на полицискиот час.
Маските уште долго ќе останат да нè штитат од аерозагадување, од вирусни инфекции и од коронавирусот, вели доктор Докиќ. Можеби и затоа досега на Клиниката за пулмологија не е регистриран случај на сезонски грип.
Македонија е високо на листата меѓу најзагадени земји во ЕУ. Од тука и потребата за сериозно пристапување на проблемот, а особено што еден од столбови на долгорочен развој на оваа власт е и заштита на животната средина.