Од самиот почеток на пандемијата, настана прекин на вршењето на многубројни интервентни и дијагностички процедури кои редовно се вршат во здравствените институции. Лицата кои боледуваат од малигни заболувања се припадници на една од најкритичните групи, земајќи го предвид фактот дека самото заразување со КОВИД-19 го зголемува ризикот за последователен развој на многубројни здравствени компликации.
И покрај препораките и советувањата упатени кон лицата кои боледуваат од малигни заболувања, истите се соочуваат со голем број на препреки со оглед на потребата за постојаното следење на медицинската терапија, како и контролните прегледи кои се неизбежни за сите пациенти болни од карцином.
Во помалите градови, поголеми предизвици
Мери Петрова, програмска координаторка за Кавадарци и помалите околни места, веќе 13 години работи во Здружението за борба против рак – Борка. Петрова успешно поминала низ борбата со ракот, но се соочува со секојдневни предизвици поради инвалидитетот. Таа за ПИНА ги посочи начините на кои координаторите и лицата кои моментално боледуваат од рак се соочуваат со предизвиците во градовите низ Македонија, особено во Тиквешкиот регион во којшто работи таа. Во овој период Петрова е во постојана комуникација со лицата кои боледуваат од рак во Кавадарци, Неготино и другите околни места.
Според неа, тестови за корона нема доволно и доста од лицата се праќаат во Велес и во Прилеп на тестирање ако се надмине бројот на тестови.
„Изминатиов период се одржа средба во којашто имав можност да ги посочам најважните нешта кои мора да се променат. Еден од предлозите – доставување на периките во помалите градови веќе се оствари. Во градот моментално има перики кои можам да ги давам во овој период на пандемијата на коронавирусот кога жените не можат да патуваат. Исто така, предложив СОС линија во секоја општина, бидејќи сe што е во Скопје е многу далеку за нас. Побарав и онколог да доаѓа во Кавадарци и во сите други општини со цел да се намали опасноста – ризикот да се патува во Скопје во овој период е многу голем.
И покрај тоа што болницата во Кавадарци е во добра состојба и во моментов имаме мамографија, а ехо прегледот се одвива во Неготино, нема ниту еден онколог и поради тоа лицата кои боледуваат од рак мораат да патуваат до Скопје за да отидат на преглед. Често патуваат со автобус, а потоа со такси за да стигнат во ,,државна“, а понекогаш воопшто не ни стигнуваат на ред за преглед ако не се приоритетен случај.
„Ако можеме да си го кажеме нашето, можеби некој ќе го слушне и ќе го примени. Поради состојбата на инвалидитет, барем може на овој начин да ми се слушне гласот. Кај нас нема услови ако сте инвалид, за разлика од западните земји. На секои 6 месеци одам на комисија за попреченост за да можам да добијам мобилна нега, а сето тоа чини 3500 денари и плус патните трошоци, и бидејќи сега е пандемија, за време на пандемија треба да замолам некој за мене да ги однесе документите да добијам нега.“
Списоци за достава на лекови
Со цел да се заштитат лицата кои боледуваат од рак од ризиците кои следат со изложување на вирусот и да се овозможи навремено добивање на адекватната таблетарна терапија, Здружението за борба против рак – „Борка“, Црвен Крст и Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија започнаа со правење на секојдневни списоци на лица кои живеат ширум државата и на кои им треба доставување на лекови.
Зорица Аџиевска, програмска координаторка за „Борка“ во Скопје во изминативе три години, која и самата е двапати оперирана од карцином на дојка, ни ја долови ситуацијата со којашто се соочуваат пациентите за време на пандемијата на коронавирусот. Аџиевска посочи дека поради пандемијата, уште од 10 март координаторите за „Борка“ работеле од дома. Лицата кои боледуваат од рак се во постојана комуникација со координаторите, а веќе еднаш или двапати во неделата се вршат посети кај пациентите. Од последните неколку дена, канцелариите на „Борка“ се повторно отворени и согласно пропишаните норми веќе се планираат нови сесии за психолошко советување.
“Во соработката со Црвен Крст и со Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија решивме да почнеме со правење на списоци на сите лица на кои им треба доставување на лекарства до нивниот дом. Од почетокот на мај почнавме со овој начин да им помагаме на пациентите, да ги заштитиме од патувањето и да го намалиме нивниот финансиски трошок. На 8 август имавме најголем број на пациенти, 43 – но сепак, бројката варира. Вкупно, само кај нас се пријавени 112 пациенти на коишто им е дадена поддршката со таблетарна терапија – кај некој е пратено еднаш, кај некој повеќе пати, секој месец се прави нова нарачка, а притоа се комуницира десет дена пред доставувањето за да не настане вакуум.“
Таа вели дека одреден периодпостоел недостиг на лекарства и луѓето останувале по десет дена без лекови или пак им се давале други како замена, поради што се можни несакани ефекти.
Директорот на Клиниката за онкологија, Нино Васев, за ПИНА вели дека уште од самиот почеток на кризата, клиниката не престанала да работи – и со старите, но и со нови пациенти кои во овој период требаше да почнат со хемотерапија и зрачење. Првите два месеци контролните прегледи биле одложени, но од мај месец сите пациенти почнале да одат на редовните контроли. Васев додаде дека препораките континуирано се следат, секој пациент мора да направи тест за коронавирусот и има одреден број на изолациони соби во случај на пројавување на симптоми на вирусот.
„Спремни сме за новиот бран. Спремни сме да се обезбедат простории за пациентите каде што се би биле комплетно одвоено – имаме обезбедено заштитна опрема и за поголема фреквенција на пациенти. И да има втор бран нема да престанеме да работиме, ќе продолжиме со работа редовно. Веројатно за новиот бран ќе треба да се обезбеди соодветен простор – за чекање, за седење итн. Таблетарната терапија ќе продолжи да се дистрибуира со помош на Црвен Kрст и Борка. Организациите Љубов сме и Борка најмногу ни помогнаа со наоѓање на пациентите низ државата и редовното правење на списоци на потребна терапија која потоа е дистрибуирана од страна на Црвен Крст.“
Филипче: Правиме дисперзирање на терапијата во другите градови
Министерот за здравство, Венко Филипче, за ПИНА изјави дека во онколошката медицина досега немало никаков застој, хемотерапијата се одвивала без никаков проблем ниту пак одложување.
„Донесовме одлука за дисперзирање на терапијата во други градови во онколошките одделенија со цел пациентите да не патуваат во Скопје. Во следниот период ќе направиме систем на ротација и на други специјалисти. Целта е секој што може да остане блиску до дома и во болницата ако може да се даде таа здравствена услуга. Гинеколошкото одделение во Кавадарци веќе почна да работи на овој начин.
Сепак, мора да се запазат некои критериуми – има некои пациенти коишто одат конкретно кај еден доктор – специјалист, земајќи предвид дека не смее да се изгуби континуитетот во прегледитe. Внимателни сме со имплементирањето затоа што е ризично да се смени специјалист и да се создаде непосакувана дисторзија. Сепак, вклученоста на граѓанските здруженија и заедничката соработка ни помогнаа да создадеме инклузивен систем и притоа полесно да го имплементираме.“
Биба Додева, претседателката на „Борка“, во видео-интервјуто за ПИНА зборуваше за она што може да се надмине и подобри во однос на раното дијагностицирање на болеста кај пациентите, посочувајќи дека треба да почнат да функционираат дијагностичките процедури – не само за скрининг и за ново заболени, туку да се изнајдат патишта и да се направи анализа со што се располагаме во нашата држава.
“Имаме институции и болници кадешто може да се направи ехо, во Струмица, Штип, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп. Значи, имаме болници кадешто дијагностичките процедури можат да се направат и да го избегнеме Скопје, а со тоа и да се намали и патувањето, односно да се избегне ризикот на патувањето на овие пациенти. Следењето на болеста може да се направи онлајн, Онкологија и Хематологија веќе го практикуваат тоа, а и доста често се вклучени за совети на самите пациенти.
Самата терапија којашто ја правиме од друга страна покажа дека децентрализацијата и особено дистрибуцијата на таблетарна терапија е од голема корист. Нашата иницијатива понатаму во Борка е ова да се стави понатаму во програма. Зошто тие пациенти да се стават на ризик и на трошок да доаѓаат секој месец за таа терапија? Таа терапија треба секој месец да се препишува. Не можеме да ја препишеме за 6 месеци затоа што се работи за малигно заболување. Не знаеме што ќе се случи.
Додева посочи дека освен Клиниката за хематологија и онкологија во Скопје, функционира и Клиниката во Битола во која исто така е овозможена хемотерапијата.
„Пелагонскиот дел треба да преземе поголем дел од пациентите да се лекуваат таму. Не мора сите да доаѓаат во Скопје, може да се има мултидисциплинарен пристап – нека се префрлат некои пациенти кај тие доктори, да се има контрола и координираност со овие доктори кои се во Скопје, меѓутоа, да не ги изложуваме на ризик пациентите за примање на една хемотерапија да доаѓаат до тука кога имаат можност и таму.“
Точи: Потребна ни е нова стратегија
Во однос на известувањето и информирањето на јавноста за проблемите со кои граѓаните се соочуваат и ризиците на коишто се изложени за време на пандемијата, како и нештата кои можат да се променат во периодот кој претстои додека трае пандемијата на коронавирусот, новинарката Менче Точи во видео-интервјуто за ПИНА зборуваше за нивната постојана комуникација со државните институции, особено Министерството за здравство, како и големиот број на граѓани кои ги контактираат телефонски и преку социјалните мрежи.
„Предизвик е да се прават истражувања кои ќе отворат прашања и теми коишто изгледаат нерешливи или можеби биле нерешливи до тој момент.
Генерално, ситуацијата со коронавирусот ќе потрае. Нарушеното здравје секако не може да чека. Право на лекување според Уставот има секој граѓанин, така што мора да се направат патеки и да се знае кои здравствени установи ќе примаат пациенти со ковид, а кои ќе работат и функционираат нормално и како ќе го прават тоа. “.
Точи смета дека потребна е нова стратегија бидејќи во наредниот период од есен се најавува нов бран на коронавирусот и поради тоа, здравствениот систем мора да биде подготвен да одговори на потребите.
„Треба добра стратегија, како да бидеме подготвени за на есен, за новиот бран – не само со објекти, туку и организациски со кадар и со добра стратегија, со добри патеки и протоколи во сите клиники, затоа што другите болести не можат да чекаат, навистина, чекаа 6 месеци. Уште колку треба да чекаат?
Секој има право на лекување, секоја болест може да проградира, секоја болест може да се влоши, а ние во моментот ги броиме само смртните случаи од ковид, но не и останатите, за жал.“
Според истражувањето на Глобокан од 2018 година, во Македонија во 2019 година имало околу 1200 ново дијагностицирани случаи годишно, а во просек 22 лица заболуваат од рак дневно.
Поради опасностите со кои пациентите можат да се соочат за време на пандемијата, уште на 11 април оваа година, Министерството за здравство во согласност со Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија јавно ги соопшти препораките за лицата кои боледуваат од рак. Од Министерството за здравство велат дека пациентите кои примаат хемотерапија и имунотерапија можеа да се јават на редовниот закажан термин, како и пациентите со радиотераписки третман,а за пациентите кои примаат таблетарна терапија, министерството за здравство уште на почетокот на епидемијата даде препорака истата да ја подига член на семејството на пациентот. ,,Работиме на тоа да се овозможи здравствена услуга во делот на контролните прегледи, рендген прегледи, мамографија, ЕХО, а притоа да не биде дополнително загрозено здравјето на овие пациенти, имајќи во предвид дека тоа се имунокомпромитирани пациенти и не треба да се мешаат со останатите пациенти во чекалните и во амбулантите“, велат оттаму за ПИНА.
Автор: Гала Насева
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.