Шкотска влезе во историјата како прва земја во светот која донесе закон со кој менструалните производи – хигиенски влошки и тампони – се бесплатни за секого.
Законот за менструални производи кој стапува на сила на 15 август значи дека сите образовни институции, но и јавните институции мора да ги обезбедат овие производи.
Од 2017 година, потрошени се нешто помалку од 32 милиони евра за јавно достапни хигиенски производи. Моника Ленон, пратеничка од Лабуристичката партија, се заложи за нацрт-закон што беше јавно поддржан во шкотскиот парламент во 2020 година.
„Локалните власти и партнерските организации заеднички работеа за менструалните влошки да станат бесплати“, изјави Ленон.
Ленон додаде дека ова е голема пресвртница во борбата на локалните движења и покажува што може да се постигне кога се прават смели, политички потези.
„Трошоците за живот растат, а оваа промена е зрак надеж што покажува што може да се постигне кога политичарите ќе се здружат во корист на луѓето на кои им служат“, рече Ленон. Социјалното претпријатие кое работи на справување со менструалната сиромаштија верува дека менструалните производи треба да бидат достапни за секого, исто како тоалетната хартија во јавните тоалети.
Менструалната сиромаштија значи дека лица со ниски приходи не можат да си дозволат производи за менструална хигиена. Џорџи Николсон изјави за радио Би-Би-Си дека организацијата спровела истражување пред пандемијата што укажувало дека една од четири жени во Шкотска се соочила со сиромаштија во одреден момент од менструалниот циклус.
„Сиромаштијата може лесно да се опише: кога одите во супермаркет, всушност треба да одлучите дали да купите пакет тестенини или кутија тампони.
„Слушаме дека многу мајки не користат хигиенски влошки за да имаат пари да купат храна за бебиња и импровизираат со полнење чорапи со весници, бидејќи тие работи се поевтини од менструалните производи“, вели Николсон.
Шон Робинсон, секретар за социјална правда на Шкотска, изјави дека слободниот пристап до хигиенски влошки и тампони е „фундаментална за еднаквоста и достоинството“.
„Ние сме горди што сме првата влада во светот што го направи овој чекор, кој е особено важен во време кога луѓето се соочуваат со тешки избори поради зголемените трошоци за живот.“
„Не сакаме некој да се најде во ситуација во која не може да си дозволи менструални производи“, додаде Робинсон.