Кога на 25 јануари се појавија гласини за идна телевизиска серија Хари Потер, тие се проширија прилично брзо. Според Холивуд Репортер, ХБО Макс и Ворнер Брос ги истражуваат своите опции за донесување на франшизата на телевизиските екрани. Двете компании веднаш пробаа да го демантираат тоа, повторувајќи пред Вокс и други продажни места дека не планираат да произведат серијал Хари Потер, но само можноста беше доволна за да предизвика секакви реакции од фановите на Хари Потер и поранешните фанови на франшизата.
Морам да ги потенцирам „поранешните љубители“, бидејќи Џ.К. Роулинг, светски познатата писателка и креаторка на Хари Потер, кој некогаш се сметаше за авангарда на прогресивниот идеализам, заработи нова репутација во 2020 година како светски позната трансфобична личност. Откако Роулинг даде повеќе трансфобични изјави во јавноста, почнувајќи од твитови до долгиот анти-транс-манифест, нејзиното име сега е синоним за „ТЕРФ“, транс-исклучувачки радикален феминизам или верување дека транс-жените не се жени и дека биолошкиот пол е единствениот фактор што го одредува родот. И покрај тоа што беше повикана да ги преиспита своите ставови од спротивставените гласови и обожавателите со скршени срца, Роулинг само ја удвои сопствената реторика.
Тоа значи дека секоја дискусија за тоа што е или може да биде нова серија Хари Потер, треба да оди заедно во пакет со признанието за трансфобијата на Роулинг и проблемите што таа ги создава. Новите приказни за волшебниот свет веројатно ќе бидат комплицирана радост за многумина и чиста болка за многу транс луѓе чиј живот е влошен поради влијателните ставови на Роулинг. Во најмала рака, новите приказни ќе предизвикаат многу луѓе да чувствуваат длабоки конфликти за тоа дали можат да поддржат или да уживаат во новата серија Хари Потер во пресрет на проблематичните изјави на Роулинг.
Бидејќи гласината за ТВ-шоу Хари Потер е сè уште само гласина, нема што конкретно да се каже за тоа; можеби никогаш нема да се сними. Но, можноста сама по себе значи дека треба да прашаме дали новата серија Хари Потер некогаш може да биде добра. И, за да одговориме на ова прашање, треба да разбереме точно како и зошто трансфобијата на Роулинг го извалка саканиот универзум Хари Потер, и какви можности – доколку ги има – постојат за франшизата Хари Потер да успее да поправи дел од штетата што ја предизвика нејзината создавачка.
Роулинг-трансфобијата не е еднократна или случајна работа. Таа е моќна и жестока.
Анти-транс сентиментот на Роулинг стабилно, но сигурно стануваше се побесрамен со текот на годините. Делчиња од нејзиното пишување, како и нејзината активност на социјалните мрежи, одамна сугерираат на зголемен сојуз со анти-транс групите, а некои обожаватели на Хари Потер изразуваат загриженост за изјавите и убедувањата на Роулинг од пролетната сезона во 2018 година. Но, пошироката јавност за првпат ја сфати сериозноста и влијанието на нејзината трансфобија во декември 2019 година, кога Роулинг јавно упати поддршка кон британски ТЕРФ на Твитер.
Во јуни 2020 година, по тој почетен момент на внимание, Роулинг неоспорно ги потврди своите анти-транс убедувања, прво со твит исмејувајќи го транс-инклузивниот јазик, а потоа и во долгиот манифест од скоро 4000 зборови. Во него, таа го поддржува научно погрешниот и емоционално навредлив наратив дека „родово дисфоричните тинејџери ќе ја надраснат нивната дисфорија“ и сугерираше дека трансродовите мажи кои се родиле како жени при раѓање и доживеале дисфорија како тинејџери, веројатно треба само да прочитаат повеќе феминистичка литература за да почнат да размислуваат „правилно“.
Можеби највознемирувачки, манифестот на Роулинг го одржува опасниот наратив за ТЕРФ, дека транс-жените навистина можат да бидат маскирани сексуални предатори. Роулинг тврди дека движењето за прифаќање на транс-жени како жени им „нуди покритие на предаторите“ кои во секој момент ќе продолжат со „машкото насилство и сексуалниот напад“. Тоа е вид на реторика заснована на хистерија што се користи за да им се ускрати на транс-луѓето, од безбедни тоалети до еднаквост на работното место; да се слушне дека овој став доаѓа од авторка на детски книги е прилично ужасно.
Ставовите на Роулинг добија меѓународно внимание и реакција, но таа не беше доволно посрамотена за да живее во тишина. Наместо тоа, се чинеше дека станува уште поискрена. Во август 2020 година, Роулинг врати награда за човекови права откако претседателот на асоцијацијата која ги доделуваше наградите ги отфрли нејзините трансфобични ставови, тврдејќи дека добила „илјадници приватни пораки за поддршка“ од луѓе „во рамките на транс заедницата“ и повторувајќи го своето тврдење дека терапијата за промена на родовиот идентитет е опасна. (Не е, но истражувањето со кое се обидува да ја третира родовата дисфорија преку неафирмативни методи, несомнено е.) Во септември 2020 година, таа промовираше продавница со која продаваше предмети со трансфобични цитати како “transgender women are men” и “fuck your pronouns.”
Мислам дека многу луѓе сè уште не се соочија со длабочината и опасноста на трансфобијата на Роулинг. Да се имаа соочено, немаше да разговараме дали треба да постои ТВ-шоу за Хари Потер. Верувам дека повеќето луѓе – дури и ако не ги разбираат деталите за транс-идентитетот и родовиот идентитет – инстинктивно знаат дека потсмевањето со транс-луѓето за нивната анатомија и непочитувањето на заменките кои луѓето ги преферираат е сурово. Но, јасно е дека на многу луѓе кои се свесни за изјавите на Роулинг им било тешко да сфатат дека овој (поранешен) херој на генерации надежни деца сега отворено ги покажува своите предрасуди кон трансродовите и небинарните лица.
Јасно ми е колку е болно да се прифати реалноста. Звучи како сожалување, но тоа и е, на некој начин.
За мене, небинарен фан на Хари Потер, кој помина повеќе од две децении обожавајќи ја франшизата Хари Потер, пишувајќи за сето ова е длабоко болно, дури и трауматично. Секој нов потсетник дека Џ.К. Роулинг има такви омразени погледи кон транс-мажи и жени – една од најранливите и најзагрозените маргинализирани заедници – ме удира како шлаканица. Тоа е болно предавство од творец кој го сакав и му верував; за мене, изминатата година беше до одреден степен процес на жалење, за откажување и за продолжување понатаму.
Превод: Гала Насева
Целиот текст можете да го прочитате тука.