Долгиот пат до правдата во скратената постапка

Задоцнетата правда е, исто така, неправда. Секое одолговлекување на постапките претставува повреда на правото на судење во разумен рок, без разлика дали станува збор за редовна или скратена постапка, а пасивноста на судовите во однос на навремено завршување на кривичните постапки допринесува кон прекумерно траење на истите. Коалицијата „Сите за правично судење“ во 2018 година спроведе анкета помеѓу граѓаните за состојбата на стандардите на фер судење во Р. Северна Македонија. Резултатите од анкетата покажаа дека 80% од граѓаните сметаат дека судовите не постапуваат брзо во судските постапки додека пак 93% од граѓаните немаат доверба во судскиот систем на Р. Северна Македонија. Недовербата во правосудството е нотирана и во последното истражување на јавното мислење спроведено од Еуробарометар во ноември 2019 година, согласно кое 78% од испитаните граѓани одговориле негативно на прашањето дали веруваат во правосудните институции.

ЗАКОНСКАТА ПОСТАВЕНОСТ НА СКРАТЕНАТА ПОСТАПКА

Критиките на генералната и стручната јавност за вообичаеното долго траење на кривичната постапка што влијаат и врз намалувањето на довербата во правосудството, беа земени предвид при спроведувањето на реформите во кривичната постапка што резултираше со усвојување на „новиот“ Закон за кривична постапка, што стапи на сила на 27.11.2010 година, а започна да се применува од 01.12.2013 година. Со истиот беа внесени новини за забрзување и рационализација на кривичната постапка, воведувајќи неколку видови на забрзани постапки: скратената постапка, постапката за спогодување за кривична санкција; постапката за медијација и постапката за издавање казнен налог. Ваквите реформи следеа и во контекст на укажувањата содржани во Препораката на Советот на Европа Р(87)18 за поедноставување на казнената правда (Recommendation R(87)18 concerning the simplification of criminal justice, 17 September 1987).

Скратената постапка е регулирана во главата 28 од ЗКП, поточно од член 468 до член 482 од ЗКП и истата е предвидена за кривични дела за коишто како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до пет години. Според ставот на Советот на Европа изразен во Препораката РЕЦ(2003)23 во однос на постапувањето со лицата осудени на доживотен и долготраен затвор (Recommendation Rec(2003)23 of the Committee of Ministers to member states on the management by prison administrations of life sentence and other long-term prisoners, 9 October 2003), пропишаната казна затвор до пет години не спаѓа во долготрајни казни затвор и за кривичните дела од ваков карактер потребно е да се поттикнува примена на поедноставени и забрзани облици на постапување. Во согласност со Препораката на Советот на Европа Р(87)18 за поедноставување на кривичната правда, за кривични дела за коишто не е пропишана долготрајна казна затвор потребно е да постојат можности за ефективно искористување на судските ресурси и овозможување побрза правда за кривични дела чии што законски обележја не се особено сложени, но со должно почитување на гаранциите на одбраната во согласност со меѓународните стандарди.5 Смислата на скратената постапка не е да се дерогираат правилата кои гарантираат правично и фер судење на обвинетиот туку имаат за цел поедноставување на постапката. Така, основите по кои може да се определи мерката притвор и траењето на истата се поинаку регулирани одошто е тоа случај во редовната постапка. Поедноставувањето и рационализирањето на постапката е видливо и во одредбите за спроведување на претходна постапка, подигнување и оцена на обвинение, а особено за текот на главната расправа. Со оглед дека скратената постапка се води за предмети за кои е предвидена парична казна или казна затвор до пет години, во истата суди судија поединец. Главната расправа во скратената постапка започнува со изнесување на содржината на обвинението, при што започнатата главна расправа ќе се заврши, по можност без прекинување. Интенцијата е всушност, сите дејствија од главната расправа да се преземат на едно рочиште. По заклучувањето на главната расправа судот веднаш ќе ја изрече пресудата и јавно ќе ја објави со образложение за истата, а пресудата мора да се изработи писмено во рок од осум дена од денот на објавувањето.

СКРАТЕНАТА ПОСТАПКА И ПРАВОТО НА СУДЕЊЕ ВО РАЗУМЕН РОК

Согласно член 6 од Европската конвенција за човекови права, при утврдување на граѓанските права и обврски секој има право на правично и јавно судско рочиште во разумен рок пред независен инепристрасен со закон воспоставен суд. Ова правило подеднакво се применува на секој вид на постапка и се толкува согласно околностите на случајот. Правото на правично судење во разумен рок е предвидено и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, кој говори за правото на обвинетиот на судење без непотребно одложување. Должината на постапката во нашата земја е систематски проблем кој е идентификуван во повеќе домашни предмети. Поради тоа, од 2011 Европскиот суд има утврдено дека барањето за заштита на правото на судење во разумен рок пред Врховниот суд е делотворен правен лек којшто апликантите мора да го искористат пред да истакнат жалбен навод за долго траење на постапката. Согласно последниот извештај за работата на Врховниот суд, во текот на 2019 година, Одделот за судење во разумен рок во работа имал вкупно 606 предмети, од кои 429 биле решени, а 235 останале нерешени. Од решените предмети, Врховниот суд во 165 случаи или 38,46% утврдил повреда на правото на судење во разумен рок, додека во 203 предмети, или 47,32 % барањето за заштита на правото на судење во разумен рок го одбиено како неосновано. Процентот на случаи во кои е утврдена повреда на правото на судење во разумен рок е навистина голем кое нешто покажува дека скоро во секој трет случај постапките пред судовите во Република Северна Македонија траат предолго.

ПРАКТИЧНИ ПРИМЕРИ

И покрај сите напори за креирање на алтернативи на редовната постапка со цел забрзување на кривичната постапка кога постојат услови за тоа и поедноставување на процедуралните правила кои ја одолговлекуваат правдата, скратената постапка во практиката не ги даде очекуваните резултати во однос на подобрување на ефикасноста на постапката, па честопати текот и траењето на овие постапки воопшто не се разликува од оној на редовните постапки.

Така на пример, во однос на предметот за Тамара, заведен под референтен број К-930/18 против 12 лица обвинети за кривичното дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в став 2 од КЗ за кое дело е запретена казна затвор од шест месеци до пет години, постапката започна на 04.07.2018 година, но иако до денес се пројдени повеќе од 2 години, сепак овој предмет сè уште нема ниту првостепена пресуда. Од вкупно 26 рочишта, мониторирани од страна на Коалицијата „Сите за правично судење“, 11 рочишта се одложени, и тоа сите поради отсуство на обвинетите или по барање на одбраната. Во однос на изведувањето на материјалните и вербалните докази на предлог на јавното обвинителство и одбраната, нотирано е дека мајката на починатата Тамара како оштетена во постапката била испитувана на дури 4 рочишта. Големиот број на рочишта закажани за испитување на оштетената е нешто што е невообичаено како за редовна, така и за скратена постапка, дотолку повеќе што принципот на скратена постапка сугерира сите дејствија да се завршат на едно рочиште. Покрај тоа, видно од самите рочишта е дека оштетената, како мајка на починатата Тамара е изложена на двојна виктимизација со релативно

долгиот период на испитување во својство на оштетена, кое нешто во никој случај не треба да се дозволи и толерира од страна на судот. Од друга страна пак, на 21.10.2019 година, рочиштето за главна расправа е одложено бидејќи јавниот обвинител кој го застапуваше обвинението поднел барање за изземање, при што потоа е назначен нов јавен обвинител. Ваквото постапување на јавниот обвинител после повеќе од една година застапување пред суд останува енигма за јавноста, со оглед да образложението и причините за изземањето никогаш не беа споделени во јавноста, туку едноставно истото беше констатирано со обично известување од страна на судот. Последното рочиште за главна расправа е одржано на 12.03.2020 година, а наредните 3 се одложени повторно поради отсуство на обвинет. Главната расправа на 16.10.2020 требаше да почне одново поради проток на 90 дена од одржаното рочиште, но рочиштето беше повторно одложено бидејќи еден од обвинетите во постапката до судот доставил поднесок дека истиот со решение се наоѓа во изолација поради КОВИД-19. Со ова закажано рочиште, вкупно се одложени 12 рочишта по предметот, што претставува релативно висока бројка. Од друга страна пак, иако се одржани 14 рочишта, предметот сè уште нема судска разрешница, кое нешто го повлекува прашањето дали овој предмет е сепак премногу комплексен за да се води по скратена постапка или пак ваквото одолговлекување е последица на лошото менаџирање на постапката од страна на судот.

Предметот „Мариглен“ пак, е пример за одолговлекување на постапката поради отсуство на јавниот обвинител. Истиот е заведен под К-1271/16, при што судењето против обвинетиот којшто се гони за сторување на кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ од член 385 став 1 од КЗ за кое е предвидена парична казна или казна затвор до три години, започна во 2016 година. Коалицијата „Сите за правично судење“ го следи предметот од 2018 година при што главната расправа по овој предмет неколку пати почнуваше одново поради промена на составот на судот односно судијата-поединец, а од 14 мониторирани рочишта само 1 рочиште е одржано, додека 13 рочишта се одложени. Во овој случај зачудува тоа што во периодот од 4 години закажан е релативно мал број на рочишта, сите закажани по поголем временски проток до следното закажано рочиште, кое нешто е контрадикторно со фактот дека случајот се води по скратена постапка. Јавниот обвинител бил отсутен на вкупно 9 рочишта за главна расправа, а како причина за тоа на неколку рочишта било наведено дека обвинителите биле презафатени и поради тоа не се појавувале на рочиштата. Ваквото постапување од страна и на обвинителството и на судот кој треба да се грижи за економично и ефикасно водење на постапката е незамисливо, со оглед на тоа што обвинителството треба само да се координира во поглед на застапувањето на случаите пред судот, а судот е тој што треба да преземе соодветни мерки за ваквите одложувања да не се случуваат.

Воедно, ваквото ненавремено постапување треба да биде санкционирано и во рамките на јавнообвинителската организација согласно начелото на хиерархија. Останатите рочишта се одложени поради отсуство на бранител и отсуство на обвинетиот поради неуредна достава. Единствено рочиште за главна расправа одржано по предметот е од 09.03.2018 година, на кое главната расправа отпочнала со изнесување на содржината на обвинителниот предлог од страна на јавното обвинителство по што јавниот обвинител побарал увид во доказите во друг кривичен предмет што се води пред истиот суд, а судот со решение го усвоил овој предлог и закажал наредно рочиште. Извесно е дека на следното рочиште по предметот закажано за 27.10.2020 година, доколку се одржи, главната расправа ќе треба да почне одново поради истек на 90 дена од последното одлагање.

Целиот документ можете да го прочитате тука.

Автори:
Ивана Петковска
Емилија Спасовска
Лепосава Огњаноска

Проектот е финансиран од Фондација Отворено општество-Македонија
*Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту
Еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и
ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија.

policybriefкоалицијаситезаправичносудењеМакедонски НовостиПравосудство