Една година по 100-годишнината од Баухаус која повторно ја стави во фокус германската школа за дизајн и нејзините придонеси, претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен во нејзиниот говор за состојбата на Унијата во 2020 година, минатата недела зборуваше за нов „Европски Баухаус“ со кој ќе започне архитектонскиот стил на климатски неутрална Европа.
Фон дер Лајен го даде својот нов предлог за Баухаус за време на давањето на забелешки за Европски Зелен Договор и предлогот на Европската унија (ЕУ) за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 проценти до 2030 година. Тековната цел на комисијата е да ги намали емисиите за 40 проценти до 2030 година. Според фон дер Лајен, оваа промена ќе ја доведе ЕУ на патот кон станување јаглерод-неутрална до 2050 година и со тоа да ги исполни своите обврски од Парискиот договор. Таа исто така најави инвестиции вредни милијарди долари во зелена технологија и инфраструктура.
Исто така, фон дер Лајен во својот говор ги промовираше дрвените градби и технологијата на паметни згради како начини за намалување на влијанието кое зградите и градежништвото го имаат врз животната средина, како и за поттикнувањето на економијата по КОВИД.
Онлајн извештаите за забелешките на фон дер Лајен не влегуваат во детали за тоа што претседателот на ЕК замислува да биде европски Баухаус или како би бил финансиран. Во јавното соопштение на Европската Комисија, хипотетичката институција беше претставена како „платформа за создавање на архитекти, инженери и дизајнери“.
Оригиналната Баухаус школа имаше огромно влијание во рафинирање и промовирање на модернистичките принципи во архитектурата, уметноста и дизајнот. Нова институција со слично влијание може да го смени правецот на архитектурата во останатиот дел од овој век, особено ако има достапни финансиски средства.
Превод: Гала Насева
Извор: ArchPaper