Вчера (05.10.2020) започна 11-тото издание на еден од најубавите настани во Скопје – ЕХО фестивалот за планински филм кој се одржува на две локации – Кино Фросина (МКЦ) и Кино Милениум. И покрај предизвиците кои се појавија оваа година поради КОВИД-19, организаторите на ЕХО успешно ја организираа овогодинешната филмска програма која се состои од 29 филмови од 15 земји кои за првпат ќе играат во македонските кино сали, а неколку од нив ќе ја имаат и својата светска премиера во нашата земја. Разговаравме со Александар Зарапчиев за програмата, предизвиците и процесот на организација на ЕХО оваа година.
Оваа година ќе бидеме сведоци на 11-то издание на ЕХО фестивалот за планински филм. Дали би можеле да ни кажете како се разви идејата за организирање и реализирање на настан од овој тип којшто веќе стана традиција?
Тимот кој работи зад фестивалот има корени во малку поинаква форма некаде околу 2004та година. Уште тогаш беа организирани многу предавања на меѓународни и домашни гости, проекции, преводи на текстови и други содржини со цел да се промовира алпинизмот но и неговите сродни планински спортови, преку веб сајтот алпинизам.орг .
Ние – тимот сме страсни вљубеници во природата и планинската култура. Најнапред сето ова го замисливме како начин да го промовираме она што е дел од нашиот живот, на начин за кој веруваме дека е исправен. Подоцна, едноставно фестивалот почна да расте и да не носи и нас напред кон нови предизвици односно до оваа форма на ЕХО денес.
Земајќи ја предвид моменталната ситуацијата со пандемијата на КОВИД-19, организирањето на културни настани се уште носи предизвици со кои докрај не сме запознаени. Дали се соочивте со неочекувани ситуации при организацијата на овогодинешното издание на фестивалот, со оглед на континуираните промени и неизвесноста која произлегува од пандемијата на КОВИД-19?
Па… отприлика оваа година речиси ништо не излезе како што планиравме, и во голема мера се е адаптирање на околностите – поврзани со рестрикциите и протоколите. Во едно бевме решени уште од почетокот на пандемијата, дека нема да одиме Online издание.. не дека не ги почитуваме и подржување новите дигитални форми на изразување, напротив сметаме дека се начин за подобро и полесно допирање до публиката… со поквалитетни содржини наспроти класичната телевизија. Сепак, фестивалот е повеќе од само прикажување на содржина преку одреден медиум бидејќи интеракцијата помеѓу публиката следејќи проекција во живо го прави сето тоа да биде посебен настан, а и големото филмско платно си има своја магија.
Сепак, поради сите тие рестрикции и отежнати услови за организирање ваков вид на настан за жал оваа година испуштивме средби со меѓународни и домашни гости и нивни предавање, нешто што е особено интересно за нашата публика.
Оваа година како и секоја друга, програмата на фестивалот е разновидна и опфаќа проекции на филмови од држави ширум светот, меѓу кои Словачка, Велика Британија, Нов Зеланд, Финска, Германија и многу други. Врз основа на кои критериуми ги избирате кои се прикажуваат на фестивалот?
Оваа година имавме пријавени филмови од 37 држави, и веројатно една од најтешките и неблагодарни работи во целиот процес на организирање на фестивалот е да се направи селекција која ќе може да се вклопи во 5дневниот фестивал – што значи одбивање на многу филмови.
Растот на продуцирање во планинската кинематографија ни носи многу висококвалитетни филмови, и во минативе години бевме сведоци на некои филмови кои беа дел од наш репертоар или се тема блиска на ЕХО кои добија Оскар и освојуваа награди ширум светот на најпрестижните фестивали. Сепак, за нашиот тим, она што е најважно, па дури и да се направи компромис на сметка на техничкиот дел од филмот е приказната што авторот сака да ја пренесе. Така да се трудиме да има баланс помеѓу се она што е актуелно во светот на планинската култура, но никако не отстапувајќи од вредностите што се клучни за секој од планинските спортови/начини на живот како тема на тие филмови, или Екологијата како се почеста тема.
Освен проекција на филмови, во склоп на ЕХО има и избор за најдобра фотографија. Дали оваа иницијатива постоеше од самиот почеток на ЕХО фестивалот?
Првично се почна со проекција на филмови и презентации на луѓе од локалната заедница. Изборот за најдобра фотографија се појави пред 5 години, заедно со уште еден интересен конкурс за најдобро кратко видео, односно материјал од домашни аматери или професионалци. Идејата кај овие два конкурси беше да пробаме да ги инспирираме луѓето од оваа заедница да споделуваат што повеќе фотографии/кратки видеа од она што за нив претставува пасија секако како тема блиска до планината.
Во склоп на овогодинешното филмско жири на Ехо фестивалот се Илија Циривири, Јержи Поремски и Рус Вакрилов. Дали филмското жири секоја година се состои од овие членови или пак подлежи на промени?
Филмското жири, е секоја година различно, и се состои од професионалци, филмски работници кои сепак носат во себе нешто поврзано со темата или пасијата за планините. Или според наше уверување, совршено ја разбираат нашата пасија спрема планините 😊.
Секоја година се издвојуваат филмови победнички филмови на фестивалот. Дали би можеле да го образложите процесот на изборот на победничките филмови и што можат да очекуваат победниците на фестивалот?
За процесот и изборот на победничките филмови може да одговори само жирито на фестивалот, како целосно независен процес од организаторот на фестивалот. Победниците во секоја категорија добиваат статуетка дизајниарана од член на тимот и е уникатно изработена за ЕХО фестивалот.
Гала Насева
Рушка Бабиќ