По повод меѓународниот ден на младите на 12 август 2024 година, успешно се одржа завршната конференција „Општините пријател на младите – Младинското учество во фокус“ во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“.
Со свои обраќања конференцијата ја отворија Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади, Александру Албу, раководител на операции 2 во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, и Филип Ивковски, претседател на Национален Младински Совет на Македонија.
На конференцијата говореа градоначалниците на општините Кисела Вода и Крива Паланка, претставници на меѓународни и домашни организации кои беа дирекно вклучени во проектот како и останати претставници од организации кои работат за подобрување на младинското учество и младинските политки.
На завршната конференцијата се претставија „Мониторинг извештај за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики“ и анализата за „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ според која добитник на наградата за Општина пријател на младите е Општина Охрид.
Овој настан претставуваше кулминација на проектот „Заедници инклузивни за млади“ финансиран од Европската Унија, кој имаше за цел да ги ангажира младинските граѓански организации во поддршка на локалните заедници, искористување на постојните механизми за учество во локалните политики, и донесување одлуки поврзани со нивните потреби.
Проектот беше имплементиран од Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, Здружението за одржлив развој СФЕРА Интернешнал Битола и Платформата за зајакнување на младите од Гостивар.