Повозрасните сè уште го паметат големиот хит на групата Village People Y.M.C.A. од 1978. Групата, иронично ја фали мрежата на Христијанското здружение на млади (Y.M.C.A.), која сè уште нуди евтино сместување, оброци, спорт и се смета за важно место за средби на геј популацијата, ја промовираше популарната култура на хомосексуалците. Облечени како геј икони (каубој, „Индијанец“, полицаец, моторџија, градежен работник, војник), тие владееја со дискотеки со своите фанки песни и секогаш имаа стабилна публика. Конечно мораа да се појават, видно поправени но се уште темпераментни, во Saturday Night Alive, за да одговорат на една навреда – злоупотребата на нивната песна Y.M.C.A. од големиот хејтер на геј културата – претседателот Трамп. Тие беа злобни и духовити, меѓу другото, ветија дека ќе и ја избричат косата на Иванка, одвај една недела пред изборите во ноември. Овој перформанс ја нагласува цензурата и она што е дозволено: во песната сè е дозволено. Значи, Village people ја бранеа својата чест прeд Трамп.
Работите во меѓувреме станаа многу посериозни. Во нападот на Капитол се појавија типови, проверено претставници на најстрашните десничарски групи, облечени многу слично како Village People. Еден од нив (типот со роговите) ја претставува организацијата QAnon, која ја шири шпекулацијата дека демократите (да не ги спомнувам другите, малку полево ориентирани) се сатанистички педофили и хомосексуалци, кои сакаат да го освојат светот со еврејски (соросови) пари. Како и зошто овој шљам ги украде сликите од популарната култура, која во претходниот половина век ревносно соработуваше, а понекогаш и беше клучна во еманципаторските движења? А, која тие, лажно претставените типови, најмногу ја мразат?
Првиот и наједноставен одговор, кој важи и за Трамп, е дека се социјално и психички неурамнотежени, но тоа е дел од описот, а не причината. Станува збор за постапка што карактеризира многу екстремни десничари и нивни поддржувачи ширум светот. Оваа постапка е во основа инфантилна и е мотивирана од длабоко чувство на инфериорност. Се состои во тоа на противникот бесконечно да му се повторува „ти си, не јас!“ – и обратно. Не станува збор за концептуална конфузија, туку за грабање на било што од виртуелните полици на Интернет-самопослугите, каде извесно е дека не се знае кој пие а кој плаќа, за да се добие впечаток на авторитет, право на вербално, а потоа и на реално насилство и превентивна одмазда.
Надвор од Соединетите држави, постапката се препознава во групи и поединци кои се снабдуваат од американски извори. Европските примероци понекогаш користат и европски извори, како што тоа го направи норвешкиот масовен убиец Брејвик. Во Словенија, каде што е изразен трансферот на американската крајна десница – орбанизмот, постапката, како и унгарските пари, веднаш се препознава. Со оваа измама, кражба и препознатлива имитација (бидејќи е слаба), кои само на прв поглед изгледаат несмасни, се уништува еманципацијата, како идеја и како практика, и тоа е најлошиот дел од кражбата.
Ако во претходните генерации им се допаѓаа раскошни униформи (некому дури и денес), претставниците на оваа лажна ориентација го земаат најдоброто, масовно и поврзано со граѓанските движења од втората половина на дваесеттиот век. Најголемата опасност е токму во заборавањето и незнаењето, односно расејувањето на знаењето и губењето на критериумите за наоѓање на знаење онаму каде што денес е најдостапно, на Интернет.
Затоа, укинувањето на Твитер и Фејсбук налозите на Трамп воопшто не е прашање на слобода на говор, а коментарот на Алис Камерон, новинарка на Си-Ен-Ен, е совршено точен: „Не мора повеќе да го слушаме тоа лудило“.
Во примерот на Србија, систематското уништување на секое здружение и референца од културата и секоја трага на текстот, вклучително и идеолошките, доведе до голиот систем на одржување на моќта на измама и кражба во пракса, а исто така и во јавниот говор, во имагинариумот на власта: единствениот можен модел на јавен говор е – логично – солилоквиумот на владетелот и најголемото злосторство на непријателот – интелигенцијата, за жал целосно неутрализирана од реализираните околности.
Светлана Слапшак
Извор: Peščanik
превод: Лени Фрчкоска