Во време на постојани урбани трансформации и климатски промени, мора да се запрашаме дали постои нов просторен модел со капацитет да се справи со овие константни мутации, гледајќи дека застарениот апартус на традиционалното просторно планирање функционира сè полошо. Ортодоксното градско планирање повеќекратно и во континуитет се покажува како нефлексибилно во споредба со, и паралелно на брзопроменливите состојби на современите урбани култури, и има потреба од фундаментални промени. Во обид да се избегне неуспехот на урбаната идеологија од втората половина на ХХ век, овој есеј го истражува пејзажот како алтернатива на урбаниот блок, со идејата за нова урбана форма.
При поставување на една ваква теза, мора да се напомене дека пејзажот дефиниран како урбана форма во современата метропола претставува простор во транзиција кој го избегнува концептот на популистичкиот енвиронментализам и пасторалната идеја за пејзажот и гравитира кон дискурсот на пејзажниот урбанизам во корист на експериментирање, шпекулација и игра. Аргументот кој пејзажот го застапува во врска со урбаното планирање и проектирање, или како информатор на урбаниот развој во новиот век, повеќе не потекнува од веќе-постоечкото разбирање присутно во регионалното и просторното планирање туку преку запознавање со екологијата како модел или систем за спроведување на просторната методологија во планирањето и проектирањето.
Кога ќе помислиме на пејзаж во градот, првата помисла и асоцијација е таа на градината. Градината, како формална илустрација, ни е позната уште од почетокот на времето, независно дали било тоа Еденската градина, Персиската Паиридеаза или Класичната Аркадијa. Низ историјата, вклучувајќи ги и модерните времиња, градината секогаш била осмислена како периметрален затворен простор или како архитектонска екстензија, потпирајќи се на ѕидовите од зградата. Оттука произлегува и дефиницијата за затворената градина (hortus conclusus); заробена територија за одгледување на растенија. Ова значи дека градината има функција. Токму овој податок, перформансот на градината, зачнува нов сет на алатки и процедури кога би ја ставиле градината во улога на новата урбана форма.
„На почетокот, Господ ја создал Еденската градина. Пред нејзиниот пад, Еден била плодна, миризлива оаза на задоволството, магично мирна освен кога се слушале милозвучните ноти на водата која жабурка и смеата. Од почетокот на човештвото, човечкиот род непрестајно настојувал повторно да го создаде овој мистичен рај“ – Габриеле Ван Зуилен, 1994
Ако идејата за рајот во форма на градина бил еден од најстарите идеали на човештвото, тогаш дали ние луѓето денес ги имаме заборавено благодатите на градината и сме создале една поинаква оаза. Оаза каде плодната почва е загадена земја и звуците на смеа се заменети со звуците на сообраќајниот неред. Во денешните услови на неизбежно глобално затоплување, загадена животна средина и неефикасни методи на преработка на отпад, можеме ли да замислиме дека градината на утрешнината ќе ја поправи штетата која сме ѝ ја нанеле на планетата?
Градината, не само што има позитивен ефект врз животната средина, таа делува добротворно и врз човекот. Зеленото растително парче е од есенцијално значење за човековиот креативен процес и ја заситува неопходноста од природата. Во Шкотска, токму на оваа тема, докторите имаа право да препишат „природа“ на своите пациенти и да им обезбедат отсуство од градот. Шетањето низ зимзелени шуми или покрај река или море, симултано го смирува и обновува умот, телото и духот на човекот и го враќа во една базична психолошка состојба која е од есенцијално значење на индивидуално но и на колективно ниво.
Со цел да го истражиме овој градински „лек“ во форма на нов урбан блок, потребно е да разбереме дека зад ѕидовите на градината има спектар на нови неоткриени функции. Урбаниот блок сам по себе е ограничен простор, и пред сè, цели кон една конечна геометрија. Ваквата формална дефиниција на блокот кореспондира со затворената градина како отсечок територија со јасно дефинирани периметрални граници и има способност да го кохабитира пејзажот во својата структурална композиција преку форми на градината. Во типолошка смисла, градината е поделена на два архетипа; чистината во шумата и оазата во пустината. Двете претставуваат мерлив простор, а за човекот тоа е важен аспект бидејќи така може да го сфати просторот. Наспроти размерот на отворениот пејзаж и стравот од празниот простор (horror vacui) човекот ја затвора градината зад ѕидови и го намалува размерот на ниво на една соба. Модерниот човек, на истиот начин го употребува урбаното планирање за да се справи со неопфатот на територијата. Тој се справува со големината и отвореноста преку форма на урбаниот блок.
Секундарно, затворената градина (hortus conclusus) е поделна на три главни типологии: хортус луди (hortus ludi), хортус каталоги (hortus catalogi), и хортус контемплатионис (hortus contemplationis). Во времето на средниот век, овие градини како типови кристализирале во манастирите, замоците и градовите. Во зависност од нивното име, градината ја рефлектира својата функција.
Хортус луди 1 (градината како спектакл)
„Аспектот на светлината и убавината (бојата) е претставен во експресивната форма на градината „луди“, местото на задоволството, рајот на забавувањето. Наменета како пријатен социјален простор за игра и забава (ludus), градината „луди“ е местото на раскошниот живот во салата.“
Хортус каталоги 2(ред во рамнината)
„Аспектот на пропорција е најприсутен во геометрискиот аранжман на градината „каталоги“. Природниот диверзитет бил познат во периодот на средниот век, па така организацијата и класификацијата на видовите растенија зазема улога која го илустрира рајот. Градината се состои од правоаголни полиња за растенија, и го искажува знаењето и богатството на просперитетното граѓанство.“
Хортус конемплатионис 3 (апстракцијата на просторот)
Интегритетот или совршенството може да се пронајдат во просторната целовитост на кластрумот или градината „контемплатионис,“ градина која ја рефлектира универзалната хиерархија каде Господ е во самиот центар. Ова е простор опкружен со галерии, небото како плафон и манастирот гравитира околу него.“
Овие три типологии служат како почетни позиции за потенцијални просторни асамблажи кои ја истражуваат новата урбана форма. Суштински, овие градини претставуваат чисти форми на задоволство, култивација и бенедикција. Но ако овие функции ги конфронтираме со денешните енвиронментални и еколошки предизвици, затворената градина демонстрира капацитет кој трансцендира од основното значење и впишува нов вид на форма, флора и функција како движечки катализатори на урбаните процеси во метрополата.
Градината или новиот урбан блок има различен инвентар на програми со мноштво на супфункции, а дел од нив се: прочистување на воздухот и намалување на аерозагадувањето преку шуми и цевки (собирање на токсични честички и употреба на артифициелни дождови), ремедијација на почвите и водите, намалување на топлотни острови ширум градот и амортизирање на планинските води, филтрирање на сивите и црните води од домаќинствата и улиците, редуцирање на CO2 емисии, намалување на загадувањето со пластика и стимулирање на нови системи за рециклирање и реупотребување, снабдување со енергија од обновливи извори, зголемување на биодиверзитетот и дивината во градот, охрабрување кон растителната исхрана и намалување на живинарската агрикултура, зачувување и стимулирање на нови видови на флора и фауна, спротивни од матичниот и обновлив енвиронментализам.
„Изнајдувањето на стратегии кои потенцијалот на растенијата го сфаќаат како обликувач на нашата околина, може да претставува фундаментална подлога за развивање на проектирање со растенија еднакво манипулативно и мерливо како тоа со типичните градежни материјали“ – Розета С. Елкин, 2015
Градината како нова урбана форма која ги вдомува горенаведените функции повикува на архитектонски методологии на проектирање кои ќе работат заедно со животната средина, а не против неа. Но и покрај сите овие напредни сфаќања на градината и пејзажот, од исклучително значење е обновувањето и повторно воспоставувањето на односот помеѓу човекот и природата како индивидуална и колективна вредност. Природата повикува на нешто длабоко врежано во човековиот инструмент на постоење. Биофилија, љубовта кон природата и сите живи нешта претставува витален дел од човечката состојба. Хортофилија, желбата за интеракција со, одржување и култивирање на, и грижење за природата е внатрешна појава на секој човек која треба да се негува и истакнува како една најзначајните човекови особини.
Есејот, во скратена форма, може да биде најден во студио книгата „Обрасци на Раст: Ослободување на Просторот“ и во публикацијата „Дворови – Градини – Објекти“ во библиотеката на Архитектонскиот Факултет – Скопје. Oвиде две изданија се во соработка со професорите Слободан Велевски и Марија Мано Велевска, раководители на интегративното студио „Обрасци на раст “во IX семестар, постдипломски студии.
Превземено од www.porta3.mk