Жените кои се соочуваат со семејно насилство во Канада, чиј број во услови на пандемија на коронавирусот се зголеми, имаат потреба од поголема поддршка од владата и провинциските власти, велат засолништата и експертите.
Новиот национален извештај објавен од Засолништата за жени во Канада (ЗЖК) во средата, за да се совпадне со Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, утврди зголемување на фреквенцијата и сериозноста на насилството врз жените од март, кога беше воведен карантин во различни провинции како дел од мерките за заштита на јавното здравје.
„КОВИД и придружната социјална изолација се еден вид на совршена бура за семејно насилство,“ изјави за весникот Глобал Катринеа Скот, директорка на Центарот за истражување и едукација за насилство врз жени и деца на Западниот универзитет.
Поголемиот товар на одговорности дома, стресот на пандемијата, распадот на системите за реакција како судовите и полицијата, како и намалената неформална поддршка го влошија проблемот за многу жени, додаде таа.
Дања О’Мали, извршна директорка на Сервисите за спречување семејно насилство на островот Принц Едвард – еден од 266 засолништа што учествуваа во националното истражување, рече дека забележале намалување на повиците за поддршка на нивната кризна линија.
„Верувам дека најголемата причина за тоа беше што луѓето едноставно немаа слобода да се јават,“ рече таа за весникот Глобал .
Провинциските мерки за седење дома, затворање на училишта и губење на работа значеа дека жените честопати биле во непосредна близина на нивните насилници сите часови на денот, оставајќи им малку шанси да посегнат по помош.
„Или живеат со нивниот насилен партнер, или пак сега се постојано дома со своите деца и поради тоа имаше помалку луѓе кои бараа поддршка.“
На глобално ниво, се забележува зголемување на семејното насилство за време на пандемијата. И, жените беа непропорционално погодени – и социјално и економски.
„Постојат жени кои продолжуваат да ги губат своите работни места или кои одлучуваат да ја напуштат работната позиција затоа што едноставно не е можно за нив да прават сè во исто време,“ рече Скот.
Според Обединетите нации, проекциите покажуваат дека на секое три месечно продолжување на карантинот, се очекува дополнителни 15 милиони жени да искусат насилство.
Во Канада, владата обезбеди дополнителни 100 милиони долари за финансирање на засолништа и организации кои им помагаат на жртвите на домашно насилство.
Но, со ограничени донации и добротворни настани, треба да се направи повеќе, велат експертите.
„Канада не даде приоритет на последиците на жените како дел од стратегијата за Ковид- 19,“ рече Ангела Мари Мекдугал, извршна директорка на Услугите за поддршка на повредените жени (УППЖ) во Ванкувер, додавајќи дека финансирањето не е доволно за да се препознае потребата.
Според истражувањето на владата во јули, повеќето служби за помот на жртви изјавиле дека врз нивната работа влијаеле способноста да пристапат до ресурсите за клиентите како и преминувањето на работа од далечина.
И покрај тоа, групите за поддршка на жените и засолништата низ целата земја ја истакнаа потребата од барање помош во ова тешко време, уверувајќи ги жртвите дека нивните кризни линии се отворени.
„Многу места започнаа да располагаат со повеќе опции преку кои луѓето можат да ги контактираат,“ рече О’Мали.
„Вклучени се повеќе кризни линии и сега се достапни и преку порака или чет на нивната веб-страница, а тоа е начин луѓето да можат да им се обратат на приватен начин, ако се дома.“
Во меѓувреме, Скот рече дека вклучувањето на мажи во разговорот е исто така важно.
Таа додаде дека федералните и покраинските влади треба да инвестираат во можности и иницијативи што ќе работи со мажи кои предизвикуваат повреда, да се обидат рано да интервенираат и да ја намалат употребата на насилство.
„Би сакала да видам повеќе инвестиции во работата со оние кои вршат насилство за да можеме реално да го разгледаме и проблемот од две различни перспективи,“ рече О’Мали.