По телефон, Ванеса ми раскажува за нејзиниот престоен одмор во Сајулита, Мексико. За куќа со базен, друга куќа „во ридовите“, еден куп луѓе и долги, мрзливи денови поминати во пиење и дружење. Давам сè од себе активно да слушам додека мојата 3,5 годишна ќерка скока врз мене, радосно врескајќи „Мексико! Мексико!“
„Ти ја слушам ќеркичката“, се насмевнува Ванеса. „Не можам да замислам што би правела јас со мини верзија од себе“.
Ванеса ја запознав минатото лето, талентирана готвачка и уметница. Ја интервјуирав за еден локален весник и веднаш се вљубив во нејзината куќа, нејзиниот “гајле ми е” став, нејзината вкусна храна и приказните за патувања, импулсивни одлуки и авантури. Станавме пријателки, честопати си праќавме пораки и се среќававме. Можеби досега погодивте дека таа нема деца, и тоа не е случајно. Ванеса (и се надевам дека нема да ме отфрли откако ќе го прочита ова) е една од многуте жени без деца што се важни во мојот живот – и со кои тајно се опседнувам.
Знаете како, кога барате совршени летни сандали, сè што забележувате на другите жени се шик сандали? Пред да добијам деца, никогаш не размислував за жените кои избрале да не станат мајки. Сега постојано размислувам за нив и ги забележувам насекаде. Имаат нешто што јас го барам, прозорец кон животниот пат што јас не сум го избрала.
А сè започна со една мала црна врата.
Во март 2017 година, во шестиот месец од бременоста, бев во Њујорк на конференција за медиуми – моето последно соло патување пред да станам мајка. Living Modern на Џорџија О’Киф беше отворена во Музејот во Бруклин, обемна изложба на која беа изложени гардеробата и додатоците на сликарката заедно со цитати и анегдоти од нејзиниот живот. Сама одела на кампувања! Сликала во зори секое утро! И еднаш се вљубила во црна врата во пустината и решила да го купи целиот имот околу неа! Стоејќи пред моделите на Пучи и Баленсијага направени по нарачка на О’Киф, помислив, за прв пат, за акутната слобода и огромните можности што ги нуди животот без деца.
Отприлика кога се роди ќерка ми, летото 2017 година, британската филмска ѕвезда Хелен Мирен – парадигмата за жена која живее без деца, која претходеше дури и на Опра – го промовираше The Leisure Seeker. Ја следев, голтајќи ги нејзините интервјуа, впивајќи го младешкиот сјај на Мирен и нејзината длабока самодоверба.
Постепено, жените без деца „за пример“ почнаа да го наоѓаат патот до мене на големиот и на малиот екран, во книгите што ги читав и во написите што ги ретвитував. Трејси Елис Рос ја гледав на црвениот тепих на Еми и Златните глобуси, со нејзиниот прекрасен стил и непретенциозниот joie de vivre. А авторката Меган Даум, чија книга есеи од 2014 година, „Неискажливото“, за нејзината одлука да се откаже од мајчинството, ме натера да плачам на моето породилно отсуство. (Не само што Даум одлучила да нема деца, таа уредила и антологија во која 16 талентирани писатели зборуваат за истата одлука.)
Додека ќерка ми растеше од бебе во мало девојче, често се фаќав себеси како играм игра со погодување во која станувам сè повешта – ако некоја жена уметница, писателка или визионерка го привлечеше моето внимание, шансите да откријам дека нема деца беа големи. Ен Фридман, жената зад бестселерот „Големото пријателство“ што неодамна го завршив? Нема деца. Ен Хелен Петерсен, мојот личен идол за пишување и авторка на Can’t Even — во која ги посочува финансиските и општествените причини што ја натерале да одлучи да не го избере мајчинството — исто така е без деца. Не ги познавам овие жени, но се потпирам на нив за совет и утеха.
Воспитана сум во руско домаќинство, така што, традиционалните семејни вредности веројатно ми се впиени уште од самиот почеток. Се сеќавам дека како мало девојче и тинејџерка, чувствував нежност кон бебињата и малите деца, и честопати фантазирав за малото бебе кое ќе го имам еден ден. Во Израел, каде што пораснав, децата и семејниот живот се национални опсесии, но дури и откако се преселив во САД, каде што да се биде без деца е општествено далеку поприфатливо, сепак сакав да забременам. Секогаш сум имала јасен став дека сакам да имам деца. По ѓаволите, додека го пишувам овој текст, знам дека сакам и второ дете. А сепак, како магнет ме привлекуваат жени без деца.
Тука е Марша, прекрасната писателка за храна што ја гледам на локални настани во шарен кафтан, впечатливи обетки и околу неа група восхитени геј пријатели, постојано. Тука е мојата пријателка Кристина, дизајнерка на аксесоари од Мексико, која сака да ја гушка мојата ќерка, но признава дека целосно ужива во животот без проблеми и замор поврзани со децата. Тука е и Гејл, чудната уредничка со која сакам да се дружам, која собира чевли и живее сама во прекрасен стан. А тука е и Даниел, талентирана уметница што ја запознав неодамна, која го претвори својот дом во музеј, едноставно бидејќи и се може. Ја негувам секоја интеракција со нив. Ги проучувам.
Дел од тоа е старата добра фрустрација дека нешто добро се случува некаде далелу и го пропуштам. Колку различен можеше да ми биде животот ако не сакав и одлучев да немам деца? Можев ли да станам подобра писателка? Дали веќе би имала договор за книга? Дали би можела да патувам на повеќе места? Дали би купила куќа во пустината од каприц? Но, дел од мојата фасцинација со жените без деца е тоа што, настрана од фактот дека сум мајка, сакам да бидам и како нив.
Штом ќе добиете дете, неверојатно е лесно да ги интернализирате очекувањата на општеството и да се предадете на наративот дека сте целосно променети, преродени, како и да сакате наречете го. Тоа често го гледам на Инстаграм; штом една жена, инфлуенсерка или познаничка ќе добие дете, нејзините објави брзо стануваат обвиени со бебешка лига, прогласи за пожртвуваност, рамнотежа помеѓу работата и животот, безусловната љубов и органски памук.
Но, што ако, сакате да родите бебе и да останете целосно, безусловно, истите? Мајчинството ми одзема пристоен дел од времето. Но, додека ја носам љубовта кон ќерка ми длабоко во себе и ѝпосветувам голем дел од вниманието што наместо тоа можев да го насочам во иден бестселер, во најголем дел чувствувам дека останав непроменета. Сè уште ја сакам својата слобода, ги негувам своите избори, ги слушам моите инстинкти, ги бркам моите соништа и се препуштам на планови кои немаат многу врска со ќерка ми. Опседнувањето со жени без деца ме потсетува на овој упорен дел од тоа која сум јас, она што отсекогаш сум била.
Знам дека нема две исти жени без деца и дека да се каже не на мајчинството е тешка, незгодна одлука поттикната од околностите кои се длабоко лични и непознати за другите. Но, за мене, она што е заедничко за сите овие жени – во историјата, медиумите и во моите општествени кругови – е таа чиста верност кон себе што толку сакам да ја паметам и зачувам. Тие не треба да ги „балансираат“ работата, хобијата и мајчинството – наместо тоа, можат целосно да го приоретизираат своето соло животно патување, по нивни услови. И додека не можам да одам во нивните чевли, гледајќи ги одблизу е доволно.
„Да”, и велам на Ванеса на крајот од нашиот повик, ќе ѝ се придружам на неделна „авантура со пица, плажа и велосипедизам“. И додека ја спуштам слушалката, патот по кој никогаш не тргнав, но во чиј правец гледав често, повторно се отвора.
извор: Медуза