Изгубен допир: како цела година без прегратки влијае на нашето ментално здравје

Луѓето се создадени да допираат и да бидат допрени – затоа многумина кои живеат сами страдаат за време на пандемијата. Дали некогаш ќе се опоравиме целосно?

Кучињата можат да помогнат многу, меѓутоа и тоа не е доволно. Живеам сама со мојата Стафордшир бул териер и по првите осум недели од првиот карантин таа ги превртувше очите од мојата константна силна прегратка. Бев врзана за софата со Ковид и неговите последователни ефекти пред да се најави карантинот, а потоа пролетта и летото поминаа без значаен допир од друга личност. Ми недостасуваше мирисот на облеката на моите пријатели и косата на мојот внук, но, повеќе од сè, ми недостасуваше заземјувањето што може да го донесе само друго човечко тело. Болката во мојот соларен плексус што се врза за овие мисли честопати ме фаќаше неподготвена.

Потребата за допир постои под хоризонтот на свеста. Пред раѓањето, кога амнионската течност во матката се врти околу нас и феталниот нервен систем може да го разликува нашето сопствено тело од мајчиното, целиот наш концепт за себе е вкоренет во допирот. „Човечкото тело ги има изградено сите свои модели врз основа на допир добиен од негувачи,“ вели д-р Катерина Фотопулу, професор по психодинамичка невронаука на Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Ние целосно се потпираме на негувателот за да ги задоволиме основните потреби на организмот. Малку може да се направи без допир. “

Нина Смит има 40 години и живее сама во јужен Лондон. Таа доживеа одолговлечено закрепнување по повредата на ‘рбетот во 2018 година, барајќи долги периоди на одмор во кревет. Луѓето ја посетуваа, но нејзините нивоа на болка направија да биде тешко да ја допираат. Таа чувствуваше дека има добра предвидливост како да се подготви за првиот карантин. „Мислев дека знам како ќе се одвива,“ вели таа на платформата Зум. „На пример, знаев колку треба да бидам строга во врска со рутината на одење на прошетки; секогаш се чувствувате малку подобро откако сте искусиле различна околина.“ Но, по шест недели, нејзината решителност започна да се распаѓа. „Изолацијата што веќе ја доживеав ме направи поранлива отколку што мислев. Се обидов да се задржам во рутина, но… ,“ таа почнува да плаче. „Во одреден момент, тоа што не можев да прегрнам некого беше навистина мачно. Не верувам дека владата го разгледа влијанието на првиот карантин врз луѓето кои живеат сами. “

Како возрасни, можеби не ја разбираме важноста на допирот дури и кога ќе исчезне. „Можеби ќе започнеме да сфаќаме дека нешто недостасува, но нема секогаш да знаеме дека тоа е допир,“ вели проф. Френсис МекГлоун, неврологот на Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул и лидер во областа на нежниот допир „Но, кога зборуваме за проблемот на осаменост, ние често го игнорираме очигледното: она што не го добиваат осамените луѓе е допир.“

Допирот има огромно влијание врз нашето психолошко и физичко добро, вели проф. Робин Данбар, еволутивен психолог на Универзитетот во Оксфорд. „Со нашите блиски пријатели и семејство, се допираме повеќе отколку што сфаќаме,“ вели тој. Како возрасни, истражувањето на Данбар открива, имаме група од, во просек, пет пријатели кои можеме да ги повикаме како рамо за плачење. „Ја гледаме истата работа кај приматите,“ вели тој. „Дури и во многу поголеми општества на примати, групи од пет најдобри пријатели се појавуваат на секој слој, кои го прават сето нивно дотерување заедно- нивната форма на социјален допир. Кај приматите и луѓето, овие интензивни коалиции дејствуваат како ублажувачи; тие ти пружаат целосна подршка.“ Затоа, не е изненадувачки што од 40.000 луѓе од 112 земји кои учествуваа во истражувањето на БиБиСи и Wellcome Collection, во 2020 година, трите најчести зборови што се користеа за да се опише допирот беа: „утешителен,“ „топол“ и „љубов“.

Како што продолжува пандемијата, многумина од нас ќе се обидат да се справат со длабокиот стрес без удобноста на допирот. Сите ние имаме различни потреби и граници (МекГлоун вели „не секој страда од недостаток на допир; навистина не сакам да ме гушкаат и да ја полудувам мојата кутра жена“), но тоталното отсуство на допир, особено кога емоциите се високи , е во спротивност со жицата што нè регулира од почетокот на нашите животи.

„Допирот е модулатор кој може да ги смири ефектите на стресот и болката, физички и емоционални. Во нашето истражување видовме дека недостатокот на допир е поврзан со поголема вознемиреност,“ вели Фотопулу. „Во време на висок стрес – губење на работа или загуба на блиска личност, на пример, – повеќе контакт од другите ни помага да се справиме подобро, особено во смирување на ефектите од (хормонот на стресот) кортизол.“ Дури и ако сме навикнати да не нѐ допираат многу, по некое време потребата може да се почувствува физички – понекогаш опишана како „глад на кожата“ или „глад за допир.“

Иако можам да сочувствувам со исцрпувачката монотонија што ми ја опишаа моите пријатели со млади семејства (и знам дека тревата е секогаш позелена на другата страна на оградата), јас силно го почувствував недостатокот на припадност на глутница. Тоа го почувствува и Клер Бирк, наставничка од Единбург: „Јас имам 37 години, и повеќето од моите пријатели живеат со партнери или деца,“ вели таа. „Никогаш во мојот живот не сум се почувствувала посвесна за мојот сингл статус, ниту недостатокот на интимен телесен контакт.“

Бројот на луѓе во Велика Британија што живеат сами се зголеми за 16% на 7,7 милиони во периодот од 1997 до 2017 година. Социјалните меурчиња кои станаа реалност, изгледаа спасително. Смит направи таков социјален меур со пар кој живее заедно и вели дека тоа и помогнало во нејзиното расположение. Но, деновите се долги, а нејзините пријатели „не се особено наклонети кон допирот.“

„Сфаќам колку многу ги допирам луѓето без размислување,“ вели таа. „Се чувствувам како да ја држам целата оваа емоција во моето тело, и немам да ја ставам.“

Во состојби со висок стрес, може да се чувствуваме како нашите тела едвај да ги задржуваат нашите емоции доколку нема никој да не држи. „Многу студии ја поддржуваат теоријата дека допирот му дава на мозокот сигнал дека може да ги пренесе своите ресурси за справување затоа што некој друг е таму за да го сноси товарот. Ова го релаксира телото, и на некој начин да го обнови буџетот за стрес, ако сакате,“ вели Фотопулу. Но, допирот не е единствено чувство. Двата квадратни метри кожа се преполнети со нервни влакна кои ја препознаваат температурата, текстурата и чешањето, итн. Една група влакна постои чисто за да се регистрира нежен и милувачки допир: тактилните аферентни C (CTs). МекГлоун го проучува ова од 1995 година, кога беше откриено кај луѓето. „Овие неврони, во кожата на сите социјални цицачи, пренесуваат бавни електрични сигнали до деловите на мозокот кои процесираат емоции. Тие играат клучна улога во развојот на социјалниот мозок и нашата способност да го издржиме стресот.“

Најголемата густина на CTs низ целото тело е во деловите што не можеме сами да ги „негуваме,“  како што се рамената и грбот. „Ако обожавате да ви го допираат грбот, тоа е затоа што има повеќе CTs ,“ вели МекГлоун. „Стимулацијата на овие неврони ослободува окситоцин и допамин и има директно влијание врз нивото на кортизол, кое го регулира нашето расположение.“ Во 2017 година, тимот на Фотопулу објави студија која покажа дури и нежно, бавно галење од странец може да го намали чувството на социјално исклучување. Но, во нашите вообичаени животи, нема да се галиме цело време. „Не, не ти треба тој допир цел ден,“ вели МекГлоун. „Овој нежен вид на допир ни треба само понекогаш.“

Во овие времиња на лишување од допир не постои вистинска замена за она што го добиваме од другите луѓе, но постојат начини да се смириме. Лабораторијата на Фотопулу наскоро ќе објави студија спроведена за време на пандемијата, која се базира на теоријата дека, на ист начин како што мислиме дека можеме да ја почувствуваме болката на другите, може да почустуваме допир индиректно. Истражувачите откриле дека гледањето допир (на пример на ТВ или во филмови) – особено социјален, љубовен или допир со миленичиња – може да ни даде некои придобивки од чувството на допир. „Ова се нарекува„индиректен допир,“ вели Фотопулу. „Мозокот кодира мултисензорни искуства на повеќе начини. Ние исто така можеме да ја „почувствуваме“ болката и задоволствата на другите само со тоа што ги гледаме,“ вели таа. „Ова не е трајна или целосна замена, само делумна.“

Производи како ќебиња со тежина можат да помогнат. Смит вели дека поставувањето на едно вакво ќебе преку нејзините гради и рамената ја прави да се чувствува „многу помирна“ – зборувајќи, можеби, на инстинктивна потреба за стимулирање на CTs. Интеракцијата со животните исто така помага. „Мачката на мојот сосед одлучи да живее со мене половина од времето, и кога седи на моите гради и преде, тоа е навистина смирувачко.“

Ова резонираше со мене: топлината на грбот на моето куче под мојата рака беше најприземјувачкото чуство за мене во последните 12 месеци. Знам дека чувството е добро, но зошто? „Кога го галите вашето куче, користите системи што би се активирале доколку кучето ве гали вас,“ вели МекГлоун.

Гладта за допир е сигнал дека не се исполнува примитивна потреба. Но, еволуцијата е на наша страна. Секој научник со кој разговарав беше оптимист дека, откако ќе можеме повторно да се собереме, брзо ќе се прилагодиме. „Ќе биде различно за секој поединец, веројатно врз основа на на тоа колку долго биле луѓето сами и може да има период на несмасност и повторно преговарање,“ вели Данбар. „Но, ние еволуиравме да се прилагодуваме.“

Некои имиња се променети.

Превод: Рушка Бабиќ 

 

The GuardianКовид-19Македонски НовостиПсихологија