Веб-сајтот Медуза, која е и првата феминистичка онлајн платформа во Македонија постои повеќе од 2 години. Низ целиот досегашен период на постоењето на Медуза, во јавноста проследивме голем број текстови, интервјуа и разговори на теми поврзани со родовата еднаквост, родовиот идентитет, квир културата, феминизмот. Каков беше feedback-ot на почетоците на развивањето на Медуза, а каков е сега?
Медуза е платформа која креира простор за теми за кои е тешко да се говори и гласови кои ретко се читаат. На нашата веб страна и други простори за комуникација кои ги користиме веќе две години се пласира феминистичка мисла во средина која е крајно традиционална и мизогина (а тоа е и повеќе очигледно во дигиталната сфера) и споделува женски искуства кои сме навикнати да ги ставаме под тепих. На самите почетоци, кога Медуза беше само идеја за која се разговараше на ниво на пријателски средби, прашањето „кој би пишувал за таков сајт и за такви теми“ беше централната дилема. Јас бев искрено исплашена дека буквално сама од јутра до сутра ќе треба да пишувам текстови, бидејќи нема да успеам да најдам авторки и автори кои би пишувале, особено во прво лице еднина. Затоа, како огромно достигнување секогаш споделувам дека 30тина прекрасни авторки и автори допринесуваат и практично го овозможуваат постоењето на платформата.
Штом Медуза успеа да ја создаде таа мрежа уште од почетоците, некако знаев дека сме на добар пат. Фидбекот од тогаш, до денес е разнолик и забавен за анализа. Настрана говорот на омраза, навредите и слично кои растат како што расте нашата публика и видливост, тоа што нас нè движи е секоја една порака која ја добиваме од девојки и жени кои нè следат и читаат, и кои сме успеале да ги допреме со одредена содржина. Мислам дека успеваме да ги доближиме феминизмите до поширока публика, да изградиме мрежа на авторки, но и на публика (и двете се еднакво важни), но и да се држиме до нашиот спефичен пристап кој во суштина не треба да зависи и да се адаптира според тоа дали добиваме лош или добар фидбек. После 2 години и кусур работата на развој и на брусење простор, сега сме на едно ново место каде сме посамоуверени во тоа што го правиме.
Според вашите досегашни сознанија како главна и одговорна уредничка, дали сметате дека нашето општество станува поотворено, поинклузивно и послободно да разговара за теми кои ги засегаат жените и останатите маргинализирани родови идентитети?
Мислам дека во овој контекст клучен е јазикот кој го користиме. Не мислам дека општеството станува поотворено, но мислам дека правиме, работиме, се бориме да биде. Денес секако е полесно да се пренесе одредена порака и гласно да се застапува за феминизмот, но нашата работа се темели на работата на други жени во минатото, кои на овој или оној начин го отвориле патот за нас. Јас искрено верувам дека со секое артикулирање на неправда, секој објавен текст или друга содржина и секој нов омоќен феминистички глас, сме поблиску кон градење на свет кој е праведен. Знам дека звучам претерено идеалистички, но сè повеќе сме соочени со неодржливоста на системот во кој живееме. Мораме да размислуваме радикално и надвор од познатите матрици, ако сакаме да имаме шанса. Феминизмот со неговата богата историја, теорија и интерсекционалност, според мене нуди модели на размислување кои ни се потребни за целосна општествено трансформација. Преку Медуза сакаме да ја прошириме таа мисла колку што можеме, бидеќи артикулација на различните реланости е првиот чекор.
Жените во оваа држава се константно таргетирани на социјалните мрежи. Тоа го покажуваат и случувањата поврзани со „Јавна Соба“ (Телеграм), а за сериозноста на овој проблем се зборува и во последниот извештај на ЕУ. Како главна и одговорна уредничка на феминистички портал, дали се соочувате со онлајн притисоци и закани?
Да, се соочуваме, но тоа е нешто за што бевме подгответни и го очекувавме, и всушност беше најприсутно во период кога случајот Јавна соба беше во фокус. Тоа што загрижува е што институциите сè уште немаат развиено механизми за навремено постапување, односно, тие како да не сакаат да го прифатат едноставниот факт дека сајбернасилство е насилство. Со оглед на тоа што најголемиот дел од нашата работа се одвива онлајн ќе продолжиме да работиме и застапуваме за соодветна регулација на сајбер насилството, одмаздничката порнографија и сексуалното вознемирување преку интернет и не постои закана која може да нè одвлече од таа намера. Меѓутоа, тоа што можеби за мене е уште поважно е одржување на темата во дискурсот и навистина раскрстување со наративот на двојна виктимизација и тука медиумите и сите оние со платформа ги гледам како клучни актери. Еве како добар пример, вчера прочитав еден текст кој на одличен начин го обработува проблемот на дигиталната интимност, без нималку морализирање и релативизирање и топло го препорачувам.
Кон крајот на 2020 година, беше објавена и публикацијата на Медуза „Отаде издржливоста“, збирка на текстови на авторките на Медуза. Ова е вашата втора публикација – првата беше насловена Дијалози и објавена во 2019 година. Според вас, како ќе влијаат овие две збирки врз целокупниот општествен развој во поглед на женското прашање и родовиот идентитет и неправдите со кои маргинализираните групи се соочуват секојдневно?
Пишувањето, објавување и читањето се важни пракси за една земја и за заедниците во неа. Со нашите публикации правиме архива на феминистичката мисла и акција во дадено време, на даден простор и тоа е од исклучителна важност за генерациите кои доаѓаат по нас. За мене пак, како уредничка, предизвик ми е да ја спакувам нашата годишна содржина во едно издание и веќе сум возбудена од помислата за уредувањето на 3тата публикација, бидејќи со секое издание растам и учам многу. На повеќето авторки пак, тоа им се први печатени текстови, што ме става во прекрасна, но и привилегирана позиција. Тоа на личен план ми носи голема радост.
Оваа година, на деветтото издание на фестивалот Прво па женско кој се одржува од 1 до 13 јуни оваа година, заедно со Тиииит! Инк. организирате мини-школа за критичко феминистичко пишување. Која е вашата целна група и на кој начин планирате да ја реализирате школата?
Само што започнавме со мини-школата, како дел од младинската програма на Прво па женско. Целна група се навистина сите оние со желба да научат да пишуваат аргументиран текст и да се потковаат со знаење од областа на феминизмот и родовите науки. Мини-школата го следи моделот на Школата за феминистичко пишување и критика која ја работевме во 2019 и која траеше 5 месеци. Заради здравствената ситуација за мини-школата моравме да го редуцираме бројот на учеснички, но можам да најавам дека во 2022 повторно ќе се случи Школа за феминитичко пишување и критика на Медуза, која ќе трае неколку месеци. Сите детали ќе бидат објавени на нашите социјални медиуминавремено, но уште сега можам да ветам одлично и квалитетно поминато време.