– Пред околу една година, за прв пат си реков: „Не, Ива! Мика не ве челичеше за глумата, не ве тестираше како актерки, ве злоупотребуваше. Те злоупотреби многу! И злоупотреби многу други. И ќе продолжи. Никогаш нема да запре! “
Вака за „Блиц“ ја започнува својата исповед Ива Илинчиќ (24), актерка на Драмски театар во Белград, уште една девојка која во полиција го пријави познатиот учител по глума Мирослав Мика Алексиќ (68). Таа вели дека за прв пат била сексуално злоставувана на 17-годишна возраст. Следуваше период на пауза до 18-та година од животот, а потоа продолжи.
– Не бев силувана, за среќа немам такво искуство, но континуирано бев сексуално вознемирувана. Молчев шест години, негирав, не кажав никому, буквално никому. Јасно ми беше дека е лошо. Кога се случи за прв пат, си реков: „Мика ми е како татко, невозможно е ова да се случува и не се случува. И ако се случува, тогаш тој ме челичи, сака да ме подготви за суровиот свет на режисерите и продуцентите“. Јас го оправдував, одбив да прифатам. Игнорирав. И тогаш си признав, што беше огромен чекор – вели Ива Илинчиќ.
Во училиштето не се зборуваше за злоупотребувањето, дури ни меѓу пријателките. – Подготовките за приемниот траеја. Излегував од канцеларијата на Мика … Со погледот ја сретнав девојката што влегуваше во канцеларијата. И двете знаевме низ што поминав и што ја чекаше таму, но не разговаравме. Таа не е подготвена ниту денес – вели Ива Илинчиќ и додава дека страдала затоа што групата и била многу важна. Како што вели, дури и откако започнало злоупотребата, необјасниво, имала доверба во Алексиќ.
Имате чувство дека постојано му должите нешто
Младата актерка сведочи дека групата на Алексиќ значела многу за неа и за другите учесници. Дека имале убави моменти, научиле корисни работи, и дека се врзале едни на други.
– На 10-годишна возраст се запишав во училиштето на Мика и одев редовно до факултет. Многу ја сакавме таа група. Мика не формираше според сопствената мерка, правеше од нас личности какви што посакуваше. Бев послушно дете, не правев проблеми, но дури и оние што беа непослушни го слушаа Мика, беа приврзани за него. Тој го поништи авторитетот на родителите, многу интелигентно, поставувајќи се себеси како апсолутно доминантен. Тоа предизвикува не само страв и почит, туку и голема љубов. Кога има толку многу љубов, чувствувате дека му припаѓате, дека постојано му должите нешто и кога ќе се случат такви лоши работи, размислувате дека тој ви посакува добро и дека сето тоа го прави за ваше добро. Преку таа група, учите што е дисциплина, редовно читате, одите на изложби, во музеи, мора да донесете потврда од стоматолог дека забите ви се здрави – вели Ива Илинчиќ.
Тој наведува дека Алексиќ „уште од рана возраст ги учел учениците да не им раскажуваат на своите родители за часови, дури ни на нивниот најдобар пријател, бидејќи тоа е наша работа“.
– Сега на 24 години мислам дека бев дел од секта, тогаш не разбирав. Мислев дека тоа не е друго семејство, туку наше пошироко семејство – изјавува Ива Илинчиќ. Молчела шест години.
– Буквално никому не кажав. Ниту на мајка ми и татко ми, ниту на сестра ми, ниту на тогашното момче … Никому. Не знам како да објаснам. Се срамев, го преземав неговиот срам, се чувствував како соучесник. Бев мала, не сфаќав дека не сум соучесник, туку жртва на исклучително интелигентен човек кој постојано велеше дека ме познава во душата. И навистина ме познаваше. Имаше ист систем со секоја жртва, знаеше како да се приближи и колку и дома да размислуваш што да му кога следниот пат ќе те нападне, се плашиш и се враќаш, затоа што не сакаш да ја напуштиш својата група … До каде оди тоа? Не сакаш тој да мисли лошо за тебе. Не сакаш да мисли дека не си подготвена да направиш нешто за него. Постојано повторува дека ти го дал светот на дланка, повторува „Јас сум ви вам потребен а не вие мене“, а ние тоа го слушаме како мантра веќе 10 години – вели Ива Илинчиќ.
Вели дека учениците во групата никогаш не ги доведувале во прашање методите на Мика.
Милена многу ме мотивираше
– Убедена сум дека ова започнало многу пред нас. Неговата моќ беше во тоа што веруваше дека никој од нас нема да зборува. И до сега така и беше. Додека Милена, која е најхрабра, не не повлече сите и ни даде крилја да се ослободиме. Кога го уапсија, почувствував такво ослободување, како никогаш порано во мојот живот, не сум била ни свесна за товарот. Можеби звучи глупаво, но тоа беше како некој вид хипноза. Со него бев во добри односи со години по групата. Беше присутен на Академијата, гледаше некои од моите испити, сè уште не можев да си објаснам дека тоа е нешто лошо. Ми требаа четири години да сфатам дека ме малтретира. Кога почнав да го анализирам на психотерапија, сфатив дека тоа е тешка форма на злоупотреба, психолошка, сексуална, емоционална, секаква – вели Ива Илинчиќ за „Блиц“.
Потоа се појавила Милена, која многу ја мотивирала.
– Таа рече дека не треба да се предаваме, дека треба да се бориме. Она што ме мотивираше најмногу, сепак, беа двете девојки кои го пријавија Мика заедно со нас, беа прекрасни. Една од нив, дете, има 17 години. Кога ја видов, реков: „По секоја цена, морам да направам нешто!“ – вели Илинчиќ.
За разлика од Милена Радуловиќ, која за „Блиц“ вели дека го надминала силувањето и ужасната траума и сега прави се за да им помогне на потенцијалните нови жртви, Ива Илинчиќ вели дека сè уште не ја процесуирала траумата.
Таа исто така објаснува зошто досега не проговорила.
– Потиснав сè, бев многу исплашена. Знаете, кога во друштво ќе кажете дека сте од училиштето на Мика, ви се отворат вратати, културни сте, образовани, дама, се чувствувате добро. Покрај тоа, секогаш имав во главата дека луѓето ќе ме жалат, и тоа е последното нешто што го сакам. Не сакав ни да се изложувам, не ми треба тоа, јас сум на почетокот на мојата кариера, сакав да се експонирам заради некоја улога и ова сигурно не е причината поради која некој на 24 години би сакал да заврши на насловна страница. Но, кога ќе го ставите сето тоа на едната страна, плус можната осуда на јавноста, а од друга девојката што ја запознав, која има 17 години и трпи ужас, немав дилема дали треба да се изјаснам. Тогаш решив да им кажам на моите родители и момчето и добив огромна поддршка. На мама и тато им беше тешко, никогаш не им ни паднало на памет, замислете да му доверите дете на некого како родител, а потоа да сфатите кому сте му дале. И за нив е многу тешко – вели Ива Илинчиќ.
Доaѓаше на испитите, контролираше сè
Како што се отворала и им зборувала на луѓето за своето искуство, нејзината самодоверба растела, сфатите дека не е виновна и дека „многу е важно сите жени да знаат дека не се виновни“.
– Имаше моменти кога помислував, Боже, дали фустанот во кој влегов денес е премногу краток или дали кошулата е провидна? Тоа е најлошото чувство, затоа што сте сигурни дека и вие сте виновни, бидејќи учествувате во тоа. Ми значеше што по Академијата веќе не морав да го гледам. Дури откако ме пушти, откако го истресов од себе, сфатив. Неизмерно сум му благодарна на татко ми, Срѓан, кој за многу кратко време направи се што беше во негова моќ да биде полесно и да ни помогне на сите, како адвокат. Јас сум неговата принцеза и тој е најдобриот татко на светот. Имав поддршка и од најдобрата пријателка Миа. Никој повеќе не мораше да ме убедува, бидејќи инстинктивно чувствував дека е мое, дека ми припаѓа да излезам со име и презиме и да раскажам сè – вели актерката.
Додека била на Академијата, раскажува, Алексиќ доаѓал на испитите и сепак „некако контролирал сè“. Кога престанала да го гледа, нејзината самодоверба се зголемила.
– Тој имаше страшно влијание. Секој пат кога ќе го видаев, сеќавањата ми се враќаа и сфаќав дека немам сила да се борам против тоа. Во меѓувреме пораснав и сега разговарам со тебе. Си реков дека ќе бидам храбра по секоја цена. Важно е сите жртви да се охрабрат да не го трпат тоа – заклучув храбрата Ива Илинчиќ за „Блиц“.
Велат дека му дадов повод, јас 17, а тој 63
– Пресреќна сум од позитивните реакции. Стравот беше огромен. И сега има коментари дека сум му дала повод. А јас имав 17 години, а тој 63 години. Одвратно. Јас и Милена мозгавме и дојдовме до заклучок дека тој никогаш нема да биде казнет за своите злосторства. Но, дочекавме да биде уапсен, приказната одекна, пристигна поддршка. Го заслужува ова што му се случува.
Жртвата проговорува кога ќе се чувствува подготвена
Ја погодуваат коментарите и прашањата на поединци зошто молчела до сега.
– Важно е да се испрати порака дека нема рок кога жртвата треба да зборува за злоупотребата. Жртвата зборува кога ќе се почувствува подготвена за разговор. Проговорив кога бев подготвена. Се совпаднаа коцките. Од оваа перспектива, ги советувам жртвите да зборуваат. Вистината е ослободувачка. Јас се чистам низ приказната, полесно ми е – заклучува Ива Илинчиќ.
превод: Лени Фрчкоска