Што ве инспирираше да ја создадете изложбата „Не си одам дома“?
Како една од добитниците на наградата „ДЕНЕС“ во 2023 година, добив можност да направам самостојна изложба. Изложбата содржеше три дела, од кои едно беше награденото дело „Страв од љубов“, создадено како дел од наградата „ДЕНЕС“ и две други дела создадени во периодот потоа. Моето формално образование е во областа на дизајн дисциплината, која наоѓа најголема примена во индустриите кои ја обликуваат нашата материјална реалност, а која е полна со болка, неправда и насилство. Чувствувам должност суштински да се занимавам со ова сознание и да се обидам да насетам што би значело да ја обликуваме реалноста преку заемна грижа, солидарност и љубов.
Како го дефинирате концептот на „дом“ во вашата уметност? Дали е тоа физичко место, емоционална состојба или нешто друго?
Домот секогаш претставува испреплетеност од физички простор, меѓусебни односи, традиции и слично. Неговите граници се порозни и променливи и низ нив безусловните љубов, поддршка и прифаќање често се загадени од општествените норми, очекувања и притисоци. Поради тоа, за жал, за огромен број луѓе домот не е безбедно место.
Бидејќи и на лично и колективно ниво чувствувам потреба за надминување и ослободување од експлоатирачките, насилните и угнетувачките тенденции на нашиот свет, светот во изумирање, името на изложбата „Не си одам дома“ е моето ветување, пред сé кон себе си, дека нема да се повлечам, нема да отстапам, нема да се засолнам во познатата удобност на светот во изумирање, туку ќе останам со непријатноста и неуредноста на светот кој оживува.
Кои материјали и техники ги користевте за оваа изложба и како тие ја отсликуваат вашата креативна визија?
Делата се создадени низ комбинација од перформативни процеси, текстил и дигитална продукција. Иако не сум формално образована во перформативните дисциплини, за мене е многу автентична потребата да се поврзам со знаењето на моето тело и да отстапам од инсистирањето на интелектуалното знаење како патријархална, западна и капиталистичка нишка. Поради тоа и текстилот како медиум ми е своевиден безбеден простор.
Работењето со текстил, како традиционално женска форма на физички и емоционален труд кој е тесно поврзан со фолклорот, за мене претставува многу соодветен начин да се занимавам со грижа, оживување и како нашите постапки во сегашноста се пренесуваат низ генерациите и екосистемите.
Наоѓам огромна инспирација и мотивација во одлучноста и упорноста на уметниците кои дејствуваат на нашата независна сцена, во сите дисциплини.
Како успевате да ги трансформирате личните искуства во уметничка форма што е универзално разбирлива?
Со оглед на тоа дека градивото на она што го создавам е моето лично искуство и идентитет, секогаш инсистирам да ги гледам низ поширока призма – како нешто што се создава на пресекот на политичките, социјалните, капиталистичките и еколошките системи на кои припаѓам, со цел во него да најдам значење кое можеби би било релевантно за контекст поголем и поважен од моето искуство.
Како вашето уметничко патување и личен развој влијаат врз вашата перспектива за домот и идентитетот?
Тие ми се неопходни за воопшто да можам да имам некаква перспектива. Иако низ уметничката работа се обидувам да дејствувам ангажирано и критично, мојот првенствен двигател е мојата потреба да го испроцесирам своето искуство од моето тело, идентитет, светот околу мене итн.
Дали имате одредена публика на ум кога ги креирате вашите дела?
Првенствено, секогаш ми е најважно кога делата ќе станат достапни за јавноста, да бидам цврста и сигурна во својата мотивација да ги создадам и во веродостојноста на тоа што го комуницирам. Понатаму, во соработките многу ми е важно искуството на соработниците и сакам да создавам односи со нив во кои тие би ми верувале доволно за да ми кажат доколку не се согласуваат со нешто. Најмногу ме радува признанието од моите најблиски, современиците и сорабтниците.
Откако ќе се случи тоа, сите понатамошни достигнувања, како на пример делата да резонираат со пошироката јавност, се само дополнителна радост, признание и збогатување на искуството.
Кои други уметници или искуства најмногу влијаеле врз вашиот стил и уметничка насока?
Наоѓам огромна инспирација и мотивација во одлучноста и упорноста на уметниците кои дејствуваат на нашата независна сцена, во сите дисциплини. Навистина располагаме со оскудни ресурси, сите сме прегорени и преморени, но дури и во тие услови сметам дека создаваме и комуницираме многу важни сознанија.
Ако би можеле да ја изложите „Не си одам дома“ на друга локација или во друга земја, која би била вашата идеална дестинација и зошто?
Едно од делата веќе ќе патува во странство следната година, но тоа ќе го споделам кога ќе дојде време. Многу би ми било мило да имам изложба во Виена, мојот втор дом и градот каде студирав пост-дипломски студии.
Каква порака би сакале да им пренесете на младите уметници кои сè уште го бараат својот израз?
Во мојот развој и како личност и како уметничка, една од најважните работи кои ги научив е да барам, давам и примам фидбек. За мене ова подразбираше борба со сите проголтани пораки за безвредност, недоволност и неприпаѓање и учење да бидам мирна и понизна пред идеите и тоа што е потребно за тие праведно и целосно да се реализираат.
Како гледате на улогата на уметноста во денешното општество, особено во контекст на личните и колективните искуства со теми како домот и припадноста?
Верувам дека уметноста умее да искомуницира аспекти од нашите искуства преку медиуми и јазик кои сме одлучиле дека не припаѓаат надвор од културно-уметничките простори. Ова е особено важно кога сме соочени со толку насилен и агресивен одговор на обидите да ги отвориме нашите општества и системи кон сé што постои отаде хетеронормативноста и патријархалноста. Уметноста е еден од начините маргинализираните индивидуи и колективи да го заземат просторот кој им припаѓа и јавноста да им пружи поддршка и да ги посведочи нивните заложби. Затоа е и толку важно да се негува публиката, бидејќи не постои ангажирана уметност во вакуум.