Не можам да се изначудам како луѓето сè уште целосно ја насочуваат вината кон Охридскиот рамковен договор (ОРД), а не наоѓаат никаква вина во системот што ја поддржува поделбата и скоро и да не презема ништо да ги вклучи маргинализираните групи во општеството и притоа, не мислам само на владините институции. ОРД не е лош, ОРД е едноставен и не ги вклучува ни половината од работите што луѓето мислат дека ги регулира.
Проблемот е во тоа што мнозинството од општеството во Северна Македонија сè уште мака мачи да ги вклучи и инволвира маргинализираните групи. Ако почнам да ги набројувам списанијата, невладините организации и алтернативните онлаин медиуми, од кои повеќето претставуваат разновидност само на збор, но не и според нивните автор(к)и, одбор на директор(к)и и уредници/уреднички и јазикот на кој ги објавуваат своите веб-страници, ќе треба да вклучам 80% од актуелните списанија, невладините организации и алтернативните онлаин медиуми. Да не заборавам да спомнам дека причината поради која јас и многу Албанки и Албанци успеавме да влеземе во јавните простори беше, пред сѐ, заради правата што ги унапреди ОРД, и сигурно дека сум благодарна. Јас сум првата која зборуваше за унапредување и надминување на ОРД, но тоа започнува со поимањето за каков документ станува збор и, што е уште поважно, за сите размислувања за правата што не ги опфаќа, а Собранието и Владата и граѓанското општество секогаш треба да се бори да ги застапува, а тоа се еднаквоста, правдата и вклучувањето на етничките, социјалните и економските маргинализирани групи.
Исто така, не можам да се изначудам како може да се појават етнички проблеми на секаде каде треба да се објасни сè што не е во ред со општеството. На пример, пописот. Дали етничката политика е проблем? Секако. Дали тоа е единствениот проблем? Никако!
Проблемот е, всушност, масовниот број луѓе кои сакаат да мигрираат токму поради недовербата во институциите што упорно политизираат нешто едноставно како пописот и заложничката политика што не ја играат само ДУИ и останатите албански партии, туку и тоа непопустливо и нереформско политичко чудовиште познато како ВМРО кое сè уште држи во заложништво важни прашања присилувајќи ги луѓето да заборават на злоупотребата на моќ што ја вршеа повеќе од 10 години и сè уште користејќи го истиот националистички наратив што го одржуваше нивното владеење. Проблемот е, всушност, што ние се бориме да ги артикулираме ваквите прашања со нијансата што ја заслужуваат, што, несомнено, и јас го правам.
Да го земеме како пример прашањето за нацрт на етничката припадност на пописот. Ако се декларирам дека припаѓам на етничката албанска заедница не значи дека сум националистка или дека сметам дека етничката припадност ми е главно обележје, туку дека го кажувам тоа заради припадностa на заедницата, затоа што ми е потребно образование, документи и информации достапни на јазикот што го зборувам.
Ако ја разбиеме илузијата дека Северна Македонија е моноетничка земја и ја прифатиме како мултикултурно и повеќејазично општество, тогаш тоа не треба да претставува проблем. Проблемот овде не е етничката припадност, туку нејзината политизација и проблематизирање на политиките насочени кон прилагодување на потребите на различните етнички групи. Можеби нeма повиновни од политичар(к)ите за недостигот на иновативни идеи за создавање подобра иднина за граѓан(к)ите. Неуспехот на албанските партии и политичката елита да артикулираат на значењето на државјанство од втора класа, без да се навраќаме назад кон етноцентризмот и да се залагаат за закони и политики што скоро и да немаат смисла и нема да направат ништо за да ги унапредат правата на маргинализираните групи во земјата. Меѓутоа, сепак е легитимно да се тврди дека, за жал, во Северна Македонија, без разлика дали сакате да бидете граѓанин/ка со сопствен став или не, етничката припадност е сè уште врзана за нееднаквости, за недостаток на можности, за исклучување, и тука не зборувам само за Албанците/Албанките, туку и Ром(к)ите, Бошњаците/Бошњакињите и други заедници. Стереотипите сè уште се присутни на ТВ, во политиките и во дебатите, заглавени во светот на 90-тите години од минатиот век без многу критичко преиспитување.
Најтажно од сѐ е фактот што жените сѐ уште се на дното на размислувањата за какви било политики и во недржавните институции. Ние, Албанките, изгледа сме заменливи. Можам да набројам неколку случаи кога јас и друга квалификувана, интелигентна колешка Албанка се третираат како заменливи „експертки“ што се користат со цел да се создаде површна слика за различноста и вклученоста и колку да се има една од нас да зборува во кој било настан или во кој било момент, затоа што сигурно исто мислиме имајќи предвид дека сме Албанки и сме интелигентни како Албанките. Секако, не смееме да имаме независни мисли од другите кои доаѓаат од разновидни академски, социјални или политички средини. Уште потажно е дека ваквото искуство и наратив главно го имаат поставено „либералните“ умови меѓу нас. Покрај тоа, да нагласам, особено во контекст на изборот на втората претседателка во соседно Косово, дека во Северна Македонија во кабинетот нема министерка Албанка, иако има само една заменичка министерка, и нема друга жена од немнозинската заедница во извршната власт на власта, и ова е непростливо. Изговорот дека „тешко можат да се најдат“ треба да биде срамен за партиите што прогласуваат дека имаат голем број следбеници/следбенички, и тоа е, во најдобар случај, мрзлив и безобѕирен аргумент.
Ама, ајде, продолжете да го обвинувате ОРД, бидејќи тоа е очигледно единственото нешто што не е во ред со нашата политика, а не фактот дека сè уште имаме системски нееднаквости што му претходат. Наместо тоа, нека ОРД го заземе своето место на маргините на историјата и да почнеме да зборуваме за нови политики. Обично не сум личност која настапува од позиција на гнев, но со пандемијата што го преврте светот наопаку и ги покажа слабите точки на сите предолго затскриени нееднаквости, станав уморна од слушање стари аргументи. Сега е време кога треба да замислиме нови иднини, инклузивни и отворени, за да се обезбеди благосостојба на сите член(к)и на општеството, а тоа вклучува напуштање на старите концепции, почнувајќи од себе.
Со почит, гневна жена