Денеска, на меѓународниот ден на жената, во Скопје се одржа марш за женски права. Слоганот оваа година гласеше Ќе преживеат ли жените овде?. Маршот започна на плоштадот Филип Втори, а заврши пред Собранието.
„Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.“
Во 2023 година, жените и девојките сè уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот.
Жените кои живеат во Македонија се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири.