Нешто што те обележува – стигмата за абортусот и жените

Стигмата за абортусот постои и покрај промената на законот за прекин на бременоста, и тоа во 21 век

Секоја година, над 40 милиони жени во светот абортираат, што го прави абортусот една од најчестите и безбедни медицински процедури. Сепак, абортусот се уште оди “рака под рака” со силна социјална стигма најчесто изразена преку негативни ставови и држење во тајност од страна на жени кои решиле да ја прекинат бременоста и од страна на медицинските лица вклучени во процесот. Стигмата значи дека многу ретко ги слушаме приказните на жените кои имале абортус и многуте кои не го уживале тоа право заради стариот закон за прекин на бременоста… Многу организации и кампањи во Македонија и светот работат на тоа оваа пракса да се промени. Но, сите ние мораме да ги засилиме пораките, бидејќи стигмата раѓа тишина. А, во вакуумот создаден од таа тишина, кои приказни се раскажуваат? Кои политики се креираат?

Стигмата за абортусот постои и покрај промената на законот за прекин на бременоста и тоа во 21 век

Иако декриминализацијата придонесува за ублажување на стигмата за абортусот, остануваат длабоки верувањата (и практиките) што ја одржуваат идејата дека абортусот е валкана и морално- сомнителна работа. Невистините и предрасудите изобилуваат: дека жените не можат да донесуваат морални одлуки, дека само безгрижни луѓе абортираат, дека абортусот е лош за жените итн. Оваа стигма се претвора во срам и тишина и создава и овековечува митови за абортусот, а се манифестира зависно од социо-културните контексти, верските убедувања и законските рамки.  Стигмата ги обележува жените, внатрешно или надворешно… Ги обележува како инфериорни во однос на идеалите за жената и мајката. Кога жената абортира, таа врши престап на општествено- прифатените концепти, дека сексот за жената значи репродукција, дека мајчинството те прави жена и дека утврдена улога на жената е мајчинството и чувањето на децата. Од друга страна пак, на индивидуално ниво, стигмата потекнува од идеите што другите мислат за абортусот и што би мислеле за мене доколку моето искуство се дознае (отфрлање од семејството или партнерот, нарушени социјални односи, критики, губење пријателства, изолација, злоупотреба, насилство) и интернализирање на стигмата во чувство на вина, срам, вознемиреност.

Дезинформациите предизвикани и продолжени од стигмата водат до рестриктивни политики за абортус

Предрасудите за абортусот стојат неприкосновени и како последица на тоа, нашите лидери развиваат политики засновани врз нив. Ако ги погледнете политиките за абортус во многу земји – како што се задолжителни периоди на чекање или закони за согласност од трети лица – ќе видите дека тие се напишани на начин што ги одржува стигмата и дискриминацијата. Тие го прикажуваат абортусот како опасна постапка што луѓето ја избираат без доволно размислување или информации, или дека само одреден тип на жена сака да абортира. Знаеме и дека посрамотувањето на жените кои абортирале или сакаат да абортираат е едно од средствата кои се користат за да ги замолчат жените. Свесни сме дека во нашето опкружување, секојдневно се покажува како нашите животи не се толку важни, а постапките и одлуките од кои ни зависи здравјето и егзистенцијата се стигматизираат на сите можни начини, па затоа и за ова прашање не му е секому лесно да говори (гласно).

Абортусот е тема за која се дискутирало отсекогаш. Причините за тоа се јасни… Станува збор за важно политичко, општествено и здравствено прашање, па верувам дека дискусиите за абортус ќе бидат секогаш присутни во јавноста. Но, секој глас е дел од борбата за сигурен, достапен и бесплатен абортус, борба за репродуктивните права и квалитетен здравствен систем. Репродуктивните права се неодвоиви од социјалните права и недопустливо е правото на абортус, редовните гинеколошки прегледи и сигурната бременост или пораѓај да им бидат достапни само на оние жени чиј економско- социјален статус дозволува да си ги платат овие здравствени услуги кога ќе им бидат потребни, сами.

Да не прифатиме нашите искуства да останат нормализирана пракса, а нашите права само потенцијален предмет на расправа! Жените имаат право на здрав живот, слободно располагање со своето тело и донесување одлуки за своите животи без присила и насилство. Правото на легален, сигурен и достапен абортус е фундаментално право на жените и избор што не зависи од ничие мислење.

 

Авторка: Климентина Димовска, Хера Млади

abortionhera mladireproductivehealthабортусМакедонски НовостиправанаженитеРепродуктивноздравјеродоваеднаквостхера млади