Нов Зеланд во петокот воведе закон кој ќе забрани терапија за промена на сексуалната ориентација.
Предложениот предлог-закон е усогласен со неодамнешните чекори што другите земји ги презедоа за да обезбедат безбедност за ЛГБТИ+ граѓанитe. Премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн, се обидува да го исполни предизборното ветување за заштита на ЛГБТИ+ граѓаните.
„Практиките за промена на сексуалната ориентација со терапија не се прифатливи во Нов Зеланд“, рече министерот за правда Крис Фафои во изјава дадена за Ројтерс. „Тие се засноваат на лажното верување дека сексуалната ориентација, родовиот идентитет или родовата експресија на секоја личност е погрешна и дека треба да се поправи.“
Фафои додаде дека „здравствените работници, верските водачи и застапниците за човекови права“, и во Нов Зеланд и во целиот свет, „се изјаснија против овие практики кои се штетни и имаат потенцијал да ги продолжат предрасудите, дискриминацијата и злоупотребата“ кон членовите на ЛГБТИ+ заедницата.
Законодавството ќе го забрани практикувањето на терапија за промена на сексуалната ориентација, родовиот идентитет или родово изразување на секое лице под 18 години или кој било со „ограничен капацитет за донесување одлуки“, како што се наведува во предлог-законот. На прекршителите на овие одредби им се заканува затворска казна до три години.
Овој потег следува по слични забрани предложени во многу други земји, вклучувајќи ги Канада, Германија, Албанија и Обединетото Кралство. Сепак, само мал број земји – вклучително и Бразил, Еквадор, Германија, Малта и Тајван – успешно ги поминаа забраните за овој вид на терапија за малолетници.
Соединетите држави во моментов немаат федерална забрана, но 20 држави усвоија закони кои целосно ја забрануваат практиката за малолетници, според Проектот за напредување на ЛГБТИ+ движењето, со делумна забрана или ограничување со судска пресуда.
Овој вид на терапија може да вклучува само разговор со психолог, но и терапија со шок. Истата беше оценета како „тортура“ од Обединетите нации. Терапијата за конверзија, исто така, е поврзана со зголемен срам и самоубиствени идеи кај оние кои биле подложени на неа. Една студија од 2018 година на Институтот Вилијамс при UCLA покажа дека кај лезбејките, хомосексуалците и бисексуалците кои биле подложени на терапија за разговор постоела двојно поголема веројатност да се обидат да извршат самоубиство во споредба со оние кои никогаш не биле подложени на оваа практика.