Дваесет и второто издание на традиционалниот ОФФ-Фест ќе се одржи од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет и МКЦ. Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм. ОФФ-Фест 2023 ќе го отвори импресивниот аудио-визуелен перформанс на славната португалска фадо пејачка ѕвезда МИЗИЈА.
Фасцинантната моќ на модерната естонска фолк кралица МАРИ КАЛКУН, во комбинација со раскошната интерпретација на македонската традиционална песна од страна на единствената ЗАРИНА ПРВАСЕВДА и нејзиниот состав, создаваат услови за беспрекорно фестивалско доживување.
Оригиналниот микс од пустинскиот гитарски блуз и транс ритмите на италијанската Таранта на волшебниот тандем ЏАСТИН АДАМС И МАУРО ДУРАНТЕ, ќе ја пресретне софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и визија на нашиот њујорчанец КРСТЕ РОЏЕВСКИ.
За мистериозната аура на култната чешка двојка ИРЕНА И ВОЈТЕХ ХАВЛОВИ ќе сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi”. ОФФ-ФЕСТ 2023 ќе го заокружат фуриозните настапи на две исклучително возбудливи музички појави: новата world-music атракција БАБ Л‘ БЛУЗ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот ДИЗИ МАНЏЕКУ & ОДЕМБА ОК ОЛ-СТАРС.
За повеќе информации околу фестивалот и за да купите карти онлајн, посетете го официјалниот веб-сајт на ОФФ-фест.