Тогаш кога почина Илинка Митрева, слушнав коментар- помислиле дека е лажна вест, толку неверојатно звучело. Затоа што Илинка Митрева доаѓаше од друго време, кога политиката беше достоинствена. Кога таа ја направи таква. Илинка Митрева беше достоинствена политичарка.
Не е едноставно тоа нејзиното, воопшто не е, затоа и мора со тоа да се родите, но и тоа не е доволно. Да додадете на високата политика достоинство морате многу, многу повеќе- тука влегува и сериозно образование, се разбира дека кај Илинка Митрева ќе ја вброите и исклучителната важност од културата, од уметноста, од отпорот и бунтот кој се подразбира кај интелектуалците. Ќе се сетите и на оној градски шмек и шарм, оној опоен граѓански мирис, кој одамна не го имаме. За почеток, стапува со фино, граѓанско воспитување. Но ништо од ова повторно не е доволно за Илинка да се опише. Онаа леснотија, веројатно тоа беше пресудно кај неа, леснотија додека говори, леснотија кога оди, онаа леснотија на сè, иако таа подразбира преиспитувања, тежок, макотрпен пат и труд за да се добие таа политичка елеганција и зрелост. И онаа чиста љубопитност за неистражениот свет, затоа што вродената енергичност не може ништо да создаде, ако не се ширум отворени очите, ако не постои потреба да се поправи светот.
Илинка Митрева беше од друго време, со тоа што таа го создавала тоа време за кое повеќе од деценија копнееме да се врати. Тоа беше една мала, пристојно спакувана држава, љубезна, можеби постуткана од обично, но тоа оди на сметка на скромноста и свесноста дека треба сепак да помине време за да стане бујна и посамоуверена, таа мала, питома држава. Тоа беше држава со ништо помпезно и безобразно, ништо бесрамно што дојде подоцна со груевизмот. Тоа беше и еден фин главен град, но не премногу стегнат во кафез, конечно многу побесен и позаводлив од затворената Љубљана, сепак.
Тоа време, тоа друго време кое го создаваше Илинка Митрева како дел од една друга генерација политичари, тоа време одамна е мртво а со него заедно умиравме, заедно со градот, удавени од алчноста на политичарите, од бесрамноста, од нивниот примитивизам со кој ја инфицираа државата. Почнавме да одиме со наведнати глави за да не го видиме срамот, во што се претвори сè околу нас.
Но, дојдоа други времиња, други облаци, други политичари, оние кои не знаеја која е Илинка Митрева, зошто е важна за државата, не прочитале никаде и дека беше поинаква оваа земја пред тие да ги окупираат канцелариите и да ги приштрафат фотелјите за нозете. Да знаеја, ќе имавме сега поинаква држава и политика, во целата збрка со Франција, најпрвин со проширувањето, подоцна и со Бугарија.
Титулите и ордените кои со години ги добиваше Илинка Митрева токму од Франција беа доволен гест, очигледна политичка порака за тоа кој навистина треба да биде на вистинското место во политиката, макар како најважен советник во пријателските односи со Париз, наместо високите тонови и тензиите кои предолго траеја. Или со Вашингтон, за да учат денешните политичари како Илинка Митрева градеше политички врски со Колин Пауел, сериозни врски со светот.
А тоа време на Илинка Митрева знаеше за поинакво новинарство, за знаење на политичарите- што навистина подразбира политичка комуникација- со новинарите, со јавноста. Денес кога ги прашувам моите колеги што добиле од Влада како информација- зошто доаѓа во Скопје шпанскиот премиер Санчез и какви пораки ќе добие од нашите политичари, знаете ли што ми велат, каков е одговорот: „Санчез ќе добие порака за пријателството меѓу двете земји“. Тие млади колеги не се шегуваат, ниту измислуваат- тоа го добиле како одговор од македонската Влада.
Од тажна земја си отиде драгата Илинка, земја која ја имавме сосема поинаква порано, сега ја остави уште потажна. Патувај мирно, драга Илинка.