Потребата од препознавање на „Метаболизам во Архитектурата“ како културно и колективно наследство на Скопје

Скопје, пост-земјотресно, претставува физичка манифестација на универзалната солидарност, и во таа смисла, единствена унифицирана културолошка реалност. Во својот најтемен час, Скопје доживува глобална реинкарнација обединувајќи ја помошта од целиот свет во форма на нов град. Долж овие случувања, можноста за нов град се појавува во време на последниот архитектонски манифест – „Метаболизам во Архитектурата.“

Универзалната солидарност, иницирана преку Обединетите Нации, добива своја реализација токму низ овој архитектонски медиум, и со тоа Скопје станува првиот изграден метаболистички мастерплан. Во инвентарот на архитектонската историја, Скопје зазема клучна експериментална позиција, a во физичка смисла, обид за нов урбанизам – обид за нов свет. Во екот на издигнување на новиот град, Скопје можеби станува премодерен за своето време. Граѓанинот одеднаш почнува да живее во бетонски мегаформи кои имаат логиката на биолошкиот раст и развој, односно треба да нудат бесконечен капацитет на зголемување и намалување, регенерација и одраст, во зависност од потребите на градот. Без разлика на падот на идејата за град создаден од мегаструктури кои работат како организам, односно кристализација на архитектонската форма – спротивна на регенеративниот клеточен концепт, овој просторен систем претставуваат градителското наследство на кое градот, културолошки, треба да се надградува. За жал, поминат е половина век откако е реализиран „метаболистичкиот“ центар на Скопје, и се чини дека овој прв-од-својот-вид урбанистички план го губи и последниот траг, морфолошки и метафорично.

Исклучителната позиција која нашата метропола ја зазема во архитектонскиот светски дискурс станува се подалечна, не само на глобално ниво, туку и на локално. Кога самиот Скопјанец не е запознаен со историското значење на овој проект, тогаш логично е сè помалку да го препознава, а со тоа и одржува, негува и подобрува. Битно е да се напомене дека оваа мисла не повикува на повторно градење на градот низ метаболистичка призма, туку кон негово препознавање, критикување и реупотребување низ нови, актуелни и експериментални медиуми. Можеби недостасува музеј на метобилистичката архитектура во центарот на градот, или можеби употребата на метаболистичката инструменталност и таксономија кон создавање на нова урбана форма е од исклучително значење за градот од ХХI век – форма која има капацитет да го предизвика значењето на метрополитенското искуство кое е заглавено во идеологијата на градот од минатиот век, а воедно и да воспостави однос со пејзажот и околината, имајќи ја предвид климатската и еколошката состојба на територијата близу градот.

Platform ©

Во тој контекст, гледајќи го земјотресот како катализатор што го сплоти поделениот свет, отвора можност за шпекулација за нов модел на град, општество и мисла. Паралелно со новата „Ковид“ реалност, неизбежно е да се запрашаме дали една сосема различна, но суштински слична катастрофа може да ги иницира потребните процеси кои ќе ја донесат конечната и долго посакувана структурална промена во градот, односно потребните промени низ веќе изградениот град и градот кој допрва доаѓа. Токму на оваа тема, Архитектонскиот Факултет во Скопје, при УКИМ, отвора конференција на тема „Проектот Скопје“ или “The Skopje Project”.

Идејата зад овој настан е всушност потребата за имагинација на една нова реалност за нашиот град, поставувајќи го прашањето „Што ако катастрофата се случи сега и Скопје треба да се реконструира денес? Што ако целиот свет повторно се собере на едно место за да го издигне срушениот град? Кој би бил главниот фокус на архитектите, планерите, социолозите, креаторите на политики, економистите и другите посветени учесници?“

Platform ©

Настанот кој ќе се одржува од 21 до 23ти октомври преставува збир на домашни и странски архитекти, професори и истражувачи кои ќе дадат свој осврт конкретно на овие прашања, преку претставување на Скопје и идејата за универзална солидарност како модел за суштинска промена и визија за нов свет. Воедно, проектот вклучува и отворен повик за есеи на теми поврзани со горенаведените прашања, кои имаат цел да создадат нов инвентар од пишани мисли во врска со иднината на градот Скопје. Рокот за пријавување на есеи е до 1-ви ноември.

Прочитајте повеќе за проектот и настанот прочијтате тука.

 

 

 

 

архитектураКОВИД19Македонски Новостископјеурбанизам