Од март, милиони работници го потврдија она што многумина ветерани од дома го знаеја одамна: да се биде надвор од канцеларија всушност може да ја зголеми индивидуалната продуктивност.
Тој можеби контраинтуитивен заклучок е нешто што Глен Хантон, директор за техничка поддршка ЕМЕА во ServiceNow, постојано го набљудуваше откако во март тој и неговиот тим започнаа да работат од дома. „Првото нешто што стана очигледно е дека нашиот персонал за техничка поддршка ширум светот е всушност попродуктивен,“ вели тој. „Почнаа да преземаат повеќе случаи и побрзо ги затвораа.“
Како резултат, тој додава: „Резултатите од задоволството на клиентите од нашите пост-случаи истражувања се највисоки досега.“
Овој доказ дека луѓето можат да работат продуктивно од дома може да го означи крајот на конвенционалните претстави за потребата од заеднички работни места – крај кој за Хантон би бил добредојден. „Мојот став отсекогаш беше дека не станува збор за тоа колку време поминувате во канцеларија, туку за резултатот што го произведувате и за вредноста што ја додавате на вашиот тим и вашата компанија,“ вели тој. „Се надевам дека додека се движиме во пост-ковидскиот свет – било да работите повеќе од дома или хибридно работење – тој негативен фокус на тоа колку долго сте во канцеларијата ќе се разводени и ќе исчезне.“
Студиите покажуваат дека многу работници почнале да се чувствуваат попозитивно во врска со работењето од дома.
„Клучната работа што бизнисите ја научија од ненадејната смена кон работа од дома е дека таа функционира за нив и за нивниот персонал,“ вели проф. Алан Фелстед, истражувачки професор на Факултетот за социјални науки на Универзитетот Кардиф и коавтор на неодамнешен извештај за работење од дома во Велика Британија. „Анкетата по анкета открива дека продуктивноста не опаднала и дека повеќето од оние кои работат од дома за време на карантините, би сакале да продолжат да го прават тоа и откако ќе бидат укинати ограничувањата за социјално растојание.“
Слободата може да ја поттикне креативноста
Заедно со разбивањето на митот дека поттикнува помала продуктивност, работењето од дома исто така ја оспори и претпоставката дека истото ја задушува креативноста и решавањето на проблеми. Се разбира, brainstorming сесиите што се одржуваат во просториите за состаноци можат да бидат ефективни, но многу работници кои се префрлија на полно работно време од домашна канцеларија, пронајдоа поинаков вид креативност додека правеа свои работни рутини.
На пример, тие можат да ги имаат своите најдобри идеи кога ќе излезат на прошетка, ќе се истушираат набрзина или додека разгледуваат некое списание – а сето тоа е полесно да се направи од дома.
Подршка за вработените
Иако подобрата продуктивност е несомнено добра работа, Хантон исто така сака да спречи исцрпеност кај неговиот персонал. „Испраќаме редовни истражувања на вработените за нивниот морал,“ вели тој, „и јас повремено ги контактирам.“
Ова е особено важно за помладите вработени кои имаат поголема веројатност да имаат цимери – или да живеат сами – како и оние кои се грижат за деца или други членови на семејството. „Многу организации ги признаа менталните предизвици за секој вработен, и одговорија со учење за нивните лични околности и обезбедување прилагодени системи за поддршка,“ вели Брајан Кроп, шеф на истражувањето за човечки ресурси во Гартнер.
Овие системи за поддршка ќе продолжат да бидат важна карактеристика на новота работна средина заедно со слободните денови за целата организација, што може да помогне да се намали исцрпеноста. Сепак, Хантон открил дека на некои вработени им е потребна дополнително поттурнување за да направат подолги паузи кога патувањето е ограничено. „Се обидуваме да ги охрабриме да земат слободни денови дури и ако не се во можност да одат никаде,“ вели тој. „Ги советуваме само да се дисконектираат, да одвојат малку време и да поминат извесно време со своето семејство.“
Техичка тимска работа
Друга важна лекција од масовната промена – работа од дома е дека тоа не можеше да се случи без денешната технологија – видео конференциите се одличен пример. „Сите научивме да користиме видео конференција како дел од нашето секојдневие и сфаќаме дека не треба секогаш да се среќаваме лице в лице за да добиеме резултати,“ вели Фелстед. „Малку е веројатно дека ќе престанеме да ги користиме овие технологии во иднина. Како и да е, сепак ќе бидат потребни некои средби лице в лице – на крајот на краиштата сепак сме луѓе.“
Технологијата помогна и во други аспекти.
Дигиталните решенија за работен проток на ServiceNow, достапни преку cloud исто така помогнаа во разградување на силосите за време на смената кон пораспространета работна сила. Сопствените тимови за техничка поддршка на компанијата опфаќаат девет различни региони ширум светот кои работат во поблиска соработка од појавата на пандемијата.
„Одлуките сега земаат предвид повеќе перспективи од различни делови на светот,“ вели Хантон. Исто така, се случија многу повеќе состаноци со луѓе на различни нивоа, менаџери и состаноци за координација, „така вработените слушаат од нивните лидери, од нивните менаџери – луѓе што се на повисоки функции – многу повеќе отколку што правеа порано.“
Работењето од далечина носи некои предизвици, тоа е сигурно. Случајни средби кај машината за кафе, инспиративни непланирани разговори со колега, па дури и придобивките од можноста да се зборува со некого очи во очи станаа жртви за време на пандемската рутина на работење од далечина.
Како резултат, вработените можат да почнат да се чувствуваат помалку приврзани за нивните работодавци. „Компаниите треба да имаат стратегија не само за одржување на перформансите на вработените, туку и за градење емотивни социјални врски за да им помогнат на персоналот,“ вели Кроп.
Рамнотежа помеѓу работата и животот
Шансата да се развие поперсонализирана структура за секој работен ден создава поздрава рамнотежа помеѓу работата и животот, што за Хантон и неговиот тим е една од ретките позитивни исходи на тековната криза. Да не спомнуваме дека не мора да ги трпиме секојдневните патувања до работа.
„Слушнав коментари од типот: „Можам да земам пауза од работа и да одам да го земам своето дете од училиште“ или „Можам да бидам поинволвиран кога е време за пишување домашна работа,“ вели тој. „Некои од нашите вработени патуваа и по два часа во секој правец, така што тие чувствуваат дека веќе не губат четири часа на ден залудно седејки во сообраќај.“
Тој верува дека оваа зголемена свесност за рамнотежата помеѓу работата и животот е нешто што ќе се пренесе на работното место во иднина. „За оние луѓе на работата им е се, кои се фокусирани на нивната кариера и на тоа како можат да напредуваат, пандемијата може да ги натера да сфатат што е навистина важно,“ вели тој.
Данкан Џефрис, The Guardian