Проектот за културна соработка „Некои нè нарекуваат Балкан“ објавува отворен повик за уметници

Проектот за културна соработка „Некои нè нарекуваат Балкан“ објавува отворен повик за уметници со општествено ангажирана пракса. 

„Некои нè нарекуваат Балкан“ (НННБ) претставува колективен обид за истражување на можностите за нови поимања за Балканот низ уметнички истражувачки практики. 

Тимот на НННБ го сочинуваат шест организации од Западен Балкан и две од Западна Европа. Заедно, преку негување на колективна пракса, се стремиме да создадеме простор во кој уметниците, истражувачите/чките, културните работници/чки и заедниците од балканскиот регион ќе ги воспостават своите гласови и идентитети како субјекти од Балканот и условите во кои размислуваме и зборуваме за Балканот. 

Една од целите кои ги поставивме во овој проект е разобличување на митовите и заблудите за Балканот. За нас, проучување на балканскиот контекст вклучува соочување со проблеми кои настануваат како последица на неодамнешната историја на регионот, теми кои многумина од нас би ги одбегнале, наследените конфликти, националистичката реторика, економската нестабилност и неправедната распределба на моќ и ресурси. Затоа мораме да запомниме дека оваа работа е вкоренета во потребата одново да се проценат параметрите во кои Балканот досега бил набљудуван, перцепиран, врамуван и истражуван. Ние се стремиме да го воспоставиме зборот Балкан како термин богат со значења и обединувачки вредности. 

Нашата потрага се темели на разоткривање на гравитацијата на убавината во секој чекор од овој процес, вградувајќи ја во јазикот на кој зборуваме и дозволувајќи ѝ да ги обликува исходите од нашиот заеднички труд. Според нас, убавината ја сочинуваат автентичноста и интегритетот. 

За кого е наменет повикот? 

Преку заедничкиот отворен повик што секој од осумте партнери го спроведува во својата земја, НННБ има за цел да создаде патувачки колектив од осум уметници, чиј што уметнички процес ќе се надоврзе на она што е создадено во претходните фази од проектот. 

Ги охрабруваме да се пријават сите уметници од Северна Македонија, кои што:

  • ги разбираат предизвиците и комплексноста на општествено ангажираната уметничка пракса
  • се отворени за учество во колективен креативен процес
  • имаат интерес или претходно искуство со партиципативни уметнички практики
  • се чувствуваат подготвени да ги доведат своите проекти до финална форма, вклучувајќи ја и продукциската фаза
  • се достапни да се посветат во текот на целосното времетраење на подолу назначениот период, во рамки на соодветната динамика за секоја од трите фази

 

Избраните осум уметници со искуство од различни уметнички дисциплини ќе работат колаборативно, солидарно и посветено во сите фази од процесот. Се стремиме ова да прерасне во колектив на уметници мотивирани да творат со максимална свесност за својата поставеност во и во однос на балканскиот контекст и насочени кон поддршка на организациите дел од НННБ и нивните локални заедници и контексти.

Секоја од осумте партнер организации ќе го направи потесниот избор на апликанти од својата земја. Финалниот избор на осумте уметници ќе биде колективна одлука на сите НННБ партнери.

НННБ на избраните уметници им овозможува учество во процес на учење и заедничка работа што е замислен во три фази:

мај 2022 — едномесечна резиденција во Бања Лука (Босна и Херцеговина) во просторот на културно-социјалниот центар ДКЦ Инцел. Уметниците, заедно со локални и меѓународни експерти, куратори и локалната заедница во градот, ќе работат на создавање на програмата на патувачкиот форум што ќе следи, повикувајќи се на методологијата и уметничките истражувања создадени досега во проектот, како и спецификите на секоја од локациите-станици на рутата на патувањето. 

15 септември – 15 октомври 2022 — едномесечно патување низ Балканот со неколкудневно запирање во секоја од шесте балкански држави, каде што се лоцирани партнерите. На секое од овие запирања, уметниците ќе ја спроведат претходно креираната програма на патувањето, замислено како патувачко театарско дело, во кое протагонисти ќе бидат колективот на уметници, локалните организации и вклучените заедници.

ноември 2022 – март 2023 — Период во кој уметниците, по завршувањето на патувањето, ќе бидат поддржани во продуцирање на сопствено уметничко дело кое ќе биде изложено 

на финалната изложба на НННБ во Приштина, во просторот на социјалниот центар Термокис.

Детали

За пријавување ве молиме следете го линкот до веб страницата на проектот, а формуларот за пријавување ќе го најдете на истата страница под: Open Call [North Macedonia]

Краен рок за пријавување: 15.01.2022 година

Висина на хонорар за уметникот/цата: вкупно 2400 евра. 1000 евра за учеството во резиденцијата во Бања Лука, 1000 евра за фазата на патување  и 400 евра продукциски буџет за финалното уметничко дело за изложбата во Приштина. Патните трошоци и сместувањето ќе бидат покриени за време на спроведувањето на програмата. Повеќе детали ќе бидат благовремено споделени со избраните уметници.

За Социопач:

Социопач – Платформа за граѓанско дејствување преку културни и уметнички практики (основана декември 2017) е платформа чија примарна цел е гаење уметнички и кулурни практики кои третираат општествено релевантни теми, особено теми поврзани со граѓанското учество, уметничкото истражување, и менаџментот во културата. Тимот се состои од млади професионалци од повеќе дисциплини, како изведувачки и визуелни уметности, социјален дизајн, софтверско инженерство, општествени науки и проектен менаџмент.

Нашиот став е дека постои итност и потреба за потхранување и реизградба на идејата за личната и колективна граѓанска одговорност, како суштински аспект на поимањето на демократскиот процес во регионов  и една од нашите главни задачи е учество во развојот на нови начини на граѓанско дејствување преку културни и уметнички алатки и пракси.

Од етичка перспектива, важно е да се нагласи дека нашата организција се залага за поставување на нови стандарди во однос на вреднување на трудот на уметникот/културниот работник, во материјална и емоционална смисла, особено на млади професионалци кои допрва треба да се позиционираат како на пазарот на трудот, така и на културно-уметничката сцена.

some call us balkansкултураМакедонски Новости