Стотици луѓе демонстрираа во саботата во неколку турски градови, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара, против чекорот за затворање на една од најпочитуваните асоцијации за правата на жените во Турција – We Will Stop Femicide.
„Не е возможно да се запре нашата борба. Нема да дозволиме затворање на нашето здружение“, изјави за AFP генералната секретарка на „We Will Stop Femicide” Фидан Атаселим.
Јавното обвинителство во Истанбул во средата поднесе тужба со цел затворање на здружението за „активности против законот и моралот“.
Асоцијацијата We Will Stop Femicide ги објавува убиствата и злоупотребата на жените во претежно муслиманската, но официјално секуларна држава. Според Атаселим, тужбата ја обвинува групата за спроведување активности кои ги кршат „законите и моралот“ на Турција.
Асоцијацијата јавно ја критикуваше одлуката на претседателот Реџеп Таип Ердоган минатата година да ја повлече Турција од Истанбулската конвенција, која бара земјите потписници да воспостават закони насочени кон спречување и гонење на насилството врз жените.
Асоцијацијата We Will Stop Femicide објави дека минатата година во Турција биле убиени 280 жени, а голем број од убиствата биле извршени од членови на семејствата на жртвите. Уште 217 жени починале во сомнителни околности, вклучително и оние кои официјално се регистрирани како самоубиства, велат од групата.
Атаселим рече дека тужбата е поднесена врз основа на жалба регистрирана од група Турци преку веб-страница формирана од Претседателството за да се упатат барањата на граѓаните.
Во тужбата, асоцијацијата We Will Stop Femicide е обвинета за „уништување на семејството врз основа на изговор дека ги брани правата на жените“, рече Атаселим. Начинот на кој е напишана е сличен на оној што го употреби Ердоган во неговата одлука да се повлече од Истанбулската конвенција, која Турција ја потпиша во 2011 година.
Социјалните конзервативци во Турција тврдат дека конвенцијата ја промовира хомосексуалноста и ги загрозува традиционалните семејни вредности. „Не ги прогонувај жените, туку убијците! Стотици демонстранти собрани во Истанбул извикуваа.
На демонстрациите учествуваа претставници на опозициските партии, како и роднини на жртвите на семејно насилство.