Опишувајќи го пријателството на неприфатените, но и тоа како на маргините на социјалните норми се појавуваат мали, приватни републики на неприлагодените, писателката ја исполнува мисијата својот глас да им го позајми на луѓето во тишината.
Нејзиното име е Леила Текила и таа умира. Го одбрала тоа име, но не и околностите на нејзината смрт. Лежи во контејнер некаде на периферијата на Истанбул, каде се сеќава.
Времето кое и останува е 10 минути 38 секунди на овој чуден свет, како што гласи и насловот на новиот роман на Елиф Шафак. Мозокот се исклучува побавно отколку што порано верувавме. Канадски истражувачи откриле случај во кој процесот на индивидуалните функции на мозокот, неговото „исклучување“ траело 10 минути од моментот кога настапила смртта. Овој интригантен факт и овозможил на Шафак, во моментов најпознатата турска писателка, да создаде живописна приказна за животот по смртта, но и за животот на отфрлените и несаканите, кои секој ден преживуваат на работ на непостоењето. Никој не се грижи за нив, ниту за нивната среќа – никој нема да ги бара нивните тела. Леила била проститутка. Или поточно, таа е проститутка: сè додека ја служи меморијата и додека сè уште може да нè однесе на патување низ нејзината трагична и и многу интересна животна приказна.
Родена на истокот на земјата, меѓу нивите и ридовите, во конзервативни места; во едно од оние патријархални семејства кои се обидуваат да се држат до блиските и никогаш не се менуваат. Била одземена од нејзината биолошка мајка и предадена на грижа на втората сопруга на нејзиниот татко. Тој бил полигамист, живееле во една куќа, така што ја одгледале две жени – две полни со љубв не-мајки. Шафак укажува на семејството на Леила како на систем на грижа и опресија: двете димензии се вклучени во приказната, во непроменливи услови. Кога злото влегува во игра, односно Леила станува жртва на сексуално насилство во нејзиното најблиско опкружување – средина која надвор проектира љубов и грижа – никој не застанува зад неа. Семејството одлучува да се држи заедно за да го сочуваат она што го нарекуваат “чест“. Леила одлучува да се заштити. Таа тргнува кон големиот град, во кој своето биолошко или “семејство од крв“, како што го нарекува Шафак, го заменува со нејзиното „семејство од вода“: блиски пријателства, моќта која романот ја воздигнува.
Времето минува додека Шафак ги брои минутите и секундите од моментот кога животот на Леила завршил. Таа користи сеќавања кои случајно се појавуваат во сè уште активниот ум на Леила како контекст за да ги раскаже клучните епизоди на нејзината судбина. Тие нè враќаат во минатото на Истанбул, кои и самиот е еден од неколкуте клучни ликови во приказната. Како и многу турски уметници и поети низ историјата, Шафак на Истанбул му дава женски идентитет. Истанбул е таа – опкружена со вода и се шири на границата помеѓу двата континента – извонредна земја на стари, испреплетени улици и најневеројатни животни приказни. Прекрасна, гостопримлива прегратка која е отворена за разнолични новодојденци на кои им дава простор тука повторно да се родат. Авторката овде се потпира на сопственото искуство. Родена е во Стразбур, а по разделбата на родителите, се преселила во Истанбул со својата слободоумна и добро образована мајка. Живееле со бабата на Шафак – конзервативна и суеверна жена, која верувала во духови, но умна по нејзината ирационална мудрост. Со текот на годините, последователни бранови имигранти и претставници на малцински групи се доселила на нивната улица: Ерменци, Евреи, трансродови луѓе.
Секој од тие бранови остава трага – мал дел од локално население што опстојува, кои сè уште одат во истата стара продавница за да купи топол бурек. Тие се како талог на дното на океанот, најскапоцените честички кои даваат живот на еден огромен екосистем. Шафак гледа на Истанбул како на флуиден град: од една страна подложен на постојани социјални плими, од друга страна, дозволувајќи им на своите жители да не замрзнат во една поза, прифаќајки ја нивната состојба, убедувања и избори како димензија на постојан флукс и променливост. Во нив, авторката ја гледа суштината на животот.
Леила е несреќна. Откако ќе стигне во големиот град како млада девојка, таа е проголтана од првото чудовиште со кое се среќава: случаен макро и случаен бордел, фалејќи се со името на најстарото и прво правно светилиште на блаженство, помазано од властите на султанот. Овие тврдења за престиж ја рефлектираат енергијата на градот – огромно тело во кое секој сака да се искачи, да го подигне својот статус и да ко-создава колективни легенди. Сите тука имаат амбиции, дури и обична мадам во мувосан агол на поплочена улица. Леила има нешто друго – свесност за нејзината позиција и можноста да го зачува своето достоинство и покрај тешките околности. Таа исто така има здраво и полно со љубов срце, кое го отвора за другите слични на неа „шарени пауни“. Во космополитскиот Истанбул од втората половина на 20 век, дури и проституцијата е обележана со световност. Леила има можност да запознае жени од различни култури, верувања и хоризонти. Така се соединува нејзиното „семејство од вода“, за на крај да ги вклучи: Џамела, шверцувана од Африка и чувана во подземна зандана со други жени, сега ги крие лузните на своите зглобови под шарени нараквици; Зејнаб122, џуџе и поранешна јасновидка, кја тврди дека може да си го напише името на 122 различни начини; Холивуд Химерија, кој ги знае напамет и прекрасни ги раскажува бајките и митови за Месопотамија; и Носталгија Налан, која и покрај нејзината храброст, постојано копнее по својата татковина во селата.
Неверојатните пет подоцна во романот го комплетира единствениот маж во групата пријатели: Саботажа Синан, пријател на детството на Леила. Само тој ги знае сите нејзини тајни и рани, а кога ќе замине за Истанбул, тој ветува дека ќе ја најде таму. Се среќаваат по многу години. Синан веќе е оженет со деца, и започнува да води двоен живот: тој редовно ја гледа Леила и само нејзината смрт му дава доволно храброст да се ослободи и да се пресели во Истанбул засекогаш.
За овие „валкани пет“отфрлени и неприфатени, меѓу кои една транс жена и танчер на кабаре, Леила е пламен, инспирација, папокот на светот. Несакани и лошо прилагодени, тие негуваат меѓусебна интимност, доверба и лојалност – бесценета во урбаната џунгла. Нивните врски се зачинети со саркастично чувство за хумор, како и бескомпромисна искреност. Шафак прикажува идеално семејство: лесно прифаќање, никогаш не наметнувајќи ги своите очекувања; семејство со кое сакате да поминете време. Интимност по избор, ослободена од конвенции, без судења.
Опишувајќи го пријателството на неприфатените, но и тоа како на маргините на социјалните норми се појавуваат мали, приватни републики на неприлагодените, писателката ја исполнува мисијата својот глас да им го позајми на луѓето во тишината. Со тоа Шафак им се придружува на шпанскиот режисер Педро Алмодивар, индиската романсиерка Арундати Рој и Хања Јанагихара, авторката на американскиот бестселер – A Little Life три барда на исклучените и маргинализираните. На периферијата на поредокот, овие уметници ги набљудуваат најинтересните протагонисти на модерното време: луѓето како да се осудени на немирен живот исполнет со имагинација, детерминираност и ризик. Оние кои добро знаат за отфрлањето, кои ги изгубиле своите илузии, и кои повеќе не бараат прифаќање или признавање, туку наместо тоа, сами градат поинаков, интимен систем на лични вредности.
Во романт на Шафак, пријателството е посилно од смртта. Тоа не само што ги иницира петте необични ликови да тргнат на трагикомично патување до Гробиштата на безимените, сместени надвор од градот, за да ја пронајдат Леила, која лежи закопана во безимен гроб. Ненадејното отсуство на нивната пријателка ги зближува членовите на тимот уште повеќе и станува точка на остварување на нивните долго одложувани соништа.
„Сребрените слоеви“, пишува авторката, која е јасно фасциниран од палимпсестните градови и во нив постојано препишуваните приказни за нивните идни, минати и сегашни жители. Сите ние сочинуваме фикционална биомаса, оставајќи ги своите траги во сложената историја на градот. Биографијата на Леила е испреплетена тука со важни историски настани – големи и непознати – како што е војната во Кореја, или воведување на закон во Турција со кој се намалува казната за силување проститутка. Нема целосно да умрете, доколку некој ја раскаже вашата приказна, и некој да биде таму да ја слушне.
„10 минути 38 секунди во овој чуден свет“ е и израз на копнежот на авторката за нејзиниот сакан град и земја, од која е протерана. Во моментот престојува во Лондон, додека во Турција е под истрага, иронично, во случај на ширење непристојна содржина и педофилија. Турскиот закон не прави разлика помеѓу контекстот на содржината поврзана со сексуалното насилство, тој едноставно забранува негово објавување. Затоа Шафак, опишувајќи ја сексуалната злоупотреба на нејзината хероина, може да биде обвинета и осудена. Во ова таа ја дели судбината на многу писатели кои во моментот се цензурирани во Турција (иако таа потенцира дека новинарите фрлени во затвор се во најтешка состојба). А сепак, статусот на Шафак е единствен: во просек, над 750.000 читатели во Истанбул ги купиле нејзините книги, додека во Лондон има статус на една од најсветлите литературни sвезди во Европа. Порано, додека пишуваше на турски јазик, светот ги знаеше нејзините дела во превод. Овој роман го напиша на англиски јазик – Турците веќе уживаат во превод, а кај нас имаат можност да го прочитаат во издание на Три.