Сексуално насилство и Балкан: Исповеди, сведоштва, обвинувања – Случаите на силување во Србија започна лавина во регионот

„Не побарав,“ „Не значи не“ и „Не си сама“ – зборови што на ист начин се разбираат во Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

Овие силни пораки го обединија Балканот и тие, меѓу другото, се имињата на страниците на Фејсбук за поддршка на жени кои преживеале силување или доживеале сексуално вознемирување.

Тие бројат илјадници членови од целиот регион, кои се вака соединети за првпат по крвавите војни, откако беше објавена исповедта на актерката Милена Радуловиќ, во која таа вели дека Мирослав Мика Алексиќ, сопственик на школата за глума, ја злоупотребувал пред девет години.

Алексиќ беше уапсен во неделата, а неколку девојки поднесоа кривична пријава против него за силување и сексуално вознемирување.

Лавината започна

Како одминуваат деновите, се чини дека оваа тема, која со децении, можеби дури и со векови е премолчена, не згаснува, но расте како грутка.

Реагираа факултетите од Белград, Загреб и Сараево, а страницата што „Nisam tražila,“  која постои од 18 јануари, веќе брои повеќе од 17 000 членови.

Секој ден, стотици жени пишуваат под нивно име или анонимно, за ужасни искуства или сеќавања на несоодветни постапки од страна на мажи, наставници, тренери и често идни работодавци.

Тие зборуваат за искуства на сите возрасти, но најмногу во пубертет.

Заедничко за сите примери на сексуално насилство е дека сторителите започнуваат од тоа дека имаат „моќ и контрола врз жртвата,“ изјави за Би-Би-Си Јосипа Тукара Комљеновиќ од хрватската невладина организација Женска соба – Центар за сексуални права.

„Најчесто, ова се луѓе кои ги знаеме и им веруваме, без разлика дали се работи за татко, партнер, шеф или семеен пријател.“

„Од таму потекнува стравот на жртвата да зборува за тоа,“ изјави социологот за Би-Би-Си.

Тешко е, ужасно тешко, на седум години ме силуваше роднина од страната на мајка ми и не кажувам никому за тоа затоа што не сакам никој друг да страда освен мене. Јас го закопувам тоа длабоко цело време.

Како што претпоставувам предаторите можат да намириссаат жртви, тоа продолжи да се случува и во основно училиште (секако дека секогаш се обвинував себеси и се прашував како е можно да ми се случи повторно, мора нешто да не е во ред со мене или изгледам или правам нешто погрешно кога се повторува).“

Дел од една од десетиците признанија од страницата Nisam tražila.

Иницијаторите на страницата открија дека не очекувале толку признанија.

„Започна како спонтана иницијатива бидејќи сите администратори на страницата беа мотивирани од фактот дека во опкружувањето во кое живееме постојано сме изненадени и го осудуваме насилството што им се случува на жените во други средини, но не сме подготвени зборува за тоа.

„Значи, ние се преправаме дека ова не се случува во нашата земја,“ изјавија за „Јутарњи лист.“

Иницијативата беше иницирана од четири колешки, поранешни студентки на Академијата за изведувачки уметности во Сараево: Ана Тиквиќ, Надине Мичиќ, Матеа Маврак и Асја Крсмановиќ.

Во врска со ова, Академијата за изведувачки уметности од Сараево формираше Комисија за спречување на сексуално и родово вознемирување, како и разговори со советник кому студентите можат директно да му се обратат.

Академијата за драмски уметности на Универзитетот во Загреб исто така ги поканува сите да пријават родово и сексуално насилство и злоупотреба.

Факултетот за драмски уметности во Белград објави дека започнува специјална платформа „ФДУ – против насилството,“ со намера активно да се справи со превенција и спречување на сите видови злоупотреби и злоставување во образовните процеси, особено со проблемите поврзани со сексуално вознемирување .

Сите пораки и апликации може да се испраќаат на protivnasilja@fdu.bg.ac.rs.

Групата „Nisam tražila “ беше поддржана и од СТЕМ тимот на платформата што се занимава со промоција на жените во науката и технологијата.

„Случајот од Србија беше капката што ја прели чашата, сите знаат дека тоа се случува, сите сме свесни, но никој не зборува за тоа.

„Ако за нешто не се зборува, по дифолт тоа не се ни случува, и затоа навистина ми беше драго што девојката проговори,“ вели Неира Мујагиќ од Сараево, автор на платформата на СTEM тимот.

Мора да се зборува за тоа, но без да се срами или обвинува жртвата, додава таа.

„Тоа се случува во сите професии, го доживуваме од средно училиште,  низ факултетот.

„Тоа им се случува и на мажите, но претежно на жени,“ истакнува Мујагиќ.

„Не побарав, имав само 14 години…тој имаше 21. Тој беше осуден на само една година, му се судеше како помлад возрасен!“

За прв пат, наместо гинеколог, направив преглед од патолог затоа што судскиот гинеколог беше на одмор. Не е исто да се работи со мртви и живи. Тогаш помислив дека е подобро да не сум жива.

Повеќе од тоа, ме повреди тоа што околината ме осуди! „Ако не сакаше, немаше да и се случи!

Му велам: „Не ме уби, не ме скрши, продолжив, станав подобара и посилна!“

Неира Мујагиќ очекува дека ќе се случат некои промени во следниот период и дека младите девојки се „таа пресвртница.“

Има 21 година и студира градежништво во Истанбул.

„Мајка ми не може да го стори тоа, бидејќи е близу 60 години, но на нашата генерација и останува да промени нешто и да каже доста е.“

Credit: https://www.facebook.com/NisamTrazila

Желбите наспроти реалноста

Инфлуенсерката Ана Јакшиќ од Белград пишуваше за овие теми на социјалните мрежи.

Ќе забележите дека убаво е наведено дека барам докази за предаторско однесување во форма на кое било видео и слично, ги поставив признанијата што ги постирав затоа што знам кои ги испрати, преку страницата оди само со докази, не пробувајте од ова да направте смешка затоа што јас не се потсмевам.

На прашањето дали очекува ова да биде почеток на некои системски и длабоки промени во општествата, тaa одговори „да – ако зборуваме за желби.“

„Ако реално зборувам – не очекувам скоро ништо, освен дека идните потенцијални жртви ќе бидат предупредени на време.

„Многу од споменатите предатори беа пријавени, а сепак ништо не се случи,“ вели Јакшиќ.

Таа вели дека барем малку се надева дека поради големиот број на предатори тие ќе започнат да посветуваат поголемо внимание на однесувањето.

„И тоа е максимумот на мојата надеж.“

Отворена е страницата predatorisrbija.com, каде девојките можат да регистрираат лични исповести за сексуално вознемирување со нивното име и презиме, кои ќе бидат објавени анонимно.

„Никој, никој не сака крв, само жените се уморни од животот и тие не сакаат повеќе да молчат, ние само сакаме да се заштитиме,“ додаде Јакшиќ.

Пријавени случаи – само врвот на ледениот брег

Кривичното дело силување, како едно од најсериозните против сексуалната слобода, спаѓа во групата дела каде што феноменот на „темни броеви“ е, според сите истражувања, па и во Србија, меѓу најчестите, вели Ивана Стевановиќ, директор на Институтот за криминолошки и социолошки истражувања, во писмен одговор.

Темните броеви е израз што се користи во криминологијата за нерегистрирани случаи.

Хрватската организација Женска соба – Центар за сексуални права вели дека има од 15 до 20 непријавени случаи на едно пријавено силување.

„Она што се случува сега е одлично, бидејќи повеќе од 90 проценти од девојчките никогаш не им кажуваат на своите родители, партнери или пријатели што се случило.

„За 11 месеци, во Хрватска се пријавени 150 случаи, но тоа е само врвот на ледениот брег,“ вели Јосипа Тукара Комљеновиќ од оваа организација.

Дури и кога ќе дојде случајот до суд, ситуацијата не е многу подобра, процесите траат долго, а казните се благи.

Во Србија, во 2016 година, таканаречениот Закон на Марија воведе забрана за застарување на кривичните дела против сексуалните слободи кога се сторени против малолетни лица.

За потешки форми на силување, казната е од пет до петнаесет години во Србија, но тие со многу години ретко се изрекуваат.

Од вкупно 81 пресуда, изречени се само 20 казни за пет години затвор, што е законскиот минимум за вакво дело, напиша весникот Политика во 2019, врз основа на податоците објавени во истражувањето „Криминална политика во Србија – право и пракса.“

„Тоа го покажува морбидитетот на нашите обвинители и судии кон силувачите, па затоа и не е изненадувачки тоа што бројот расте.“

„На обвинителите им е полесно да докажат поблаги форми на криминал, а за нив се заканува поблага казна,“ изјави за Би-Би-Си Вања Макановиќ, адвокат од Центарот за автономни жени.

Се сметам за среќна, бидејќи за среќа не доживеав ништо полошо од ситуациите што ќе ги споделам тука.

Искрено, престанав да бројам ситуации во јавниот превоз кога маж, барем 30 години постар од мене, случајно ќе ми го „почеша“ задникот или ќе ме пипне за вагината.“

Дел од една од десетиците признанија од страницата Nisam tražila.

Согласноста е клучот

АЖЦ бара измени во законот, така што согласноста, како и во Конвенцијата на Советот на Европа, е клучна во дефиницијата за силување, а не дали жртвата давала отпор и била принудена на сексуален однос.

„Ако се докажува само дали жртвата пружала отпор, што ќе правиме со девојките кои се смрзнуваат во такви ситуации?“

„Затоа мислам дека овој случај може да биде пресвртница и голем испит за обвинителството,“ додаде Макановиќ.

На веб-страницата на српското Министерство за внатрешни работи, сексуалното насилство се дефинира според тоа дали имало согласност.

„Сексуалното насилство е сексуално дело без согласност или можност на жртвата да даде согласност, без оглед дали се случило тоа дело, потоа сексуално дело или обид за дејствување кога лицето не е во можност да се согласи или одбие да учествува поради болест, попреченост, е под влијание на супстанции, возраст, односно заплашување, уцена или притисок, болен и понижувачки сексуален чин,“ наведува Министерството за внатрешни работи.

Србија има еден од најстрогите кривични закони, смета Ивана Стевановиќ.

„Јас сум на мислење дека тежината на казната не е нешто што одредува  дали жртвата ќе пријави какво било дело, туку фактот дали осомничениот ќе биде уапсен и санкциониран,“ додаде Стевановиќ.

Во Хрватска, во 2020 година минималната казнае е зголемена од една на три години.

„Повеќето силувачи добиваат минимална казна,“ вели Комjenеновиќ.

Судските постапки траат од три до осум години, што честопати е демотивирачко за жртвите.

Таа додава дека според хрватските закони, ако малолетник преживеал сексуално насилство, периодот на застарување од 10 години започнува од неговиот 18-ти роденден.

„Ако одлучите да пријавите насилство на возраст од 25 години, тогаш можете, а на 28 години веќе не можете да пријавите.“

„Србија имаше многу лош пример и така е создаден Законот на Марија,“ наведува таа.

Што може да се направи?

Охрабрувачки е тоа што жените од целиот регион почнаа дека ги споделуваат своите искуства и трауми, вели Ивана Стевановиќ од Институтот за криминолошки истражувања.

Вториот дел од приказната, додава таа, е правосудниот систем да ги намали трауматските последици низ кои жртвата неизбежно поминува во каква било кривична постапка.

„Во смисла на создавање услови за употреба на современи аудио и технички помагала што ќе и овозможат на жртвата да го даде своето сведочење надвор од просториите на обвинителството и судот, овозможувајќи безбедна средина и чувство на безбедност.“

„Потоа, давање законски гаранции за забрана за вкрстено испрашување и конфронтација, давање статус на особено чувствителен сведок и ограничување на бројот на сведочења, особено за малолетници,“ сугерира Стевановиќ.

Направени се некои чекори, но сепак е бавно, смета Комљеновиќ од Женската соба.

Не се доволни само измени во законот или судскиот систем, потребна е и политичка волја, а и едукација за овие прашања „од градинка до факултет.“

„Ако програмите за превенција за тоа како да се препознае насилството беа задолжителни во образовниот систем може да има намалување на предрасудите и осудата на жртвите —– „што пиеше, зошто носеше кратко здолниште,“ како и на кого да се обратат во такви случаи, што би бил патот кон поздраво општество,“ заклучува Комљеновиќ.

 

балканженски праваМакедонски Новостиродово-базирано насилствосексуално малтретирањесексуално насилство