Доминација. Агресија. Добар изглед. Сексуална моќ. Стоицизам. Атлетизам. Овие се атрибути на „идеалното момче“ според младите американски момчиња кои разговарале со авторката Пеги Оренштајн за нејзината нова книга „Момци и секс.“
Спротивно на тоа, анкетите откриваат дека тинејџерките сега се поспремни да ги отфрлат стереотипните улоги, делумно благодарејќи на едноставните слогани како „Женска моќ“ и „Да, таа може,“ заедно со ослободувачката порака на популарниот анимиран филм „Frozen.“ Музиката, спортот и литературата за млади веќе некое време опфаќаат феминистички ноти.
Што тогаш со момчињата? Сега тешката задача да се разоткријат и уништат некои од подеднакво штетните конвенционални притисоци врз машки деца и тинејџери добија поттик со објавувањето на две неверојатни нови студии и пристигнувањето во киносалите на неодамнешното издание на Дизни-Пиксар, „Onward.“
Сите се обидуваат да покажат дека на момчињата им е потребна итна помош за да ги изразат своите чувства и да се справат со она што општеството го очекува од нив. И сите три наидоа на негативен прием.
Двете книги, Момците и сексот на Оренштајн, достапна во печатена форма во петокот, и Декодирање на момците на Кара Нетерсон, објавена минатиот месец, тврдат дека доколку родителите не успеат побрзо да се справат со адолесцентската конфузија и отуѓување на нивните синови, нивните ќерки ќе бидат далеку понапредни кога станува збор за справување со емоциите. Тие предупредуваат дека сексуалното образование на момчињата им е препуштено на порнографите и фудбалските тренери, додека ефектите од промената на машките хормони вообичаено се погрешно разбрани.
Целите на овие испитувања на модерното детство на момчињата изгледаат за пофалба, но тие веќе предизвикаа обвинувања за пристрасност и сомневање дека се дизајнирани да ги прекоруваат мажите, наместо да им помагаат.
Гневно пишувајќи во конзервативното онлајн списание „Федералистот,“ Глен Т Стантон тврди дека книгите на Оренштајн и Натерсон биле примени од либералниот печат, претставени од магазинот „Атлантик,“ бидејќи се чини дека ја поддржуваат идејата дека „токсичната машкост“ е распространета. Концентрирајќи се на примери на лошо, нечувствително машко однесување, Стентон верува дека откритијата на авторите само ги разгоруваат повиците за разбивање и замолчување на тековните идеи за машкост. Да се дефинира која било социјална група, вклучително и млади мажи, според нејзините крајности е погрешно, тој тврди.
Друг машки критичар, кој пишуваше од Чикаго, како одговор на написот на Оренштајн во „Атлантик,“ сугерираше дека симптомите на „токсична машкост“ имаат тенденција да бидат отфрлени од мажите како што растат. Тој исто така сметаше дека изборот на Оренштајн да студира млади бели спортисти, или спортисти кои се на факултет, ги искриви нејзините резултати: „Да зборуваше со членовите на дебатниот тим, на пример, или со драмскиот клуб или со училишниот бенд, можеби ќе и се отвореше прозорец кон многу поинаков поглед.“
Книгата на Оренштајн, чиј цел наслов гласи Момци и секс, погледот на момчињата за мувањето, љубовта, порното, давањето согласност и навигација на новата машкост, е продолжение на нејзиниот хит од 2016 година, „Девојки и секс“ и нејзиниот искрен став кога станува збор за дискутирањето на сексот значи дека веројатно ќе им се допадне и на луѓе надвор од академските кругови. Пред да ја напише, таа одвои две години да разговара со момчиња низ цела Америка, главно тие кои се на пат да се запишат на факултет и на возраст од 16 до 21 година. Она што го откри беше дека кога од овие интелигентни млади момчиња беше побарано да го опишат „идеалното момче,“ тие често „се чинеше дека се враќаат во 1955 година.“
Тоа ја натера Оренштајн да се запраша дали родителите предолго време не обрнуваат внимание: „Феминизмот им обезбеди на девојките моќна алтернатива на конвенционалната женственост и јазик со кој можат да ги изразат огромните проблеми – кои немаат име, но нема веродостојни еквиваленти за момчињата. Напротив, дефиницијата за мажественост во некои аспекти се чини дека е спротивна.“
Во книгата на Натерсон, која има поднаслов, Новата наука зад суптилната уметност на воспитување на синови, серијата корисни совети се добиени од долгото практично искуство на авторотката како педијатар. Њујорк Тајмс го оцени како добар водич за сите родители на момчиња и го пофали нејзиниот „весел и великодушен“ тон, додека објаснува дека пубертетот започнува многу порано кај момчињата отколку што порано мислевме. Исто така, тврди дека на момчињата тинејџери не смее да им се дозволи да се повлекуваат во молчеливи и минливи семејни интеракции. Според Натерсон, им треба многу повеќе емотивно и физичко уверување отколку што некогаш сме сфатиле.
Секако ова е една од главните пораки на најновиот семеен хит на Пиксар, „Напред.“ Раскажува за двајца браќа кои се елфови во тинејџерски години, каде гласовите им ги позајмуваат британската звезда Том Холанд и Крис Прат, кои живеат во волшебна верзија на предградието и кои тешко се справуваат со смртта на нивниот татко.
Филмот на режисерот Ден Сканлон се најде на првото место на американскиот бокс-офис на неговиот премиерен викенд, со заработка од 30,5 милиони фунти и има пофалби за неговото искрено справување со машките емотивни блокади. „Расцепканата врска помеѓу браќата и нивниот гнев поради загубата на родител се евоцирани преку извонредна тага и јасност,“ напиша Венди Иде.
Но оттогаш, повеќе земји од Блискиот исток се осврнаа на либералните ставови на „Напред“ и поточно на слободното прифаќање на хомосексуалноста. Сега истиот не смее да се прикажува во Кувајт, Оман, Катар или Саудиска Арабија, според списанијата на шоубизнисот. Навредливиот лик е полицискиот службеник Спектер, чиј глас го дава актерката Лена Вајт, која зборуваше за нејзиното задоволство што ја игра првата отворено геј улога на Пиксар.
Овие критични реакции можат да покажат дека современите напори за редефинирање на родовите конвенции се осудени на пропаст, а доколку не е тоа неуспех, тогаш на бесконечно ниво на сложеност. И ограничувањето на дискусијата на биолошки пол не е многу поедноставно.
Наставник од училиштето за момчиња во Балтимор се приклучи на американската дебата минатиот месец за да посочи дека кога се претпоставува дека тинејџерските момчиња се емотивно нечувствителни, за нив тоа може да звучи како да се сметаат за незрели, па дури и глупави.
Всушност, тој тврди, повеќето момчиња се прилично способни за комплексно размислување на сите возрасти, исто како и девојчињата: „Момчињата се разбираат себеси – добро, лошо и грдо – повеќе отколку што им даваме заслуга, и тоа знаење ги засега. Тоа не треба само да нè засега нас – возрасните околу нив – треба да предизвика непосредна промена во нашите постапки и ставови. “
Оренштајн со јасна одбрана ги отфрли критиките кон нејзиниот пристап. Многу момчиња можеби созреваат и го надминуваат лошото однесување, но некои не, вели таа, и што и да им се случи на нив во иднина, што станува со оние кои што тие ги повредуваат? Меѓу нејзините главни откритија беа дека момчињата се вознемируваат за тоа колку чувствително изгледаат на првиот состанок. Тие исто така се жалат дека барањето дозвола за иницирање физичка блискост се смета дека е лигаво или, како што може да се каже, „глупаво.“ Во меѓувреме, порнографијата, хомофобијата, мизогинијата и расизмот претставуваат вистински проблеми во американските факултетски кампуси, тврди Оренштајн.
Сепак книгата е широко прифатена и од мажите и од жените. Минатиот месец веб-страницата „Проектот за добри мажи“ која има за цел да испита „што значи да се биде добар маж во денешното општество,“ објави напис кој ја пофали Оренштајн за „отварањето на гледиштата и сочувствителниот преглед на некои од проблемите со кои се соочуваат момчињата во американското општество. “ Учителите на училиштата, како и родителите мора да почнат да разговараат со момчињата за секс, според неговиот автор, наставникот во државата Њујорк, Џеф Френк, поради широката достапност на порно: „Во најмала рака, мора да им помогнеме на момчињата да видат дека сексот не е натпреварувачки акт.“
Исто така важно, смета Френк, е да им се помогне на момчињата да изградат емоционална сила понекогаш да бидат сами. „Ова не е за да им се каже на момчињата какви треба да бидат, туку да се создадат услови што ќе им овозможат да постапуваат според нивната совест и да прераснат во мажи какви се надеваат дека ќе станат.“