Изгледот на градот Скопје комплетно се смени со имплементирањето проектот „Скопје 2014“, а активностите кои беа преземени од страна на надлежните институции го оставија градот со помалку паркови и зеленило, а повеќе градежни парцели и објекти. Конечно, во последните две години, започна позитивната трансформација на Скопје, која ја врати вербата на граѓаните дека зеленилото конечно започна да се враќа. Но, некои настани ја вратија недовербата и дилемата – што содржат проектите на хартија, а што во пракса.
Во најновото издание на 25 минути, зборувавме за сечењето на дрвјата на ул. Орце Николов во Дебар Маало, чин кој беше осуден од страна на голем број од граѓаните кои живеат во Скопје, пред сѐ поради нетранспарентноста во одлучувањето на администрацијата.
Гости во најновото издание на 25 минути се Јана Белчева Андреевска, активистка и советничка во Советот на Општина Центар, Никола Наумоски, шеф на Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, професор Мишко Ралев, претседател на Асоцијацијата на Архитекти, Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар и Елизабета Фиданоска, новинарка за Дојче Веле во Келн, Германија.