Објавата на сликовницата „Срцето и шишето“ на Оливер Џеферс од страна на Арс ламина, a во превод на Билјана Црвенковска, е културен настан сам по себе.
За разлика од јутјуб-сугестиите за тоа како да го „поминете времето работејќи на себе … со најсаканите итн.“ и поплавата на поетски инспирации од осамата на самоизолацијата од видот „короничка-домичка-песничка“.
Книгата тематизира еден од посериозните и потешки аспекти на растењето. Оние теми кои во разговорите со децата често некако се „претрчуваат“ се објаснуваат со метафори како „отиде во приказните“ „те гледа од ѕвездите“, „мисли на тебе“ и слични еуфемизми зад болната конечност на едноставното „почина“.
И независно од тоа што метафората дел од психолозите ја поддржуваат како неопходна за децата, во фазата на анимистичко доживување на светот [1] сепак прашањата за смртта го следат претрчување, премолчувања, обиди да се заштити детето, да се оттргне вниманието и една генерална недореченост.
Книгата исклучително вешто и заводливо, но и отворено и храбро (со храброст каква што често им недостаува на писателите за деца кога сакаат да се ‘рваат со комплексни прашања од кои подоцна цедат лимонади) раскажува за смртта и тагата.
„Си живееше еднаш едно девојче, слично на многу други…“
„Си живееше еднаш“ меко сугерира на временската дистанца која е одлика на традиционалните бајки и која заштитува од стравот од непосредна опасност кој бајката би можела да го предизвика.[2] И штити од траума.
„…слично на многу други“…баш како оној главен јунак од бајките со кој обичниот читател би требало едноставно да се идентификува (Бетелхајм)
Светот го спознава низ различни авантури со својот татко.
И тој одеднаш заминува од нејзиниот живот. Експлицитно не е наведено дали станува збор за татко или дедо, дури и дали станува збор за смрт или за заминување. Но, секако станува збор за шок и ненадоместлива празнина.
Сказната потоа раскажува што се случува во душата на едно дете кога ќе го изгуби својот најблизок човек, но наместо здравото тагување (под водство на блиско возрасно лице), оплакување и поминување низ болката, напротив се случува нејзино анулирање и потиснување.
-Со исклучителна суптилност и економичност на зборовите, Џеферс – чие мајсторство во преплетувањето на темнината и светлината се протега колку низ сликарската четка, така и низ психата на читателите – тивко го отвора излезот за емоции на празнина кои ја следат загубата.
Но, ако тагата е толку дезориентирачка и емотивно ги здробува возрасните, како да очекуваме дека неподготвените мали срца би можеле да ја издржат својата тежина? Срцето на малото девојче не може тоа да го издржи. И не издржува…
Но како што Рилке знаел кога напишал „Смртта е наша пријателка токму затоа што нè води кон апсолутното и страствено присуство на се она што е тука, што е природно, што е љубовта“ девојчето наскоро открива дека заклучувањето на болката исто така го заклучува нејзиниот капацитет за љубов и за живење – пишува brainpickings во текстот за сликовницата.
„Се чувствуваше несигурно, па девојчето помисли дека е најдобро да си го стави срцето на сигурно место.
Само привремено.
И така, го стави во шише и си го закачи околу вратот…
…и тоа изгледа ги доведе работите во ред…
во прво време.
Но, всушност, ништо не беше исто.
Таа заборави на ѕвездите…
…и престана да го забележува морето.
Веќе не беше исполнета со сите љубопитства за светот и не забележуваше речиси ништо…“
Џеферс прави исклучителен приказ на депресијата кога, како резултат на негирање и потиснување на болката, се јавува во форма на целосна индиферентност, на долга и мачна отапеност (оти конечно „срцето постои за да се скрши“ Оскар Вајлд, а „низ лузната влегува светлината“ Леонард Коен).
Шишето, очекувано, после долги години почнува да тежи, не може едноставно да се скрши и срцето бидува „заглавено“ внатре.
Секако, се е безнадежно без малку помош. Односно не без малку љубов.
Која, како што бидува во добрите книжевни дела, доаѓа од најнеочекуваното место.
…
Од каде љубовта доаѓа останува на Бирото за развој на образование да се заинтересира и евентуално и да открие. И да размисли зошто едно вакво дело, сега достапно и на македонски, не би било дел од лектирните содржини во основно. Конечно, еден куп портали и интернет страници за наставници и едукативни амтеријали го препознаваат како исклучително за деца од помеѓу 7 и 11 години.
Посебно битно да се нагласи е дека во овој контекст илустрацијата игра улога како во графички роман. Книгата не би била тоа што е да не се исклучителните илустрации. Кои не се дополнително илустрирање, туку ТИЕ СЕ ПРИКАЗНАТА.
Особено во однос на сцената на соочувањето со празнината каде илустрацијата е таква што имаме чувство дека сведочиме шок, сличен на тој на “Вресокот“ на Мунк.
Таквите илустрации се исклучително значајни за деца на возраст кога визуелното искуство е доминантно во односот кон книгите.
Илустрациите се навидум едноставни, но на ниво на симболи и нивно контекстуализирање се далеку подлабоки и покомплексни од купиштата шарени и пребоени наиви кои често се јавуваат во сликовниците.
Слично како и книгата, така и за илустрацијата е евидентно дека авторот се „истурил“ од работа. Дека не станува збор за нешто шаренко и продадено како илустрација за деца, туку нешто над кое се работело. Секој детал делува скоро совршено контекстуализиран.
Што секако предизвикува мала восхит и благодарност кај оние кои знаат дека добро книжевно дело е резултат на ужасен напор, „крварење“ над тастатурата за да се артикулира инспирацијата, да се вообличи претходниот евентуален креативен изблик.
Што секогаш е израз на самокритичноста на авторот наспроти иритантната и неоснована исполнетост со сопствените така празни „короничка домичка“ песнички.