На прашањето колку од деветте судии во Врховниот суд на САД треба да бидат жени – и во кој момент би имало доволно жени судии, Рут Бејдер Гинсбург имаше едноставен одговор: „Кога ќе има девет“.
Врховен суд само со жени-судијки? Зошто да не, според нејзиното гледиште. „Девет мажи беа задоволителен број до 1981 година“. Во 1981 година, Сандра Деј О Конор стана првата жена што служеше во Врховниот суд на САД. 12 години подоцна, втората жена беше Бејдер Гинсбург, која положи заклетва на 10 август 1993 година.
Демократскиот претседател Бил Клинтон ја номинираше за оваа позиција. Клинтон бараше нов судија на Врховниот суд во 1993 година. Бејдер Гинсбург во тоа време имаше 60 години, малку постара за ваква доживотна позиција. Но, голем број од нејзините приврзаници ја поддржаа активистката за правата на жените, пред сè нејзиниот сопруг, адвокатот Мартин Гинсбург. Кога Клинтон се состана со неа на првото интервју, работите се случија многу брзо. „За 15 минути решив дека ќе ја изберам“, рече тој, години подоцна.
Нејзината возраст за време на номинацијата наскоро беше заборавена. Бејдер Гинсбург ја следеше својата работа – како и секогаш – со страст. „Законот за мене е љубов која ме исполнува“, рече таа во 2018 година во документарниот филм за нејзиниот живот „РБГ“, нејзините иницијали и прекарот што симпатизерите го употребуваат, покажувајќи афекција кон неа.
Џоан Рут Бејдер е родена на 15 март 1933 година во Бруклин, Њујорк. Таа беше прва во своето семејство која ги заврши додипломските студии – а нејзиното семејство првично реагираше скептично на веста дека сака да стане адвокат. Но, како што раскажува Бадер Гинсбург во „РБГ“, кога се омажи за Мартин Гинсбург по дипломирањето на реномираниот универзитет Корнел, нејзините родители беа уверени. Рут би можела да продолжи да се занимава со правото – и ако во тоа не успее, сепак ќе има сопруг.
Бејдер Гинсбург студираше на Правниот факултет на Харвард, каде што исто така ги започна своите студии по право кратко време по нејзиниот сопруг – 14 месеци по раѓањето на нивната ќерка Џејн, а подоцна и синот Џејмс.
Таа беше една од деветте жени меѓу повеќе од 500 студенти во нејзиниот клас. Деканот на правниот факултет ја замоли Бејдер Гинсбург да образложи зошто таа има предност да студира на факултетот. Од друга страна, нејзиниот сопруг секогаш беше покрај неа и ја поддржа од самиот почеток. Рут и „Марти“ беа во брак 56 години се додека не тој не почина во 2010 година. „Средбата со Марти беше убедливо најсреќното нешто што ми се случило“, изјави Бадер во РБГ.
На нејзината втора година на Правниот факултет на Харвард, младата студентка беше меѓу првите 25 во класата и веќе и беше дозволено да пишува за престижното списание „Harward Law Review“. Во тоа време, Бејдер Гинсбург мораше да се справи не само со барањата на нејзините студии – туку и да се грижи и за нејзиниот сопруг кој се разболе од рак и за нејзината мала ќерка.
„Не барам услуга за мојот пол“
Марти Гинсбург ја надмина болеста и се приклучи на голема адвокатска фирма како даночен адвокат во Њујорк, каде што Бејдер Гинсбург се пресели и дипломираше на Правната факултет на Универзитетот Колумбија во 1959 година. Во следните години, работеше како адвокат се бореше против родовата дискриминација и еднаквоста пред законот .
Во 1973 година, во нејзиниот прв случај пред Врховниот суд, таа претставуваше жена војник во воздухопловството, која не ги добиваше истите бенефиции како нејзините колеги мажи. Бејдер Гинсбург ја цитираше Сара Гримке, активистка од 19 век, која рече: “Не барам услуга за мојот пол. Сè што барам од нашите сонародници е да ни ги тргнат нозете од врат”.
Таа победи.
Вкупно, таа победи во пет од шесте случаи што ги застапуваше во Врховниот суд. Гинсбург ги препозна нејзините аргументи на случајот презентирани пред судиите како начин за запознавање на мажите со реалноста на животот надвор од салите на Врховниот суд: Жените сè уште се дискриминирани. Таа зборуваше на својот мирен, но специфичен начин; познаниците ја опишаа како пристојна, мирна, воздржана и со тивок глас. Но, пред Врховниот суд, таа избра јасни зборови: „Мажите и жените се лица со исто достоинство и тие треба да се еднакви пред законот“.
Откако стана судијка на Врховниот суд, таа продолжи жестоко да се залага за еднаквост на жените. Дури и на сослушувањето во Сенатот пред нејзиното назначување во 1993 година, Гинсбург истакна дека на жената мора да и се дозволи сама да одлучи дали сака да остане бремена или пак сака да абортира. Дури и по оваа јасна изјава за едно многу контроверзно прашање во САД тој период, нејзиниот став беше потврден од Сенатот со 96 гласа „за“ и 3 „против“ – незамисливо во денешната политичка клима.
„Notorious RBG“
Писменото мислење на Бејдер Гинсбург за пресудите на Врховниот суд секогаш се чекаше со нетрпение. Кога јавно се согласи со мнозинското мислење од судот, секогаш носеше облека со препознатлива крагња или марама околу вратот над нејзината наметка. Кога таа го изразуваше своето несогласно мислење, носеше нешто друго. Токму овие спротивставени мислења ја зголемија популарноста на Бејдер Гинсбург, бидејќи Гинсбург секогаш до детали објаснуваше зошто смета дека пресудата на највисокиот суд е погрешна. Нејзиниот лик – со нејзините специфични очила, чипканата јака – и зборовите „Јас не се согласувам“ може да се најдат на чаши, копчиња, магнети и други предмети.
Нејзините јасни зборови и посветеност на правата на жените и во нејзината зрела возраст ја направија Рут Бејдер Гинсбург култна фигура меѓу левичарските гласачи и активисти. Таа исто така беше наречена „Notorious RBG“, алудирајќи на раперот The Notorious B.I.G.
Но, некои поединци ориентирани кон левото политичко крило жестоко ја критикуваа Бејдер Гинсбург, особено поради нејзиниот долг мандат како судијка на Врховниот суд. Овие критичари сугерираат дека доколку таа поднесеше оставка за време на мандатот на претседателот Барак Обама, тој во одредениот период ќе номинираше друг либерален судија. Но, Рут Бејдер Гинсбург постојано повторуваше дека ќе ја ја врши својата работа сè додека може да го прави тоа „со полна пареа“.
Оставка од политички и тактички причини никогаш не била опција за неа. Таа остана доследна на своите принципи до крај.
Преземено од: Deutsche Welle