Турската полиција употреби солзавец и гумени куршуми во четвртокот за да потисне илјадници луѓе, од кои многу жени, кои излегоа на улиците на Истанбул за да го одбележат Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.
Протестите, дел од еднонеделната национална мобилизација, започнаа во истиот период кога беа проследени барањата Турција повторно да се приклучи на Истанбулската конвенција, историски правен акт за заштита на жените што вклучува 45 земји и беше потпишан во најголемиот турски град во 2011 година.
Додека Турција беше првата земја што ја потпиша Истанбулската конвенција, во јули стана и првата што се повлече со владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган тврдејќи дека иницијативата била „преземена од група луѓе кои се обиделе да ја нормализираат хомосексуалноста“.
Турчинките двапати одржаа масовни протести поради повлекувањето, во март кога Ердоган првпат ја објави својата намера да се повлече и повторно во јули, кога потегот стана официјален.
Ердоган тврди дека постојните закони во Турција веќе обезбедуваат доволно заштита за жените, но здруженијата за права на жените во земјата велат дека конвенцијата обезбедила простор за носење на легислатива што владата никогаш не ја имплементирала целосно.
Најмалку 285 жени се убиени од страна на мажи во Турција во 2021 година, според платформата „Ќе го запреме фемицидот“, невладина организација која следи вакви инциденти и лобира убијците да бидат кривично гонети.
Во четвртокот, турскиот министер за внатрешни работи призна дека статистиката на неговото министерство за фемициди во земјата покажала дека оваа година е на пат да ја надмине минатата година – со 251 жена убиена до 15 ноември, во споредба со 268 во 2020 година – но владата „работи на тоа да го намали бројот на жртви“.
„Ова не е само статистика, ова е прашање на човечки животи и ние треба брзо да го решиме ова прашање“, рече Сулејман Сојлу на состанокот за преглед на националниот систем за известување за семејно насилство. „Насилството врз жените го гледаме како хуманитарен проблем и не можеме да толерираме ниту една загуба на живот.
Сепак, за многу жени во Турција, тешко е да се поверува во тврдењата на владата дека е заинтересирана да ги заштити, особено по нејзиното повлекување од Истанбулската конвенција.
„Жените ги полнат улиците затоа што во Турција и во целиот свет машкото насилство се зголемува“, изјави за Ал Џезира 25-годишната Гокче од Мрежата за одбрана на жените, организација која ги поврзува женските активисти низ целата земја. Како и многу други на протестот во четвртокот вечерта, таа исто така учествуваше на маршот во Истанбул во јули.
„Протестираме за правата на жените да се бранат себеси, за да повикаме на правда за жените кои беа убиени, за нивното право на работа, за правата на жените лезбејки.“
Гокче рече дека Истанбулската конвенција е производ на долгогодишната работа на активистите за правата на жените и дека иако Турција никогаш целосно не ги исполнила обврските наведени во неа, повлекувањето било неочекувано.
„Ердоган се повлече од Истанбулската конвенција со изговор дека шири хомосексуалност“, рече таа. „Феминистките ја напишаа оваа конвенција и се трудеа да се овозможи нејзината примена. Здруженијата за правата на жените ги посетија сите судови низ Турција, но и покрај тоа, конвенцијата сè уште не беше целосно применета во Турција. Повлекувањето од конвенцијата не треба да биде одлука само на еден човек.“