Над 100 активистки, политичарки, истражувачки, уметници, работнички од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија, Словенија и Србија вчера, 6 декември, ја основаа Феминистичката антифашистичка мрежа (ФАМа) во Белград, со видеовклучување на учеснички од сите земји на некогашната заедничка држава. На настанот беше претставен Феминистичкиот манифест на антифашистките за 21. век, за кој подетално зборуваше Адела Јушиќ (БиХ).
Поврзувајќи ја женската борба во 1942 година со денешните предизвици, Наџа Бобичиќ (Србија) подвлече дека ФАМа се основа на темелите што ги поставија жените од АФЖ и вети дека ФАМа нема да ги остави конзервативците на мир и дека нема да застане сè додека не се срушат матриците на капиталистичкиот поредок. Каролина Леаковиќ од Хрватска истакна дека се здружуваме не само за да направиме сè што можеме, туку и за да ги охрабриме другите да направат сè што можат, за жените да поверуваат дека ќе создадеме свет во кој сме среќни, во кој не работиме до исцрпеност и не му служиме на Шефот.
Санела Шкријељ од Северна Македонија изјави дека се бориме за слобода, суштинска еднаквост и еманципација: „Живееме во времиња кога сè почесто се сопнуваме од фашистички наративи, облечени во популизам и женомразење, кога етнонационализмот се продава како патриотизам, кога насилството ни го бои секојдневието и не поштедува ничие ментално здравје. Затоа не само што е важно, туку е и насушно потребно да ја имаме ФАМа – и да се погрижиме таа да биде гласна, да расте и да биде светол пример за солидарност и емпатија, бидејќи за нас е неприфатливо да молчиме пред неправдите!“ Вера Клипчиќ од Словенија го започна обраќањето со лична приказна, илустрирајќи дека стигнала дотука благодарение на пожртвуваноста на нашите претходнички.
Според Бесима Бориќ (БиХ), со формирањето на ваква мрежа го обновуваме оштетеното ткиво и ги промовираме идејата и етиката на заедништвото. Отпорот мора да биде наднационален и безвременски бидејќи без силно антифашистичко движење нема слобода. Марија Срдиќ го најави скорешното објавување на публикација која ќе ја сумира работата на Мрежата во изминатата година.
На крајот, истакна дека во фокусот на работењето на ФАМа следната година ќе бидат репродуктивните права: 50 години од донесувањето на Уставот на СФРЈ кој на Југословенките им го гарантираше правото на абортус. На самиот крај на настанот, приустните ги поздрави и Краус Александар, претседател на Антифаштистите во Србија. Тој срдечно го поддржа формирањето на Мрежата, истакнувајќи дека мажите направиле што можеле по овие прашања и дека сега е ред на жените, но и дека за ваков свет за каков се залага Мрежата, мораме да работиме сите заедно!
Идејата за формирањето на ФАМа се роди за време на одбележувањето на 80- годишнината од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија во декември 2022 година во Босански Петровац и Бихаќ.
Повикувајќи се на меѓународното наследство на АФЖ, постигнат е консензус дека зајакнувањето на феминистичкиот фронт и меѓусебната поддршка на просторот на поранешна Југославија се нужни во борбата против растечкиот фашизам, како и дека треба ги прифатиме и користиме искуствата на нашите претходнички во заложбите за еманципација, родова еднаквост и социјална правда.
Феминистичката антифашистичка мрежа (ФАМа) се основа по иницијатива на Женската платформа за развој на Србија (ЖПРС), здружено со сродни организации и иницијативи од земјите на поранешна Југославија и со голем активистички и волонтерски ангажман, како и со поддршка од Фондацијата „Фридрих Еберт“.