Со пилотирањето на медикаментозниот абортус на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, отсега оваа здравствена услуга ќе им биде достапна на жените како алтернативна метода за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус.
Медикаментозниот абортус (уште познат и како абортус со лекови) е едноставна и безбедна процедура која сè почесто ја заменува хируршката алтернатива: абортусот со лекови се користи во дури 80 % од случаите во земјите во Европската Унија. А во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19.
Медикаментозниот абортус кај нас ќе може да се направи до 22-та недела од бременоста и тоа само во консултација со гинеколог. По 22-та недела од бременоста, абортус може да се направи само со одобрение на комисија во клиниката, и тоа само доколку постои опасност по здравјето и животот на бремената жена.
Веруваме дека секоја жена треба сама да одлучува за своето репродуктивно здравје. Исто така, веруваме дека информацијата е здравје. Токму затоа, подготвивме брошура во која ќе ги најдете одговорите на најчестите прашања во врска со медикаментозниот абортус, вклучително и како се изведува медикаментозниот абортус, што да очекува жената од процедурата во наредните неколку недели и кога е потребно да се јави за помош или поддршка од лекарскиот тим.
Брошурата е достапна на македонски и албански јазик.