ХЕРА и Центарот за семејна медицина со поддршка на јавното здравство: Се отвораат нови четири гинеколошки амбуланти

Четири нови гинеколошки амбуланти се отвораат во Македонски Брод, Ресен, Радовиш и Делчево. Жените и девојките во репродуктивен период од овие региони ќе можат бесплатно да направат ПАП–тестови и да добијат контрацепција и други услуги за сексуално и репродуктивно здравје.

Претставници од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Центарот за семејна медицина, во просториите на Здравствениот дом во Македонски Брод беа присутни на отворањето на новата гинеколошка ординација, и го најавија отворањето на уште 3 гинеколошки ординации во здравствените домови во Ресен, Радовиш и Делчево.

Со отворањето на новите гинеколошки ординации, ќе се овозможат подобри услови за достапност до медицинска помош за сексуалното и репродуктивното здравје на над 20.600 жени и девојки на возраст од 15 до 49 години кои според досегашното мапирање, досега имале пристап само до 4 матични гинеколози.

На отворањето на ординацијата беа присутни амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија г. Савада Хиронори, градоначалникот на Македонски Брод г. Жарко Ристески, директорот на Здравствениот дом во Македонски Брод г. Жарко Симески,програмската директорка на ХЕРА Елизабета Божиноска и д–р Катарина Ставриќ од Центарот за семејна медицина.

Новите гинеколошки ординации се опремени со помош и соработка помеѓу ХЕРА и Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет од Скопје и со финансиска поддршка од Јапонскиот фонд на доверба на Меѓународната федерација за планирано родителство, поддржан од јапонската влада и јапонскиот народ. Опремата која ќе се користи во новите простории ќе остане во употреба на јавното здравство, со што ќе биде овозможено да ја користат и семејните лекари и гинеколози во иднина.

„Ординациите располагаат со бесплатна контрацепција (кондоми, орална контрацепција и итна контрацепција), едукативни брошури, како и тестови за земање на вагинални брисови за сексуално преносливи инфекции и ПАП. Сместени се во рамки на здравствените домови за да се олесни пристапот до гинеколошки услуги и семејно планирање за жените во овие градови. Првенствено им се наменети на семејните лекари кои имаат поминато соодветна теориска и практична обука организирана од страна на Центарот за семејна медицина и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, но ќе можат да ги користат и гинеколозите од секундарно или терцијарно ниво кои во одредени денови од неделата ќе можат да доаѓаат во здравствените домови и да даваат дополнителни специјалистички услуги.“

 

Македонски НовостиХЕРА