Мартина во нејзината кариера има доста значајни достигнувања. На 17 години добива награда за најдобар тапанар на фестивалот „T’k Таk“, што е само почеток на успешните музички проекти. Таа е доста активна на музичката сцена, а во моментов свири и турира со Funk Shui. Има голема желба да го пренесе своето досегашно знаење, па затоа има свое школо за тапани и предава на луѓе од сите возрасти. Неодамна за своите 16 ученици одржа концерт – „Student Drum Show“ во соработка со ДоРеМи. Главната цел во моментот и е да остави свој печат, и да ги охрабри луѓето околу себе да го прават тоа што го сакаат.
Во 2021 го издаде својот прв соло албум „Weird Fishes“ и има прв солистички концерт на фестивалот „Прво Па Женско“ во МКЦ. Кратко после тоа настапува на Alteisa DrumFest 2021 во Шпанија. Има свирено на фестивали како Yamaha Drum Days Paris, Skopje Drum Festival, Prishtina Drum Festival, но исто така одржува работилници меѓу кои и Berlin Drum Days и Salzgitter Drum Meeting. Во 2022, го извади и вториот соло албум „Sunrise“, а исто така беше и судија на добро познатиот натпревар „Hit Like A Girl“.
Во 2023 беше дел од документарецот Way Up House, поддржан од Yamaha. Мартина е артист на реномираните брендови Meinl Cymbals, Yamaha Drums, Promark Drumsticks, Evans Drumheads и Shure Microphones.
Вашите успеси како тапанарка се навистина импресивни и големи, а вашето искуство и знаење го пренесувате и преку вашето училиште за тапани за сите возрасти. Како се одлучивте за основање на училиштето, што беше поттикот и како сте задоволна од одзивот и заинтересираноста, особено меѓу девојките?
Ви благодарам многу! Вистински сум благодарна за сѐ што ми се случува и сите врати кои ми се отвараат. Искрено пренесување на знаење отсекогаш ми било пасија и имам доста трпение да објаснувам работи на луѓе, а исто така и да го најдам вистинскиот начин за секој човек – бидејќи секој е различен. Така и решив, моите почетоци се во школото каде што и едно време бев ученик, кратко после тоа сфатив дека можам тоа да го направам сама и така го основав моето.
Искрено, одзивот е преголем и некогаш и не сум во можност за жал да одговорам на побарувачката затоа што пропратно работам на своја музика, на социјални мрежи, во студио, одам на турнеи и патувања па пробувам секогаш добро да си го организирам и избалансирам времето со проектите.
Тоа што премногу ме радува е колку девојки се охрабрени да посегнат по овој инструмент, за разлика од моите почетоци. Така што не можам да бидам посреќна со мојата банда од ученици! Една од целите за наредниве години е да го проширам школото, и да најдам поголем соодветен простор за школото и моето студио 🙂
Ќе ве навратам на почетоците, што научивте низ годините додека сте тапанарка, од почетокот до денес, како се оформувавте и како ви изгледаат вашите почетоци од денешен аспект?
Научив дека тоа што го чувствувам во срцето и мојата интуиција секогаш треба да ги следам. Секогаш кога ќе го осетам она магнетно чувство кое ти вика дека треба направиш некаков чекор – е тоа е вистинското нешто по кое се водам. Можеби на моменти не е многу логично од страна, но досега секогаш се испоставило дека ме носи на многу интересни места и отвара врати кои што претходно не сум ни замислувала да ги видам, а не па да ги отворам!
Во врска со моите почетоци не би сменила ништо, сум имала многу среќа и поддршка и тоа е сѐ што ми било потребно.
Што е потребно да се биде тапанарка и да се занимава со музика кај нас но и општо, како изгледа една подготовка за настап или концерт?
Пред сѐ мислам дека е потребна добра физичка спремност. Редовно одам на тренинзи кај Елена Бубало и тоа ме држи во форма кондициски да ги издржам концертите, а и патот. Тренинзите не само што нѐ спремаат физички, туку со секој тренинг ја вежбаме и психата – после тежок тренинг сѐ е лесно хаха 🙂
Покрај тоа подеднакво е важна дисциплината, работа на себе и на инструментот секој ден и добра организација на времето. Според мене, потребно е да се работи на разновидни проекти за да се занимаваш со музика кај нас – а и во светот.
Подготовката за настап зависи од типот на концертот или настанот, но секогаш се состои од повторување на материјалот, а откога материјалот е спремен почнува и симулација на моментот – каде што се вежба real-life ситуација од настанот.
Сметате ли дека кај нас е потребно повеќе да се вложува за еднакви можности на девојките во музиката, во свирењето одредени инструменти со оглед на тоа што и самата секојдневно ги рушите стереотипите за свирење на тапани?
Сметам дека треба повеќе да се вложува во младите, и во културата. Би требало малку повеќе да се отворат очите кон луѓето и младите кои прават промени, воедно да се поддржат за промените и можностите за тие да бидат уште поголеми.
Дали вие сте се соочиле со некои од стереотипите за жени на тапани и кои биле тие?
Да, но секогаш ме мотивирале да го докажам спротивното. Главниот сомнеж/стереотип кога ќе ме видат како девојка на тапани е дека немам доволно сила да се носам со таков енергичен инструмент како што се тапаните – сѐ додека не седнам и го докажам спротивното хаха. Така што, искрено мило ми е кога ќе наидам на тоа 🙂
Дали имате некоја интересна ситуација или предизвик што особено го паметите низ вашата кариера?
Искрено обожавам да се ставам во ситуации кои се „ризични“ и надвор од мојата комфорт зона. Главната цел ми е да ги надминам и од тоа да пораснам па затоа и ги прифаќам, и константно се соочувам со такви ситуации. Еве би издвоила една кога прифатив да свирам на Drum Fest во Шпанија пред неколку години, воедно мојот прв Drum Fesdval (тоа е фестивал на тапанари, каде што свириш на сцена сам и треба да се покажеш во најдобро светло). Имав рок да се спремам за едвај 7 дена бидејќи беше ептен last minute, ама решив дека ќе го направам бидејќи знаев колку многу ќе научам за себе и од самото искуство таму.
Што најмногу читате/слушате, дали имате авторка/музичарка што ве инспирира или што ја следите?
Уф имам многу омилени тапанарки и музичарки што ги следам и ми се голема инспирација и мотивација и додека сум растела и сега: Stella Mozgawa, Anika Nilles, Madden Klas, Philo Tsoungi Бендот Warpaint, а исто така голема инспирација ми е и Billie Eilish ја обожавам нејзината музика и искреност.
Овaa иницијатива е дел од проектните активности фокусирани на „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија”, проект кој го спроведуваме заедно со Националниот младински совет на Македонија Национален младински совет на Македонија – НМСМ. Проектот е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а целта е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.