Херо(ина) на месецот: Џемилиана Абдулова, авторка и перформативна уметница

Силниот глас на Романипе и активистката која секојдневно се бори за препознавање и зачувување на ромската култура, традиција и идентитет, е авторката Џемилиана Абдулова, нашата Херо(ина) за месец октомври.  Нејзината книга „A Small Roma Memory Book“, го прикажува ромскиот идентитет, што е ризница на обичаи, историја и сè што ги прави Ромите свои и уникатни. Со Џема поразговаравме за нејзината инспирација и цел зад книгата како и собирањето материјали и истражувањето низ годините, но и за активностите преку Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе“, што активно ги поддржува ромските автори и авторки и го збогатува книжевното творештво.

Како перформативна уметница, постојано се трудите и вложувате во претставување на ромскиот идентитет, култура јазик и идентитет, со еден збор Романипе. Како изгледаа вашите почетоци како авторка, но како влијаеше и вашето опкружување и растење на вашиот професионален и личен развој?

Уметноста, креативноста, негувањето на традицијата, културата и јазикот во мене се пробудија на многу мала возраст. Растејќи посетував многу културни настани. Уште тогаш знаев дека кога ќе пораснам сакам да бидам личност која што зад себе ќе остави многу книги, перформанси, настани манифестации коишто ќе го збогатат постоењето на мојот народ. Во средно училиште се запознав со активизмот кој што беше првиот плод на мојот труд, преку семинари и обуки се стекнав со многу знаења коишто ми помогнаа патот да ми се трасира за да се пронајдам во културата и моите емоции да ги претворам во дела. Секое истражување е нова приказна која што треба да биде запишана и негувана. Јазикот и идентитетот се белези на еден народ што треба да се сочуваат. Според мене секој умее да го негува својот мајчин јазик. Потребно е само љубов и труд и голема упорност  за да се стигне до посакуваната цел.

Авторка сте на „A Small Roma Memory Book“,  книга за ромската култура низ годините, а „во книгата се поместени секвенци од спомени, парчиња што недостигаат, слики и значења, кои се испреплетуваат со приказни и текстови од одбрани ромски културни работници“, како што се вели во описот. Како се одвиваше процесот на истражување и собирање на материјалот за оваа книга?

Целиот процес беше макотрпен но во исто време и доста мил и полн со емоции, бидејќи вреди да се остави вакво дело за идните генерации кое знам дека ќе вреди и после многу години кога некој ќе ја прочита мојата книга. Во книгата има многу пишани и непишани факти бидејќи со книгата имав можност да ја прикажам сликата за ромската култура преку моите гледишта и моето искуство од дете досега, целото мое творешто.

Но, најважно за мене беше да ги претствавам темелите и основоположниците на ромската култура во нашата земја. Во книгата можете да прочитате за значајни творци на ромскиот театар, музика, шалвари, јазик историја сè што ги сочинува Ромите и ги прави Ромите уникатни со сите свои белези. Сето ова јас го нарекувам Романипе. Сè што нè прави нас Ромите да сме уникатни и наши .

Имав низа на интевјуа и истажувања. Книгата ја пишував скоро две години, и селекцијата беше навистина тешка за да одлучам да ставам и да одберам сè што го обележува еден народ прикажан преку моите сеќавања, слики, мемории и интервјуа со културните работници од нашата земја. Токму и производ на целата книга беше и мојот перформанс „Кои сме ние?“ преку кој сакав да покажам и да го доловам целото патување на Ромите со векови и нивната историја.

Преку интеракција да се запрашаме кои сме ние, дали се променивме или останавме исти, кој е нашиот став. Перформансот беше позитивно прифатен од страна на публиката, што ме измотивира да продолжам со многу други перофрманси, па и да напишам и нова книга за ромската култура.

Вие сте и активистка, а преку Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе“ ги поддржувате ромските автори и ја ширите мрежата и културата на солидарност и споделување на значајни ромски случувања и настани. Како се создаде „Бариканипе“, како изгледаа почетоците?

Приказната на Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе“ започна многу одамна.     Причината е да се збогати ромската ризница со многу дела и книги на ромски и македонски јазик за да може секој да ги прочита и сподели, но и да останат за сите идни генерации. Како што на нас позитивни примери ни беа генерациите пред нас така сакаме и ние младите да бидеме role models на генерациите кои допрва доаѓаат и ќе не наследат.

Културата на Ромите во изминатава деценија е во голем регрес. Годишно се реализираат неколку активности во само неколку области од културата. Сведоци сме на една до две театарски претстави и тоа повеќето се дел од одбележувањето на Светскиот ден на Ромите и се сведени на аматерско ниво. Имаме еден аматерски театарски фестивал, кој се реализира традиционално низа години и на кој може да се проследат неколку претстави, една од земјава и една до две од соседството.

Токму и затоа „Бариканипе“ што на ромски јазик значи гордост вложуваме премногу да ја збогатиме нашата култура и заедница со нови дела, книги, уметнички перформанси.

Колку сметате дека преку активизмот и артивизмот може да се поместат стереотипите и предрасудите, но и да се намали дискриминацијата кон Ромките во нашето патријархално и традиционално општество?

Активизмот и артивизмост се многу моќни алатки коишто можат да служат како начин против сите стереотипи и предрасуди со коишто се соочуваме секојдневно. Има премногу предизвици, патот како активист, како уметник, е трнлив. Но знам што сакам да постигнам имам голема мотивација и голема инспирација како млада уметница да постигнам сè. И да бидам авторка и уметница и културна работничка и новинарка, сè што ја прави Џема да биде уникатна и своја.

Знам дека и секоја друга млада Ромка се соочува со некаков стереотип секојдневно и се бори на нејзин начин да се намали истиот. Ние можеме и умееме  на наш уникатен начин да се справиме со сите препреки коишто ќе ни се појават. Има многу фактори кои влијаат и пречките можеби ни се исти, но исто така ист ни е и патот и борбата за успех. Во нашето патријархално и традиционално општество само образованието е клучот да се намалат сите предрасуди и стереотипи.

Кои се следните ваши активности и како авторка но и како дел од „Бариканипе“, на што сте фокусирани периодов?

Периодов сме фокусирани на реализирање на повеќе настани од страна на „Бариканипе“. Имаме низа на работилници за креативно пишување на поезија и проза „Жените преку стереоскопот на културата и уметноста создаваат трајни вредности“ за девојки и жени од сите возрасти. Тука ќе ја напоменам и поетската-музичка вечер ЕУРОМОНД 21 која што постои 20 години и е културен мост помеѓу сите заедници и култури.

Која авторка и кои книги од женско творештво ви дале инспирација низ вашето работење и дејствување и би ги препорачале за читање?

Мојата најголема мотивација за сè во животот е мојата мајка Севдија Д. Абдулова. Личност која што ме научи да ја сакам културата, уметноста и емоциите. Мојата најголема инспирација е токму таа, како авторка која што има напишано неколку книги, меѓу кои и првиот детски роман на ромски јазик „Волшебната шнола“ и неговото продолжение „Авантурите на Мелиса“. Кога прв пат ги прочитав токму овие две книги ме вратија во моето детство и во многу преубави спомени. Повторно бев дете, безгрижно и жедно кога ќе порасне да појде по нејзините стапки и да напише исто така значајни дела за сите останати дечиња и возрасти.

Овaa иницијатива е дел од проектните активности фокусирани на „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија”, проект кој го спроведуваме заедно со Националниот младински совет на Македонија Национален младински совет на Македонија – НМСМ. Проектот е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а целта е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.

stella networkстела