Јавен повик за новинари за изработка на истражувачки стории од областа на правосудството

Фондација Отворено општество-Македонија во партнерство со Коалиција „Сите за правично судење“ во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“ објавува

ЈАВЕН ПОВИК  ЗА НОВИНАРИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ИСТРАЖУВАЧКИ СТОРИИ ОД ОБЛАСТА НА ПРАВОСУДСТВОТО

Во рамки на проектот ќе бидат ангажирани 10 новинари кои што ќе треба да изработат истражувачки стории на теми од областа на правосудството: „Пречките на патот до функционално правосудство“ со посебен фокус на кривичната правда.

Освен изработка на истражувачки стории за новинарите кои што ќе бидат избрани во рамки на проектот ќе бидат спроведени бесплатни 6 тематски обуки за градење на нивните капацитети од областа на правосудството со посебен фокус на кривичната постапка и известување за судските постапки, запознавање со институциите на ЕУ и приближување на правото на Р.Северна Македонија до правото на ЕУ. Обуките ќе бидат спроведувани од страна на практичари и теоретичари од конкретната област, кои што ќе бидат ангажирани од страна на Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество-Македонија. Трошоците за обуките ќе бидат покриени од страна на организаторот.

Обуките и работата на новинарите на истражувачките стории ќе се спроведуваат во периодот ноември 2020-јуни 2021 година. Присуството на обуките е задолжително за новинарите.

Пријавувањето на јавниот повик вклучува избор на тема од понудената област за која кандидатот треба да достави разработен истражувачки концепт во кој ќе ја образложи темата која има интерес да ја истражува во рамки на областа на правосудството: „Пречките на патот до функционално правосудство“ со посебен фокус на кривичната правда. Истражувачкиот концепт не треба да е подолг од 300 збора. Концептот треба да опфаќа: опис на темата, релевантност на темата, извори од каде ќе се прибираат податоците, методологија. Темата на истражувачката сторија ќе биде дополнително развиена и утврдена согласно тековните околности и реформи кои што се случуваат во правосудството. Кандидатите можат да бидат вработени новинари или слободни новинари a eден кандидат може да учествува со максимум еден предлог концепт.

Изборот на кандидати го врши Советодавен одбор, врз основа на релевантноста на темата, изводливост на истражувањето, истражувачки пристап и искуство на новинарот. Избраните новинари во текот на истражувањето ќе работат со ментори-уредници, кои ќе бидат ангажирани во рамки на проектот.

Избраните кандидати ќе добијат бруто надоместок во износ од 700 долари. 

Новинарот ги задржува авторските права врз делото и има обврска да постапи по насоките дадени од страна на уредникот.

Заинтересираните новинари, можат да го пријават истражувачкиот концепт со пополнување на образецот за пријавување и биографија на македонски јазик на мејл адресата ipetkovska@all4fairtrials.org.mk, најдоцна до 16.10.2020 година (петок) до 17:00 часот, со наслов „Истражувачки стории“.

По разгледување на доставените пријави, успешните кандидати ќе бидат контактирани.

При избор и селекција на кандидатите ќе се внимава на родовата и етничката застапеност.

Напомена: Пријавите кои што нема да бидат испратени во предвидениот рок или не се целосни нема да бидат земени предвид.

ЈавенПовикМакедонски НовостиПоглавје23Правосудство