Во рамките на 14-тиот ден на Марија Јуриќ Загорка, што се одржа на крајот на ноември, социологот Јана Кујунџиќ одржа интересна презентација на темата брачно силување, што е исто така тема на нејзиниот докторат на Универзитетот во Есекс. Наспроти митовите дека силувачите се странци кои демнат во темните улици, во повеќето случаи жртвата го познава сторителот, односно уште еднаш се потврдува дека домот е најопасното место за жената. Кујунџиќ го истражува проблемот со брачното силување во врска со нееднаквата распределба на средствата за производство, ресурсите и моќта.
Што ве поттикна да го посветите вашиот докторат на темата политички и правен контекст на силување во брак?
Претходно, во мојот дипломски и подоцнежниот последипломски труд, пишував за родово насилство и силување за време на војна, а подоцна многу размислував и во разговори со активисти и феминистки кои се занимаваат со прашањето за сексуално насилство многу години, како всушност за силување во бракот многу малку се знае и зборува. Откако брачното силување беше признато како кривично дело во Хрватска во 1998 година, многу малку случаи се појавија на суд, а извештаите на феминистичките организации и женските засолништа покажуваат дека ваквите случаи не се невообичаени.
Особено морам да ја споменам д-р сц. Маја Мамула, координаторка на Женска соба, бидејќи токму разговорите со неа и нејзината работа, како и работата на целата Женска соба, ме инспирираа и охрабрија да го посветам својот докторат на темата силување во брак. Бидејќи по професија сум социолог (магистер по родови студии) ме интересираше поширокиот контекст во кој се случува брачното силување, начинот на кој општеството го перципира, особено како тоа го гледаат државните институции и како правниот систем го конципира, вклучително законите, политиките и судската пракса.
Како го гледате влијанието на економската зависност на жените на сексуално насилство, особено во брак/вонбрачна заедница?
Ми се чини дека економската зависност е општествено прифатена појава, барем премолчено. Оттаму, нормално е дека ако мажот заработува повеќе, тој е тој што првенствено се грижи за финансиите и донесува важни финансиски одлуки. Ако е така, и тоа е врска или брак во кој е присутно насилство, тоа значи дека жената не може туку така да си замине. Излегувањето од насилна врска е само по себе тешко, а ако е присутна и економска зависност, тоа дополнително ја комплицира ситуацијата.
Мислам дека економската зависност во случаи на сексуално насилство ретко се зема предвид или некако лесно се надминува кога се поставуваат барања или јавни пораки дека сите жени треба веднаш да излезат од насилна врска. Мислам дека тоа е исто така она што правниот систем не сака да го разбере, дека некои жени едноставно не можат да си дозволат да останат во судски процес против нивниот сопруг или партнер, а тоа мислам да можат да си дозволат во секоја смисла на зборот, и ментално и емоционално, но особено економски, посебно доколку и децата се присутни во сето тоа.
Како дел од вашите докторски студии, спроведовте серија интервјуа со релевантни чинители. Кои беа сите соговорници и како се разликуваат нивните искуства во зависност од полето во кое работат? Можете ли да издвоите приказна или информација што особено ве импресионирала?
Интервјуирав адвокати, обвинители, полицајци, судии, новинари, социјални работници, координатори на феминистички здруженија, психолози, претставници и вработени во засолништа за жени жртви на насилство. Многу е интересно да се слушне начинот на кој они размислуваат за брачното силување, за нивните професионални одговорности и тешкотиите со кои се соочуваат во нивната работа, како и соработката и делувањето во институциите.
Нивното работно искуство секако се разликува во зависност од полето на работа, на пример, искуството на работа во суд и во центар за социјална помош или невладина организација е различно. На пример, една поранешна обвинителка ми рече дека додека работела во канцеларијата на државниот правобранител таа немала можност да ја слушне перспективата на жртвата, нејзиниот психолошки, емоционален и историски аспект на бракот или врската, туку најмногу се фокусирала на факти, докази, сведочења. Од друга страна, професионалците кои работат директно со жени кои доживеале насилство имаат можност да ги слушнат и разберат животните детали и околности во кои живеела жената.
Тешко ми е да издвојам само една приказна затоа што навистина имав можност да чујам многу импресивни искуства од областа на работата на моите соговорници. Можеби, тука, искуството на психолог која работеше во засолниште за жени и која беше повикана на суд како сведок во случај на брачно силување, се врежа во моето сеќавање. Таа ми рече дека за неа тоа било многу непријатно искуство затоа што била нападната од адвокатот на насилникот за време на нејзиното сведочење како може да знае што точно се случило меѓу нив, дали била со нив во собата и слично. На што таа одговорила, не, секако не, но дека сведочи за она што и го довериле децата на жената жртва и самата жртва во засолништето за жени. Честопати мислам на зборот што го користеше за да опише како адвокатите на обвинетиот се однесуваа кога ги испитуваат жртвата и сведоците на жртвата, особено ако станува збор за добро платени адвокати: таа рече дека тоа е „едноставно масакр.“ Мислам дека хиперболата навистина добро го рефлектира искуството на многу жени жртви во судските постапки.
Во вашата презентација „Силувањето во брак како политичка економија на насилството“ на Деновите на Марија Јуриќ Загорка, ги споменавте концептите на феминистичката политика на препознавање и феминистичката политика на прераспределба – можете ли да ни кажете повеќе за тоа?
Секако, пред се мислев на Ненси Фрејзер и нејзината книга „Богатството на феминизмот: од државен капитализам до неолиберална криза,“ (Fortunes of feminism: From state-managed crisis to neoliberal crisis) што ме поттикна да размислувам за политиката на идентитет и подемот на неолиберализмот. Главната теза на Фрејзер е дека она што денес им треба на феминизмот и феминистичката политика е токму дводимензионалност: комбинирање на политики за признавање со политики на прераспределба за да се избегне опасен, но и несреќен сојуз со капитализмот. Таа нагласува дека за неа, феминизмот не е поставување на одредени жени на позиции на моќ, дури и ако тие жени биле членови на разни маргинализирани групи, туку само надминување на самите хиерархии на моќ.
Во контекст на силување во брак, ова би значело дека не е доволно само декларативно да се признае дека такво нешто се случува или да има закони и регулативи кои декларативно ги наведуваат правата на жртвите без материјална и економска поддршка (тоа е токму она што Истанбулската конвенцијата треба да го придонесе). Мислам дека е важно да се бара, како што посочува Фрејзер со барањата за прераспределба на ресурсите и социјалните промени, односно да се инсистира и на признавање и на прераспределба.
Во вашата работа, вие укажувате и на ограничувањето на пристапот до социјалните услуги, односно намалувањето на финансирањето на секторот за социјална помош, но и за граѓанските организации (ГО). Во оваа смисла, како ја гледате позицијата на граѓанските организации, кои од една страна се помалку се финансираат, а од друга страна државата пренесува се поголема одговорност на нив да работат со жртви на семејно/сексуално насилство?
Сметам дека положбата на ГО е ужасно лоша, особено во контекст на обемот на работа што државата им ја пренесува, а во исто време не е придружена со систематско финансирање. Тогаш тоа е деградација на стандардите за услуги, и додека многу проекти и програми се покажаа како одлични во локалната заедница, државата не ги препозна и не го презеде финансирањето на тој дел. Мислам дека ова е срамота и индикација за тоа колку малку се цени непрофитниот сектор, а во исто време од него се бара да ги залепи дупките во државните институции.
Конечно, каде според вас „не успеа“ спроведувањето на Истанбулската конвенција?
Ужасно ме нервира што нема многу достапни информации за спроведувањето на Истанбулската конвенција. Во извештајот на Народниот правобранител за родова еднаквост за 2019 година, таа исто така предупредува дека не се отворени нови засолништа ниту се зголемени финансиските ресурси за инфраструктурата на постојните засолништа. Слична изјава беше дадена во изјава на Работничкиот фронт во јули годинава со која се бара итно и ефикасно спроведување на конвенцијата, бидејќи владата досега не ги исполни своите ветувања за отворање нови засолништа и отворање 24-часовна државна СОС-линија . Тие во изјавата тврдат дека апликациите за финансирање биле одбиени со изговор дека понатаму е спречено делењето на средствата заради Ковид-19, што апсолутно се согласувам дека е апсурдно бидејќи токму пандемијата придонесе за зголемување на насилството врз жените.
Се плашам дека Истанбулската конвенција ќе остане мртво име на хартија – за време на моето истражување имав можност да видам дека во пракса многу меѓународни регулативи не се спроведуваат затоа што нема контрола врз спроведувањето, па на поединци останува да одлучуваат дали ќе се придржуваат или не, и дали воопшто се запознаени со содржината на Конвенцијата. На пример, една работничка во засолниште се повика на одредбите од Истанбулската конвенција во разговор со вработените во Центарот за социјални работи, а тие ја прашаа дали може да им објасни што точно пишува таму.
Превод од хрватски јазик: Рушка Бабиќ