Намалената казна и последователното ослободување на човек осуден за брутално силување на дете покрена нова дебата околу правниот систем на Јужна Кореја, пренесува Дејвид Оу за BBC.
Пред 12 години, утрото на 11 декември, осумгодишно девојче се упатило кон училиште во Ансан, југо-западен Сеул и била киднапирана од Чо Ду-Сун, 56-годишен поранешен осуденик.
Тој ја однел во тоалет во една црква која била во близина кадешто брутално ја претепал и силувал. На-јанг – ова не е нејзиното вистинско име – преживеа. Но, таа сепак сега претрпува физички повреди и ментална траума од нападот.
И сега, таа мораше да се пресели: на нејзиниот силувач му беше дозволено да се врати во Ансан, кадешто го изврши злосторството. Новата резиденција на Чо е на помалку од 1 км (0,6 милји) од куќата на На-јанг.
„Не сакавме да побегнеме, но немавме друг избор. Исто така, сакав да дадам порака дека владата не направи ништо друго освен што ја принуди жртвата да се крие,“ ми рече нејзиниот татко само неколку дена откако беше ослободен Чо, откако ја одлежал намалената казна од 12 години.
Тој додаде дека На-јанг не сакаше да се пресели затоа што не сакаше да ги напушти своите блиски пријатели. Семејството исто така се плашело дека со преселување ќе го откријат нивниот идентитет. Но, тие сфатија дека тоа сепак е единствената опција.
„Поминаа многу години, но сепак ништо не се смени. Товарот сè уште паѓа целосно на жртвата,“ рече тој.
Пијанството како изговор
Случајот на Чо предизвика масовна критика кон судскиот систем во земјата кој е попустлив кон сексуалните престапници.
Првично беше осуден на 15 години затвор. Но, апелациониот суд подоцна ја намали казната на 12 години, бидејќи тој тврдеше дека бил пијан кога го силувал девојчето. Тоа е затоа што во Јужна Кореја судските процеси за злосторства извршени под силно дејство на алкохол носат далеку поблаги казни.
Кривичниот законик на земјата, член 10 (2), исто така познат како „Сим Син Ми Јак,“ вели дека судот може да ја намали казната кога лицето „кое, поради ментално растројство, не е во состојба да врши дискриминација или да ја контролира својата волја.“ Во меѓувреме, законот „Џо Ши Гам Хјунг“ наведува дека „злоупотребата на супстанции“ ја нарушува менталната состојба на една личност.
Сепак, јавноста изрази незадоволство кога казната му беше намалена. Јун Јунг-Сук, од Корејскиот институт за криминологија, рече дека случајот на Чо предизвикал дебата низ целата земја.
„Неговиот случај го смени корејскиот закон и начинот на кој гледаме на пијанството во криминалот,“ рече Јун.
По случајот на Чо, националниот законодавен дом го измени законот за да им отежне на обвинетите да користат алкохолна интоксикација како одбрана.
Сепак, одредбата останува и покрај растечките повици за аболиција, а проценката за „пијанство“ продолжи по дискреционо право на судот.
Дополнително, во октомври 2019 година, на 26-годишен маж му беше намалена казната од три години затвор на четири години условна казна за сексуален напад врз студентка на факултет. Неговата одбрана тврди дека тој бил пијан во моментот на инцидентот.
Дури и на почетокот на оваа година, 24-годишен човек по име Сон Јонг-ву беше ослободен по 18 месеци во затвор за водење на најголемата веб-страница на порнографија со деца. Во јули, локалниот суд го отфрли американското барање за негова екстрадиција.
Активистите за правата на жените велат дека неуспешната екстрадиција ја нагласува лежерноста на правосудниот систем кон сексуалните престапници.
Јавен бес
Ослободувањето на Чо предизвика страв и вознемиреност во Јужна Кореја. Повеќе од 600,000 луѓе ја потпишаа петиција на веб-страницата на претседателската Сина куќа, повикувајќи на повторно судење и аргументирајки против неговиот повторен прием во општеството. Но, владата одби.
Бесот на јавноста беше очигледен кога Чо, сега 68, се врати во резиденцијата на неговата сопруга во Ансан на 12 декември. Голема толпа се појави со извици „погубете го!“ и „кастрирајте го!“.
Кога осуденикот со сива коса пристигнал во владино комбе, придружуван од полицајци за условно ослободување, неколку лути демонстранти фрлале јајца и го клоцале возилото.
За да ја намали загриженоста на јавноста, полицијата вети деноноќно следење, инсталираше 35 надзорни камери и постави нови полициски штандови околу населбата на Чо. Покрај тоа, Чо ќе треба да носи електронски уред за следење седум години.
Тие, исто така, им понудија на семејството на На-јанг паметен часовник што ќе открие и сигнализира ако сторителот се наоѓа во нивна близина. Но, нејзиниот татко рече дека тоа ќе ги натера „да се чувствуваат анксиозно,“ и семејството одби да го користи.
„Доколку часовникот испрати предупредување до мојата ќерка, таа ќе биде вознемирена“ рече тој, додавајќи дека се плаши дека уредот најверојатно ќе им помогне на луѓето да ја идентификуваат како жртвата на нападот.
‘Каде е гласот на жртвата?’
Правни аналитичари велат дека правосудниот систем се менува, но не е доволно.
Јунг Сеунг-јун, професор по право на Националниот универзитет во Пусан смета дека треба да има „измени во изрекувањето на пресудата и постапката на ослободување“ за законски да се следат ослободените криминалци, без да се грижат за двојни казни.
Јунг рече: „Доколку судот на Чо му изречеше казна од 30 години, наместо на 12 години, сепак ќе можевме да го ослободиме по 12 години – но со многу силни услови да спречиме повторено злосторство.“
Јунг исто така тврди дека сегашниот правен систем прави многу малку за да се земат предвид ситуациите со жртвите.
“Корејскиот правен систем треба повеќе да се грижи за мислењето на жртвите. Каде беше гласот на жртвата кога судот донесе одлука за 12 години затвор за Чо До-Сун?”
Делумно поттикнати од ослободувањето на Чо, пратениците предложија неколку правила за сексуалните престапници ослободени од затвор. Забележително, Ким Јанг-хо од владејачката Демократска партија (ДП) предложи предлог-закон со кој се бара доживотна казна затвор за сексуални злосторство врз деца доколку тие го повторат злосторството и исто така сегрегација од општеството.
Повикот доаѓа во време кога бројот на сексуални злосторства врз децата се зголемува. Според полицијата, бројот на сексуални злосторства извршени врз деца под 13-годишна возраст се искачи од 1.083 во 2016 година на 1.374 случаи во 2019 година.
Претставникот Јунг Чун-соук од ДП, исто така, предложи предлог-закон насочен кон зајакнување на на забраните за доближување до училиштата и игралиштата од 100 метри на 1 км оддалеченост.
„Клучот е да се зголеми казната (сексуални злосторници врз деца) и да се засилат заштитните мерки за жртвите,“ напиша г-ѓа Јунг на својата страница на Фејсбук.
Случајот на Чо исто така го натера националниот законодавен дом да создаде закон, наречен „Чо Доо-сун закон,“ кој им забранува на лицата кои сториле сексуални злосторства врз малолетници да ги напуштаат своите домови во вечерните часови како и за време на часовите кога учениците патуваат до и од училиште.
Сепак, Јун Јунг-Соук, од Корејскиот институт за криминологија, рече дека „бидејќи е невозможно засекогаш да се изолираат овие криминалци од нашето општество, криминалниот систем мора да обезбеди начини тие да бидат реформирани кога ќе се вратат.“
Таа додаде дека воспитно-поправните установи мора да вложат повеќе напори кон рехабилитација на тие криминалци за „доброто на нашето општество,“ истакнувајќи дека самата казна статистички прави многу малку за да се спречи повторувањето на постапката.
Таа рече: “Сите ги мразат сторителите на сексуални злосторства. Сите го знаеме тоа. Целиот свет ги мрази. Но, нивното враќање е неизбежно. Тие ќе се вратат.”
Долготрајна траума
Исто така, треба да постои многу поголема поддршка на жртвите, вели таткото на На-јанг.
Тој се плаши дека огромното внимание проследено по ослободувањето на Чо „на крајот ќе исчезне,“ додавајќи дека она што им треба на семејствата на жртвите е „постојано внимание.“
„Ќе биде покорисно, доколку има назначен јавен службеник или социјален работник кој би можел да да одржува контакт со жртвите. Еднаш во месецот или на секои два месеци, доколку ни се јави, да не праша како се чувствуваме, ќе направи да се чувствуваме многу побезбедеи и посигурни.“
„Вие не сте сами и ние ве поддржуваме. Тоа е она што семејствата на жртвите навистина сакаат да го слушнат.“
Превод: Рушка Бабиќ